Државата со закон ќе покрива дел од трошоците за печатење и дистрибуција на весниците

Станува збор за националните весници кои, како што велат од Владата, „имаат сериозни проблеми со големите трошоци за печатење и дистрибуција, како последица на високата цена на хартијата и на зголемувањето на цените на горивата

Фото: Архива на Мета

Владата на вчерашната седница го утврди текстот на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за медиуми и го испрати на усвојување до Собранието.

Меѓу клучните цели на измените и дополнувањата е поддршката на националните весници. Владата и досега ги поддржуваше печатените медиуми преку донесување Програма за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми, но, со предлог законот ова прашање ќе се уредува преку системско решение, како дел од Законот за медиуми.

Станува збор за националните весници кои, како што велат од Владата, „имаат сериозни проблеми со големите трошоци за печатење и дистрибуција, како последица на високата цена на хартијата и на зголемувањето на цените на горивата, а имајќи предвид дека медиумите имаат голема улога во развојот на демократските капацитети на државата, унапредувањето на економијата, развојот на етичките норми и стандарди на новинарството, придонесот кон отворање дебати за прашања од јавен интерес“.

Со измените и дополнувањата, како што е образложено од предлагачот, Министерството за информатичко општество и адиминистрација (МИОА), се уредуваат следните уредби: еднократна финансиска помош што печатените медиуми би ја добивале од страна на Владата; начинот на објавување на јавниот повик до печатените медиуми, процентуалниот износ којшто Владата ќе го покрие во делот на трошоците за печатење и дистрибуција на весниците; правото на учество и условите коишто треба печатениот медиум да ги исполнува. Воедно, во предлог законот се предвидува и основање Комисија којашто е надлежна да одлучува по однос на поднесените барања.

Државата почна да субвенционира дел од трошоците за печатење и за дистрибуција на весниците во 2018 година, кога подели околу 700 илјади евра. Поради ковид пандемијата и кризата предизвикана од војната во Украина, од година во година сумата се намалуваше.

Минатата година, 11 печатени медиуми добија субвенции во износ од 324 илјади евра.