Забрана за тргување на сè што е производено со принудна работа, одлучи ЕУ

Производите за кои ќе се утврди дека се направени со принудна работа, според договорот, ќе бидат запленети и „донирани, рециклирани или уништени“, соопшти Европскиот парламент

-

Без разлика дали станува збор за шраф, зрно какао, метла или автомобил – во иднина ништо што е произведено со принудна работа нема да може да се тргува во Европската Унија. Забраната беше договорена од преговарачите на Европскиот парламент и земјите-членки на ЕУ, пренесе германската новинска агенција ДПА.

Производите за кои ќе се утврди дека се направени со принудна работа, според договорот, ќе бидат запленети и „донирани, рециклирани или уништени“, соопшти вчера Европскиот парламент.

Членовите на ЕУ и Парламентот допрва треба да го ратификуваат договорот, а законот ќе се спроведува со транзициски период од неколку години. Ратификацијата, речиси секогаш само формалност.

Доколку постои сомнеж дека некоја стока е произведена со принудна работа надвор од ЕУ, истрагата ќе ја спроведат Европската комисија и земјата-членка на ЕУ каде што стоката пристигнала.

За забраната на производот ќе одлучува институцијата што ја води истрагата. На пример, ако дел од автомобилот е произведен со принудна работа, не мора да се уништи целото возило, туку делот мора да се замени.

Основата на договорот е предлогот на Европската комисија од 2022 година. Комисијата наведува дека околу 27,6 милиони луѓе во светот работат принудна работа.

Меѓународната организација на трудот МОТ ја дефинира принудната работа како „секоја форма на работа или услуга што се бара од лице под закана од казна, а за која тоа лице доброволно не се понудило“.

Европската комисија наведува дека принудната работа се јавува во многу сектори, најчесто во „одредени услуги, текстилната индустрија, рударството и земјоделството“.

„Се проценува дека 80 модерни робови работат за секој граѓанин на Европа во текот на нивниот живот“, изјави Ана Кавацини, европратеничка на Зелените, учесничка во преговорите.

Таа го критикуваше фактот што предлог-законот не вклучува компензација за жртвите на принудна работа. И покрај ова, договорот означува важна пресвртница, додаде Кавачини.

Спротивно на тоа, либералната пратеничка на ФДП, Свења Хан, ја поздрави одлуката за изоставување на компензацијата. Според неа, Европската комисија прво треба да процени дали тоа воопшто би имало некаков исход.

Гувернерката ги прими стипендистите од ЕФА: НБРСМ со поддршка за младите

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, вицегувернерката Ана Митреска и главната економистка, Анета Крстевска ги примија стипендистите на Европскиот форум Алпбах (ЕФА) ‒ Александар Каратошо, Бесар Бекири, Ана Софеска...