Манчевски: Опозицијата четири месеци ги кочи медиумските закони


       
Скопје, 12 јуни, 2018 - 15:27 (META) 

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски денеска на прес-конференција во Владата побара собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија, со која претседава ВМРО-ДПМНЕ, да работи без престан и секојдневно, додека не заврши амандманската расправа за Предлог законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Тој рече дека опозицијата треба да мисли на интересот на граѓаните, наместо со голем број амандмани да се бори да ги задржи нејзините кадри во Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) и во Програмскиот совет на Македонска радиотелевизија (МРТ)

– Не сме против дебата за амандманите, но треба да заврши во разумно време. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се против јавна расправа, односно јавно претставување на кандидатите за членови на Програмскиот совет на МРТ и на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги – рече Манчевски.

Според Манчевски, цели четири месеци опозицијата прави бескрајни дебати чија јасна цел е одложување на донесувањето на законот. Притоа, вели министерот, ВМРО-ДПМНЕ поднесува контрадикторни амандмани.

– Се одржаа само шест седници на Комисијата на кои успеавме да поминеме само седум амандмани, а ни остануваат уште 67. Со оваа динамика законот ќе биде усвоен за 2,5 години од сега. Во измените,  се предлага задолжителната програма на МРТ од домашна продукција да се намали од сегашните 50 на 40 отсто, а во амандманите ВМРО-ДПМНЕ бара и намалување и зголемување и предлага да биде од 30 до 70 отсто во седум различни амандмани – рече министерот за информатичко општество и администрација.

Тој вели дека власта нема да се откаже од намерите да ја тргне медиумската сфера од влијанието на политичарите и да ги остави медиумите да работи слободно.

– Нема да дозволиме Македонија никогаш повеќе да биде оценета како неслободна држава каде медиумите работат под притисок, уцени и страв. Регулаторните тела и особено националниот радиодифузер и медиумите треба да се остават на медиумските работници – вели Манчевски.

„Манчевски денеска изврши класичен притисок врз законодавната власт со намера да се донесе неквалитетен закон кој што ќе овозможи груба партизација на медиумските регулаторни тела, обвини ВМРО-ДПМНЕ, реагирајќи на денешната прес-конференција на министерот за информатичко општество и администрација.

„Тоа што ја интересира СДСМ е набрзина носење на закон кој што ќе им овозможи владеење со медиумски креиран мрак и лишување на граѓаните од информациите за неработењето, партизацијата на администрацијата, злоупотребите на власта, штетните политики во сите сфери, осиромашувањето на граѓаните, девастирањето на државата дома и на меѓународен план“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.