!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Тевдовски: Долгот на државните институции изнесува 363 милиони евра


       
Скопје, 20 јули, 2017 - 14:05 (META) 

Долгот на државните инстутиции заклучно со 31 мај годинава изнесува 363 милиони евра, информираше денеска министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Тој додаде дека прегледот на неплатените обврски е изработен врз основа на податоци кои буџетските корисници, фондови, јавни претпријатија и општини ги доставиле до Министерството и оттука не може да се гарантира нивната веродостојност.

– Неплатените обврски на буџетските корисници изнесуваат 5,1 милијарди денари, на фондовите – 30 милиони денари и на локалните установи финансирани преку блок-дотации – 833 милиони денари – изјави Тевдовски.

Најголем долг има во областа на културата, во износ од 2,4 милијарда денари. Тука, неплатените обврски се за изградбата на салата на Филхармонија, Драмски театар, објектот на Музеј „Мајка Тереза“ и театарот во Велес.

Неплатените обврски на јавните здравствени установи, изнесуваат 3,2 милијарда денари. Најголеми се долговите на Институтот за трансфузиона медицина (283 милиони денари), Градска болница „8 Септември“ (226 милиони денари), Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ (201 милиони денари).

– Јавните претпријатија имаат неплатени обврски во износ од 6 милијарди денари. Најголеми се во „МЖ Транспорт“, која должи 2,439 милиони денари, МЕПСО (977 милиони денари) и „Македонија пат“ (779 милиони денари), која должи врз основа на неплатен данок – додаде Тевдовски.

Општините имаат неплатени обврски во износ од 4,6 милијарди денари, а најголеми долгови имаат Општина Охрид (719 милиони денари), Општина Тетово (499 милиони денари) и Општина Карпош (476 милиони денари).

Министерот за финансии информираше дека во моментов се договара со Светска банка за да се најде начин како да се намират овие обврски. Истовремено, Министерството за финансии планира надоградба на софтверот за неплатените обврски да бидат системски евидентирани и да се гледаат во реално време.