Заев и Мицкоски им честитаа на ракометарите за победата над Словенија


Скопје, 14 јануари, 2018 - 11:10 (META) 

Преку своите профили, премиерот Зоран Заев и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчеравечер им ја честитаа победата на македонските ракометни репрезентативци кои со победа над машката репрезентација над Словенија од 25:24 ги почна настапите на Европското првенство што се одржува во Хрватска.

„Одличен почеток на нашата репрезентација на Европското првенство во ракомет. Вие сте нашата гордост и заедно се радуваме на овој успех. Посакувам среќа и многу голови во следните натпревари со Црна Гора и Германија“, напиша премиерот Заев.

Нови победи на македонските ракометари им посака и претседателот на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ.

„Упорноста се исплати, со срце и силна волја се бранат боите на Македонија. Честитки за победата на македонските ракометари. Нека се множат победите јунаци“, напиша на својот ФБ профил лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во честитката до ракометарите.

По нерешените 11:11 на крајот на првото полувреме, „црвено-жолтите“, во второто полувреме од почеток настапија агресивно и со серија од 4-0 за четири минути, а во 35.м инута празен гол за плус 5 од својата половина промаши Дејан Манасков, по што Словенците го постигнаа првиот гол во продолжението. Тука ситуацијата се сврте и следуваше подобра игра на словенечкиот состав и постојана тесна трка на резултатите се до драматичен финиш, во кој поуспешни беа нашите репрезентативци.

Најефикасни во македонската селекција беа Дејан Манасков со осум и Кире Лазаров со седум погодоци.

Следниот натпревар на ЕП во Загреб Македонија ќе го игра в понеделник со Црна Гора, во  2-то коло од Ц-групата.


Голема акција за апсење во Хрватска поради аферата „Агрокор“


Загреб, 16 октомври, 2017 - 11:41 (META) 

Уапсени се четворица од поранешните клучни раководители на концернот „Агрокор“ во Хрватска, во акцијата што почна рано утрово, а во чии рамки е претресена и „Кулмеровата палата“ во Загреб, сопственост на основачот на „Агрокор“, Ивица Тодориќ.

Според информациите во хрватските медиуми, Ивица Тодориќ не е во Хрватска.

Уапсени се поранешниот шеф на финансии на „Агрокор“, Иван Црњац, поранешниот член на надзорниот одбор на концернот, Томислав Лучиќ, поранешната членка на управата на компанијата, Пирушка Цањуга, и поранешната потпретседателка на „Агрокор“, Љерка Пуљиќ.

Според Државното јавно обвинителство, се води голема истрага под сомнеж за стопански криминал и за фалсификување. Издадени биле повеќе од 60 налози за претрес, а во акцијата се вклучени повеќе од 300 полицајци, велат неслужбените информации.

Во седиштето на „Агрокор“ веќе неколку месеци се државните обвинители и форензичари, кои ја проверуваат документацијата поради сомнежите дека финансиските извештаи и биланските на „Агрокор“ биле лажирани, односно дека концернот вреди 290 милиони евра помалку од тоа што се прикажувало.

Владиниот повереник за „Агрокор“, Анте Рамљак, минатата недела поднесе кривична пријава против одговорните во оваа компанија поради неправилности во работењето, утврдени со ревизијата на финансискиот извештај. Ивица Тодориќ веднаш потоа објави дека ниту едно евро не е отуѓено или скриено.


Отстранети билбордите во Загреб што ја изнервираа Меланија Трамп


Загреб, 20 септември, 2017 - 10:59 (META) 

Рекламните билборди на училиште за странски јазици во центарот на Загреб на кои беше првата дама на САД, Меланија Трамп, се отстранети, а училиштето се извини откако доби закана за тужба од словенечкиот адвокат на Меланија.

На билбордот на „Амерички институт“ со кој се рекламираат курсеви по англиски јазик, покрај фотографијата на Меланија Трамп пишуваше „Замислете си колку далеку може да стасате со малку познавање англиски јазик“ (Just imagine how far you can go with a little bit of English). Билбордите биле отстранети вчера.

Наташа Пирц-Мусар, адвокатка на првата дама на САД, вели дека е задоволна од извинувањето на училиштето и од признавањето дека го прекршиле законот, како и од повлекувањето на билбордите.

Ивис Буриќ, портпарол на училиштето, се извинила за билбордите и рекла дека намерата била тие да звучат позитивно. Сепак, кампањата била успешна, оти билбордите привлекле големо внимание, појаснила Буриќ за медиумите.


Хрватска се подготвува да ги „пензионира“ старите aвиони


Загреб, 24 јули, 2017 - 17:03 (META) 

Министерството за одбрана на Хрватска испрати официјален повик за прибирање понуди за купување на 12 ловци за военото воздухопловство на земјата, јави „Џејнс Дифенс Викли“. Набавените летала треба да ги заменат 12 советски „миг-21бис“ и школските „миг-21ум“.

Хрватската војска испрати повик за понуди до амбасадите на САД, Израел, Грција, Шведска и на Јужна Кореја. Од првите три држави предмет на набавка би биле користени ловци „F-16“ од составот на воените воздухоповства на соодветните земји, во случајот со Шведска – за купување на ловци „JAS-39 Gripen“ на компанијата СААБ, а со Јужна Кореја – за купување на авион „FA-50“ (лесен јуришен авион врз база на школскиот „T-50 Golden Eagle“).

Земјите имаат 75 дена да испратат одговор на повикот, а по крајниот рок, кој е на почетокот на октомври, ќе уследи оценување на понудите, кое ќе трае најверојатно до крајот на годинава. Три критериуми се битни – цената,  пакетот за економска и индустриска соработка, како и тоа дека авионите ќе се купат директно од владата на земјата.

Во моментов военото воздухопловство на Хрватска располага со 12 авиони „миг-21бис“ и „миг-21ум“ произведени 1970-тите, кои ѝ останаа во наследство од военото воздухопловство на Југославија.

Хрватска бара замена за „миг-21“ повеќе од 10 години. Во 2008 година Министерството за одбрана на Хрватска испрати барање за информација, но поради економската криза, набавката беше одложена.


Србија не ја затворила границата за мигрантите, застојот бил поради „профилирањето“


Белград, 19 февруари, 2016 - 16:09 (META) 

По информацијата објавена во дел од медиумите дека Србија ја затворила границата со Македонија за мигранти, од бирото за соработка со медиумите на српското МВР ги демантираат овие наводи. Од бирото за РТС  соопштиле дека не станува збор за затворање на границата, туку дека почнало да се спроведува профилирањето на мигрантите, мерка што вчера во Загреб ја договорија шефовите на полициите на петте земји од западно-балканската рута.

„Од денеска почнува да се врши профилирањето на мигрантите од сите потписници на протоколот, што подразбира построга контрола на границите за да се спречи илегалната миграција“, изјавила за РТС шефицата на бирото за соработка со медиумите на српското МВР, Биљана Поповиќ-Ивковиќ.

Шефовите на полициите на Македонија, Австрија, Србија, Хрватска и на Словенија, вчера во Загреб потпишаа протокол за нов стандардизиран документ за профилирање и за регистрација на мигрантите, кој треба да осигури дека лицата што минуваат низ ова рута се со потекло од конфликтните региони во Сирија, Ирак и во Авганистан и ги исполнуваат условите за барање азил.

Според договорот, профилирањето треба да се врши на македонско-грчката граница кај Гевгелија. Податоците од профилирањето се внесуваат во регистрационен лист, кој им е неопходен на мигрантите при нивното движење до крајната дестинација, бидејќи нивните податоци ќе се проверуваат од полициите на сите земји долж мигрантската рута.

Од македонското МВР засега нема никаква информација околу почетокот на примената на мерките договорени вчера во Загреб.


Извозот во Хрватска пораснал за речиси 10 проценти


Загреб, 11 ноември, 2014 - 9:13 (META) 

Извозот на Хрватска за првите девет месеци од оваа година достигна 57,6 милијарди куни (7,51 милијарди евра), што е за 9,6 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година, додека увозот порасна за 4,5 проценти, на 98,2 милијарди куни (12,81 милјарди евра), покажуваат податоците што ги објави Државниот завод за статистика.

Наворешно-трговскиот дефицит на крајот на септември изнесувал 40,5 милијарди куни, што е за околу 800 милиони куни или 2,0 проценти помалку во однос на истиот период во 2013 година.

Покриеноста на увозот со извозот во девет месци достигна 58,7 проценти, додека во истиот период минатата година изнесуваше 56 проценти.

Податоците покажуваат дека Хрватска и понатаму главнината од стоковата размена ја остварува со членките на Евопска Унија, на кои се однесуваат околу 63 проценти од вкупниот хрватски извоз, додека увозот од членките наУнијата во извештајниот период учествува со 74 проценти.

Хрватите од јануари до крајот на септември извезле во ЕУ стока во вредност од 36,5 милијарди куни, што е за 11,5 проценти повеќе во однос на истиот лански период, а од Унијата увезле производи за 73,3 милијарди куни, или за 7,0 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година.

 


Александар Поповски, кандидат за директор на Загрепскиот театар за млади


Загреб, 7 ноември, 2014 - 14:17 (META) 

Македонскиот режисер Александар Поповски конкурирал за директор на Загрепскиот театар за млади, пишуваат хрватските медиуми. Според нив, на почетокот на ноември истекол и рокот за пријавување на кандидати, а на конкурот се пријавиле пет кандидати, од кои четворицата Хрвати. Медиумите шпекулираа дека фаворит на градските власти била кореографката и танчерка Снежана Абрамовиќ, па заради неа бил променет и статутот на театарот за млади.

„Јутарни лист“ пишува дека Александар Поповски е интересен македонски режисер со меѓународна кариера.

„Тој многупати има режирано во Хрватска, во Гавели и во Керемпух. Колку што е познато, тој нема хрватско државјанство, па од него може да се бара и повеќе. На пример, иако одлично зборува хрватски јазик, тој нема потврда за степенот на познавање“, пишува весникот.

Следната недела треба да бидат разгледани апликациите на сите кандидати, по што ќе следува одлука кој ќе биде нов директор на театарот за млади во Загреб.


Повторно авонски линии Белград – Загреб


Белград, 7 ноември, 2014 - 13:14 (META) 

Белград и Загреб повторно ќе се поврзат со воздухопловна линија, а авионите на „Ер Србија“ на новата линија ќе сообраќаат двапати дневно.

Српската национална компанија најави дека линијата ќе биде воспоставена на 12 декември.

Летовите од Белград за Загреб ќе бидат во 7:35 и 18:20, а од Загреб за Белград во 10:05 и 20:40 часот.

Повратниот билет за првиот лет закажан на 12 декември ќе чини 127 евра. Цената на авиобилетот зависи од датумот на поаѓање и од должината на престојот, наведуваат агенциите.

Новите летови ќе значат повторно воспоставување воздушна линија меѓу овие два града, на која за последен пат имаше лет пред 23 години.


Просечната плата во Хрватска е 721 евро


Загреб, 4 ноември, 2014 - 10:12 (META) 

Просечната месечна нето-плата во Хрватска за август изнесувала 5.516 куни (721,5 евра), што номинално е за 0,3, а реално за 0,2 отсто пониско во однос на јули.

Во однос на август минатата година, просечната месечна исплатена нето-плата номинално била поголема за 0,1, а реално за 0,4 отсто, покажуваат податоците на хрватскиот Државен завод за статистика.

Просечната нето-плата во првите осум месеци од оваа година изнесува 5.510 куни (720,7 евра), што во однос на истиот лански период номинално е зголемена за 0,1, а реално за 0,4 отсто.