Почина градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ

Почина долгогодишниот градоначалник на Загреб, Милан Бандиќ откако лекарите во загрепската болница „Свети Дух“ ноќеска не успеале да му го спасат животот. Тој бил примен со влошена здравствена состојба, предизвикана од срцев удар. Веста ја потврдија и градските власти кои изразија жалење за починатиот градоначалник.

„Со длабока тага ги известуваме сограѓаните, соработниците, пријателите, хрватската јавност дека ненадејно почина градоначалникот Милан Бандиќ како последица од срцев удар. Бандиќ живееше за својот град, за граѓаните кои му беа на прво место, за работата која ја вршеше 21 година со љубов и енергија, вложувајќи се целосно“ напишаа на официјалната Фејсбук страница на Градот.

Бандиќ првпат беше избран за градоначалник на Загреб во 2000 година. Две години подоцна беше приморан да си поднесе оставка поради предизвикување сообраќајна незгода во пијана состојба и обид за подмитување на полицаецот. Но, на челната позиција во Загреб се враќа на следните локални избори, во 2005 година.

Беше градоначалник во шест мандата, односно цели 20 години владееше со главниот град на Хрватска.

Хрватските медиуми јавија дека до изборите во мај, со главниот град на Хрватска ќе управува неговата заменик-градоначалничката, Јенела Павичиќ-Вукичевиќ.