Фото: Принтскрин

Силен земјотрес со јачина од 6,3 степени по Рихтеровата скала денеска во 12:19 часот ја погоди Хрватска. Најголеми материјални штети се забележани во градот Петриња, каде загинало 12 годишно девојче, јавија хрватските медиуми. Веста ја потврди и градоначалникот на Петриња, град со околу 25.000 жители кој се наоѓа на 45 километри јужно од главниот град Загреб.

Земјотресот кој траел повеќе од 20 секунди е со епицентар на одалеченост од 40 километри од Загреб. Европскот медитерански сеизмолошки центар процени дека земјотресот го почувствувале 6 милиони луѓе.

Градоначалникот на Петриња, Даринко Думбовиќ рече дека половина град е разурнат и побара помош.

„Извлекуваме луѓе од автомобилите, имаме загинати и повредени. Слушнав и дека се урна градинката, но за среќа немаше деца во градинката, додека децата од другата градинка се спасени. Владее општа паника, луѓето ги бараат своите блиски под урнатините“, изјави Думбовиќ.

На терен се пожарникарите и екипите на Црвениот крст, а помага и армијата.

Во Петриња пристигнаа и претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, како и премиерот на државата, Андреј Пленковиќ заедно со целиот државен врв.

„Сите се тука, војската од Петриња, а од Загреб пристигнуваат екипите на Брза помош, полицијата, пожарникарите и екипите за цивилна заштита“, изјави премиерот Пленковиќ, кој рече дека за луѓето од Петриња ќе се најде алтернативно сместување.

Претседателот на државата Зоран Милановиќ, пак, истакна дека верува дека парични средства ќе се најдат за да се обнови градот, но дека ќе нема начин да се надомести емотивната и духовната болка кај граѓаните.

„Петриња ќе биде обновен, тоа е единственото нешто што со сигурност можам сега да ви го кажам“, изјави Милановиќ.