„Тесла“ ќе го отвори првиот продажен салон во Хрватска

Photo by Robin van Geenen on Unsplash

Најголемиот светски производител на електрични автомобили „Тесла Моторс“, наскоро во Хрватска ќе го отвори првиот продажен салон во земјата, известува „Јутарњи лист“.

Откако во ноември минатата година во загрепскиот трговски центар „Avenue Mall“ го отвори својот прв изложбен салон, наскоро во „Загрепчанка“ ќе се отвори и првиот комплетен продажен салон во Хрватска.

Во салонскиот простор во склоп на некогаш највисокиот облакодер во Загреб, односно во „Загрепчанка“ се работи забрзано, а на локацијата се наоѓа и голем постер на Тесла и два полначи „Тесла“.

Информацијата за „Јутарњи лист“ ја потврдил Саша Цветојевиќ, сопственик на првиот „Тесла“ автомобил во Хрватска, кој е одлично запознат со работењето на американскиот производител на е-возила, вели дека може да се очекува првата продавница на „Тесла“ може да биде отворена на крајот овој месец или на почетокот на октомври.

Иако Цветојевиќ вели дека иако компанијата не објавува податоци за продажбата на локалниот пазар, сепак во јуни соопштиле дека продале 111 возила во Хрватска.

Пред ноември лани, кога беше отворен pop-up store (односно изложбениот салон во Загреб), најблискиот продажен салон на Хрватите им бил тој во Љубљана. Но од ноември досега, во Загреб може да се купат Model 3, X и S, известува „Јутарњи лист“.

Познавачот Цветојевиќ вели дека „Тесла Моторс“ планира во Хрватска да изгради комплетна инфраструктура како и во другите држави. Исто така, се очекува во Загреб во блиска иднина да се отвори сервис за возилата на Тесла и body shop, односно автолакерска работилница за каросериски поправки.

Инаку, сега има околу стотина АЦ полначи на Тесла во хотелите и марините на морскиот брег, претежно поставени поради странците, но расте и бројот на Хрватите што имаат автомобили „Тесла“. Мрежата на суперполначи (брзи полначи), според Цветојевиќ засега е добра, оти ги има на осум локации и ја покриваат целата држава и сите главни патни правци, но и дека има можност да се постават и во Риека и на Истра, но тоа засега не е конкретно најавено.