!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Пет милиони лица побегнале од Сирија поради војната, оцени УНХЦР


Женева, 30 март, 2017 - 14:49 (META) 

Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР) денеска соопшти дека бројот на Сиријците што побегнале од родната земја за време на шестгодишната војна надминал пет милиони лица.

УНХЦР врши притисок на земјите да ги засилат напорите за сместување на околу 500.000 лица, од кои на половина им е одредено место на престој.

Портпаролот на УНХЦР, Бабар Балох, рече дека надминувањето на бројката од пет милиони не е предизвикана од некои поединечни настани. Пред една година таа бројка изнесуваше 4,8 милиони, а според проценките на агенцијата, внатрешно раселени се 6,3 милиони луѓе.

Балох рече дека бројот на сириските бегалци во Турција од февруари годинава се зголемил за 47.000 лица, со што вкупниот број на Сиријци во Турција изнесува 2,97 милиони.


Во Средоземното Море исчезнале 146 мигранти, соопшти УНХЦР


Женева, 29 март, 2017 - 15:59 (META) 

Млади мигрант од Гамбија кој вчера бил спасен во близина на либискиот брег на Средоземно Море, изјавил дека исчезнале 145 мигранти од еден брод, соопшти денеска Високиот комесаријат за бегалци на ОН (УНХЦР).

Шеснаесетгодишниот мигрант, кој бил спасен од екипаж на шпански воен брод кој патролирал, е префрлен на италијанскиот остров Лампедуза.

Момчето им соопштило на претставниците на УНХЦР дека на бродот имало деца и трудници, а повеќето мигранти биле од Нигерија, Гамбија и од Мали. Засега не се знае судбината на 146 миграти.


Повеќе од 40 сомалиски мигранти убиени во близина на брегот на Јемен


Сана, 18 март, 2017 - 10:57 (META) 

Повеќе од 40 сомалиски мигранти, меѓу кои имало жени и деца, биле убиени ноќеска во близина на брегот на Јемен, додека биле превезувани со чамец, јавуваат светските агенции.

Чамецот, со околу 140 мигранти од Сомалија, бил погоден од лесно оружје во близина на пристанишниот град Ходеда, на западниот брег на Јемен, соопштила канцеларијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР). Чамецот, и покрај нападот, успеал да доплови до пристаништето, кое е под контрола на бунтовниците Хути.

Засега никој не ја презел одговорноста за нападот. Бунтовниците за нападот ја обвинуваат арапската коалиција, која, пак, ги отфрла ваквите наводи.

Во чамецот, како што објави Меѓународната организација за миграција (ИОМ) во Јемен, биле пронајдени телата на 42 лица.

Според управата на пристаништето, преживеаните мигранти заедно со тројца јеменски шверцери биле уапсени.


Годинава се удавиле 5.000 мигранти


Женева, 23 декември, 2016 - 14:16 (META) 

Рекордни 5.000 мигранти се удавија во Средоземно Море оваа година, по двете бродски несреќи што се случија вчера и во кои настрадаа 100 лица, соопштија хуманитарните организации.

Два преполни брода се превртеле помеѓу Италија и Ливија, соопштија Меѓународната организација за миграција и УНХЦР.

– Со последните две несреќи, годинава настрадаа 5.000 лица – соопшти портпаролот на Меѓународната организација за миграција, Џоел Милман.

Портпаролот на УНХЦР, Вилијам Спиндлер, изјави дека ова е досега најголем број на настадани.

УНХЦР апелираше до државите да отворат легални патишта за прием на бегалци.


Годинава 3.740 бегалци и мигранти се удавиле во Средоземно Море


Женева, 25 октомври, 2016 - 14:18 (META) 

Најмалку 3.740 бегалци и мигранти настрадале во водите на Средоземно Море од почетокот на годинава, што е речиси исто како и во 2015 година, кога трипати повеќе лица се обидоа да го минат морето, соопшти УНХЦР.

Портпаролот на УНХЦР, Вилијам Спиндлер, синоќа рече дека ова е особено висока стапка на смртност, ако се има предвид дека 327.800 лица годинава тргнале преку Средоземно Море.

Минатата година по истата мигрантска рута минаа повеќе од еден милион лица, а 3.771 лице загинаа.

– Ова е далеку најлоша ситуација во Средоземно Море – рече Спиндлер на прес-конференција во Женева, додавајќи дека може да се каже дека стапката на страдање се зголемила трипати.


Грција формира нова комисија за брзо решавање на прашањето со азилантите


Атина, 16 јуни, 2016 - 20:52 (META) 

Грција денеска формирала нова комисија која треба да одлучува околу тоа кои мигранти треба да бидат вратени во Турција, врз основа на договорот меѓу Европската Унија и Анкара, а за да се забрза решавањето на прашањето со азилантите, јавуваат светските агенции.

Ваквиот потег доаѓа откако постоечките 20 комисии ги блокирале најголемиот број од случаите за враќање на бегалците во Турција, наведуваат агенциите.

Според договорот меѓу ЕУ и Турција од март оваа година, мигрантите кои не успеале да добијат азил треба да бидат вратени во Турција, за да се спречи понатамошниот прилив на бегалци во ЕУ.

Новата комисија, чие формирање денеска било усвоено од грчкиот парламент, ќе биде составена од двајца судии и претставници на Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), кои ќе одлучуваат по барањата за азил.


Минатата недела 880 лица се удавиле во водите на Медитеранот


Женева, 31 мај, 2016 - 12:42 (META) 

Најмалку 880 мигранти се удавиле во текот на изминатите седум дена во обид да го преминат Средоземното Море, соопшти агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР).

Во соопштението на УНХЦР се наведува дека оваа година се покажала како исклучително смртоносна, затоа што од почетокот на годината во бродоломи и превртувања на чамци се удавиле вкупно 2.510 луѓе.

Во истиот период минатата година, во слични инциденти загинаа 1.855 мигранти.

– Криумчарите во овој момент качуваат луѓе во чамци кои воопшто не се соодветни за пловидба. Се случува веднаш штом тие чамци ќе запловат, криумчарите да ги викнат спасувачите и тие ги спасуваат мигрантите. Спасувачите се во трка со времето додека се обидуваат да стигнат до мигрантите пред нивните чамци да потонат, а во некои случаи воопшто не стигнуваат на време – изјави портпаролот на УНХЦР Вилијам Спиндлер.


УНХЦР го критикуваше потенцијалниот договор меѓу ЕУ и Турција


Женева, 8 март, 2016 - 14:25 (META) 

Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) е загрижен поради можниот договор меѓу ЕУ и Турција за начинот на решавање на бегалската криза, кој вклучува враќање на бегалците од Унијата во Турција.

Комесаријатот на ОН истакнува дека според меѓународните закони, колективното протерување на странци е забрането.

Винсент Кочетел, директорот на УНХЦР за Европа, рече дека е „уморен од слушање приказни за илегални мигранти“, забележувајќи дека 91 отсто од тие што доаѓаат во Грција се од земјите уништени од војна, како што се Сирија, Ирак и Авганистан.

Тој смета дека Турција направила повеќе од ЕУ во врска со бегалците и со мигрантите, затоа што вдомила 2,77 милиони бегалци, од кои повеќето се од Сирија.

„Амнести интернешнел“ исто така го критикуваше договорот што вчера начелно беше постигнат во Брисел.

„Лидерите на ЕУ и на Турција повторно паднаа на ниски гранки, затоа што одлучија да тргуваат со достоинството и со правата на најзагрозените лица на светот“, стои во соопштението што го потпишала Иверна Мекгованод „Амнести интернешнел“.


„Мета“ во Идомени: 13.000 бегалци се заглавени во ѓубре и смрдеа во градот од шатори


Солун, 5 март, 2016 - 16:55 (META) 

Повеќе од 13.000 бегалци од Сирија и од Ирак се заглавени во ѓубре и во смрдеа во кампот кај Идомени, кој се наоѓа на грчката страна од границата и кој има капацитет за најмногу 4.000 луѓе.

Бегајќи од војните во Сирија и во Ирак, а со надеж дека ќе стигнат во Германија, некои од бегалците во кампот кај Идомени се повеќе од 10 дена, без хигиенски услови, со малку храна и вода и со оскудна лекарска помош.

Од Атина дневно пристигнуваат од 1.000 до 2.000 бегалци, а во Македонија влегуваат само стотина или помалку.

Кампот одамна го исполни капациетот, па бегалците купуваат мали шатори, кои ги плаќаат и по 50 евра за да имаат каде да ја поминат ноќта.

– Доаѓам од Сирија и тука сум веќе шест дена. Условите во кампот се мизерни, а границата ја држат затворена. Сакам да одам во Германија, таму имам пријатели. Во Сирија е многу опасно. Секојдневно бомбардираат и животите ни се загрозени. Таму не умира тероризмот, умираат само невини луѓе. Сакаме да одиме на безбедно, сакаме подобар живот, заслужуваме подобар живот. Отворете ја границата, не сакаме да останеме во Македонија, ниту во која било друга земја на патот кон Германија – ни вели Ахмед.

Дежурните полицајци што ја обезбедуваат границата велат дека работат по 16 часа дневно и дека главен проблем со бегаците им е јазичната бариера – тешко се разбираат. Со македонските колеги велат дека немаат никаков проблем, туку солидна соработка.

– Границата денеска ја поминаа 30 луѓе. Бегалците не сакаат да одат во други прифатни центри, сакаат само побргу да ја поминат границата. За некое време температурата ќе достигне 35-40 степени и ќе почнат да се шират зарази. Што се чека? Да умре некое дете за да сфатат колку е сериозна ситуацијата? Најжална е ситуацијата за најмалите – вели еден од полицајците.

Бабар Балох, портпарол на УНХЦР, вели дека условите во кампот се многу тешки и се плашат дека ќе избие епидемија.

– Многу се лоши условите за бегалците кои се заглавени тука. Стравуваме дека може да избие епидемија од разни болести. Денска во Идомени има околу 13.000 бегалци, но секојдневно доаѓаат нови и се поставуваат нови шатори. Загрижени сме за овие луѓе тука – вели Балох.


УНХЦР: Затворањето на границите во Европа ќе предизвика хаос


Женева, 23 февруари, 2016 - 16:12 (META) 

Затворањето на границите внатре во Европа, кое го презедоа европските држави поради загриженоста предизвикана од бегалската криза, ќе предизвика „дополнителен хаос и конфузија“, предупреди денеска новиот шеф на Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), Филипо Гранди.

– Особено сум загрижен поради вестите што ги добиваме за затворање на сè поголем број европски граници долж балканската рута, затоа што тоа ќе предизвика дополнителен хаос и конфузија – рече Гранди за време на посетата на грчкиот остров Лезбос.

Околу 8.000 бегалци и мигранти за заглавени во Грција откако Македонија во неделата забрани влез на Авганистанци и воведе построги контроли на патните документи за Сиријците и за Ирачаните. Истото го направија и други земји долж бегалската рута, кои одбиваат влез на Авганистанци.

– Toа ќе го зголеми оптоварувањето на Грција, која и онака презела голем дел од одговорноста кога станува збор за прифаќање бегалци, а се случува во момент кога немаме алтернатива – рече Гранди.

Тој додаде дека степенот на примена на програмата на ЕУ за распоредување 160.000 бегалци од Грција и од Италија во други земји е „премногу низок“, а оти новиот план за директно раселување на бегалци од Турција „сè уште не почнал да се применува“.

„Затоа затворањето на границите или нивната остра контрола, во отсуство на легални и безбедносни алтернативи, интензивира хаос и веројатно ќе го зголеми илегалното движење на луѓето, кои се доведуваат во опасност – вели шефот на УНХЦР.