fbpx

УНХЦР: Бројот на присилно раселени во светот достигна рекордни 110 милиони луѓе

На крајот на 2022 година, околу 4,4 милиони луѓе ширум светот биле без државјанство или со неопределено државјанство, 2 отсто повеќе отколку на крајот на 2021 година

-

Агенцијата на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) денеска предупреди дека не забавува нагорната траекторија на глобалното принудно раселување, а во мај 2023 година бројот на присилно раселени лица достигнал рекордни 110 милиони лица.

Како причини за загрижувачкиот раст на присилното раселување, од УНХЦР ги напоменуваат тоталната војна во Украина, заедно со конфликтите на други места и климатските промени, кои направиле повеќе луѓе од кога било порано да бидат раселени од своите домови минатата година, зголемувајќи ја нужноста за итна, колективна акција за ублажување на причините и влијанието на раселувањето.

Водечкиот годишен извештај на УНХЦР, Глобални трендови во присилното раселување за 2022 година, покажа дека до крајот на 2022 година, бројот на лица раселени поради војна, прогон, насилство и прекршувањата на човековите права изнесува рекордни 108,4 милиони, што е за 19,1 милиони повеќе во однос на претходната година и е најголем пораст досега.

„Овие бројки ни покажуваат дека некои луѓе премногу брзо се втурнуваат во конфликти, а премногу бавно бараат решенија. Последица на тоа е пустош, раселување и болка за секој од милионите луѓе присилно истерани од своите домови“, изјави Филипо Гранди, Високиот комесар за бегалци при ОН.

Од глобалниот вкупен број, 35,3 милиони биле бегалци, луѓе кои преминале меѓународна граница за да најдат безбедност, додека поголем дел – 58 отсто, што претставува 62,5 милиони луѓе – биле раселени во нивните матични земји поради конфликти и насилство.

Војната во Украина бил главниот двигател на раселувањето во 2022 година. Бројот на бегалци од Украина се искачил од 27.300 на крајот на 2021 година на 5,7 милиони на крајот на 2022 година – најбрзиот одлив на бегалци каде било од Втората светска војна досега.

„Проценките за бројот на бегалци од Авганистан беа значително зголемени до крајот на 2022 година поради ревидираните проценки на Авганистанците кои се згрижени во Иран, од кои многумина пристигнале во претходните години. Слично на тоа, извештајот ги одразува зголемувањата од страна на Колумбија и Перу на бројот на Венецуелците примени во тие држави, главно категоризирани како „oстанати лица на кои им е потребна меѓународна заштита“, соопштуваат од УНХЦР.

Бројките исто така потврдуваат дека без разлика дали се мери според економски средства или според сооднос со населението, државите со низок и среден приход во светот – а, не богатите држави – се домаќини на најголемиот број раселени лица.

Четириесет и шесте (46) најмалку развиени држави имаат помалку од 1,3 проценти од глобалниот бруто домашен производ, но, сепак тие биле домаќини на повеќе од 20 проценти од сите бегалци. Финансирањето за бројните ситуации на раселување и за поддршка на земјите-домаќини заостанало зад потребите минатата година, а продолжило со бавно темпо и во 2023 година дури и при зголемени потреби.

„Луѓето ширум светот продолжуваат да покажуваат извонредно гостопримство кон бегалците, давајќи им заштита и помош на луѓето на кои им се потребни“, додаде Гранди, додавајќи дека „потребна е многу поголема меѓународна поддршка и поправично споделување на одговорноста, особено со тие држави кои се домаќини на најголемиот дел од раселените лица во светот“.

Пред сè, мора да се направи многу повеќе за да се стави крај на конфликтите и да се отстранат пречките за бегалците да имаат остварлива можност да се вратат дома доброволно, безбедно и достоинствено, велат од УНХЦР.

Додека вкупната бројка на раселени лица продолжи да расте, извештајот на Глобалните трендови исто така покажува дека оние кои се принудени да бегаат не се осудени на прогонство, туку дека некои можат и се враќаат дома, доброволно и безбедно. Во 2022 година, над 339.000 бегалци се вратиле во 38 држави и иако бројот е помал од претходната година, имало значителни доброволни враќања на Јужен Судан, Сирија, Камерун и Брегот на Слоновата Коска. Во меѓувреме, 5,7 милиони внатрешно раселени луѓе се вратиле во 2022 година, особено во Етиопија, Мјанмар, Сирија, Мозамбик и Демократска Република Конго.

На крајот на 2022 година, околу 4,4 милиони луѓе ширум светот биле без државјанство или со неопределено државјанство, 2 отсто повеќе отколку на крајот на 2021 година.

Извештајот за глобални трендови беше објавен шест месеци пред вториот Глобален форум за бегалци, голем собир во Женева кој обединува низа чинители да најдат нови решенија за луѓето принудени да бегаат и нивните домаќини, како и да создадат солидарност за нив.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата ги растера пропалестинските активисти од зградата на универзитетот во Париз

Француската полиција денес влегла во зградата на парискиот универзитет „Сијанс По“, и ги растерала пропалестинските активисти. Група од околу 70 студенти ја окупирале зградата на Институтот за политички науки во...