Одржана велосипедската тура во Скопје по повод Светскиот ден на бегалците

фото: УНХЦР

Светскиот ден на бегалците, 20 јуни, годинава во Скопје беше одбележан со велосипедска тура во Градскиот парк и на кејот на Вардар. Под слоганот „СЕКОЈ, СЕКАДЕ, СЕКОГАШ – има право да бара сигурност“, дел од турата беа организации, институции, баратели на азил и бегалци, организирани од УНХЦР, Агенцијата на Обединетите Нации (ОН) за бегалци.

Сите учесници возеа за да ги испратат пораките дека сите ние ја споделуваме одговорноста да ги штитиме луѓето кои бараат сигурност и дека секој има право да побара азил, кој и да е, од каде и да доаѓа, кога и да е потребно, велат организаторите на велосипедската тура.

„Скоро одбележавме преминување на тежок праг: бројот на луѓе приморани да избегаат од конфликт, војна, прогон и кршење на човековите права надмина 100 милиони за првпат откако се бележи. Само оваа година војната во Украина расели 7 милиони луѓе во државата и уште повеќе од 5 милиони преку границите на државата. Згора на тоа, има нови или продолжени насилства во Етиопија, Буркина Фасо, Мјанмар, Нигерија, Авганистан, Демократската Република Конго и други“, изјави Моника Сандри, претставничка на УНХЦР.

Луѓето принудени да избегаат од своите домови треба да се дочекаат со ширум отворени раце и достоинство, ним треба да им се понуди сигурно засолниште и можност да пронајдат мир со своите семејства, не чувствувајќи се дискриминирано и отсечено од општествените текови, изјави министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

„Нашата земја и нашите граѓани во многу претходни бегалски кризи докажале дека хуманоста е над сè и заштитата на најранливите лица е приоритет на државата. Затоа, Министерството за труд и социјална политика останува посветено на остварување на хуманитарните, социјалните и развојните цели со што се зајакнува праведното и инклузивно општество токму за бегалците водејќи се од паролата: Секој има право да биде безбеден!“, истакна Тренчевска.

Директорот на Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци (МАРРИ), Сашко Коцев, додаде дека оваа велосипедска тура е мал гест, но направен со цврсто уверување дека малите дела ќе доведат до значајни промени.