ССК и УЈП заеднички ќе се борат против нерегистрираните бизниси


Скопје, 11 јули, 2018 - 16:43 (META) 

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Управата за јавни приходи (УЈП) денеска потпишаа Меморандум за соработка за заеднички да се координираат за регистрирање на субјектите кои немаат регистрирано фирма, a со цел намалување на сивата економија и нелојалната конкуренција

Меморандумот за соработка помеѓу институциите го потпишаа претседателката на ССК, Данела Арсовска и директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

„Неформалната т.е сивата економија е еден од најголемите проблеми бидејќи оние кои учествуваат во неа неправично и незаконски ги става во повластена положба во однос на оние што си имаат регистрирано фирми и ги исполнуваат законските обврски. Според последните податоци на меѓународните организации, во земјава секоја година фирмите губат до 15 проценти од профитот поради сивата економија во сите сектори. Инспекциските служби треба да практикуваат тие што ќе ги затекнат на терен по службена должност да ги регистрираат за да се воведат во системот, да плаќаат даноци и бидат лојална конкуренција“, изјави Арсовска.

Таа појасни дека тие субјекти никаде не фигурираат, прават милионски профити на црно, а не се регистрирани и работат со готовина.

Анализите на ССК покажаа дека оние кои работат без фирма во старт се повеќе од 50 проценти поконкурентни од регистрираните фирми, поради тоа што не плаќаат ДДВ, не плаќаат продонеси по основ на социјално и пензиско осигурување, тековните трошоци ги плаќаат како лица, наместо да плаќаат индустриска струја и вода како регистрираните фирми, со што, не само што го оштетуваат буџетот, туку и нудат цени пониски и до 50 проценти, кои, регистриран бизнис што ги плаќа сите давачки, не може да ги постигне.

Според извештајот на ОЕЦД во Македонија има 25 отсто учество на сивата економија во вкупната економија, а што се потврди и во извештајот на ЕУ во кој се вели дека сивата економија останува главна пречка за бизнисот и влијае на конкурентноста на формалниот приватен сектор. Просечното ниво во европските земји се движи од 12 до 15 проценти.


Николовски: Даночните постапки за земјоделците се поедноставуваат


Скопје, 11 јуни, 2018 - 16:45 (META) 

Со последните измените на Законот за персонален данок на доход, значително се поедноставуваат даночните постапки за земјоделците, порачаа на денешната заедничка прес-конференција министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска.

Со последните законски измени, се намали прагот за регистрација на овие даночни обврзници. Со измените на законот се зголеми прагот за остварени приходи од продажба на земјоделски производи од претходно 300.000 денари на 1.000.000 денари, за што земјоделците кои немаат дополнителни приходи во текот на годината, ќе имаат право на поврат на данокот на доход.

Николовски посочи дека на овој начин остануваат повеќе пари кај земјоделците, а дополнително ќе бидат ослободени од досегашните административни процедури.

„Кон крајот на годината УЈП ќе ги има сите пресметки за тоа колкава група на земјоделци ќе бидат опфатени и колку пари се враќаат кај земјоделците. Повратот ќе оди директно на земјоделците, а овој данок ќе се задржува од страна на откупувачите“, рече Николовски.

Тој додаде дека земјоделците нема да поднесуваат барање за регистрација како даночни обврзници, нешто што досега се вршеше, нема да плаќаат адмнистративни такси и нема да поднесуваат годишна даночна пријава.

Повратот на платениот данок ќе го врши Управата за јавни приходи и ќе се реализира по службена должност, по истекот на годината во која е остварен приходот, односно откако ќе завршат постапките за утврдување на годишните приходи и данокот за таа година.

Така, граѓаните ќе немаат обврска да доаѓаат во Управата и да поднесуваат барање за поврат и нема да плаќаат административни такси за барањето за поврат и за даночниот управен акт со кој се врши повратот, во вкупен износ од 300 денари.


Манчевски: Институциите мора да ги регистрираат вработените за да исплатат плати


Скопје, 22 февруари, 2018 - 12:33 (META) 

Јавната администрација нема да може да земе плата, ако државните институции не ги регистрираат своите вработени во информатичкиот систем за управување со човечки ресурси, најави денеска министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.

Институциите кои не ги внеле податоците за вработените во регистарот, имаат рок од три месеци тоа да го сторат. Законските прописи со кои се предвидува оваа мерка, веќе се поминати во Собрание и според Манчевски, се чека објавата во Службен весник за да стапат во сила.

Тој додаде дека податоците од регистарот се од исклучителна важност за следење на состојбите во повеќе од 1.300 институции.

– Целосното ажурирање на податоците и пополнет регистар ќе дадат јасна слика за моменталната состојба во администрацијата, бројот на слободни работни места, старосната структура, бројот на лица пред пензија и др. За пополнување на слободните работни места ќе може да се најде соодветен кадар кој ќе ги исполнува потребните критериуми и ќе може да се преземе од трансфер листата, онака како што пишува во законот – изјави Манчевски.

Тој потенцираше дека со оваа мерка конечно ќе се добие прецизен одговор, на едно од најчесто поставуваните прашања, колкав е бројот на вработените во јавниот сектор.

– И по две години од воспоставувањето на регистарот, за кој се платени над 2.153.000 евра пари од граѓаните, тој се уште не ги дава потребните информации, за бројот на вработени во јавниот сектор.Тоа е затоа што, системот воопшто не бил дизајниран да го дава бројот на вработени. Тоа не се барало. Во времето кога системот е правен, тоа било државна тајна – додаде Манчевски.

Тој информираше дека, во моментов од 1303 институции, 259 институции немаат внесено податоци, односно 173 немаат побарано воопшто согласност од МИОА и немаат активна систематизација, а 86 и покрај одобрената администрација не внеле податоци за своите вработени во регистарот.

Директорката на Управата за јавни приходи УЈП, апелираше до работодавците од јавниот сектор дека имаат рок од три месеци за да ги регистрираат вработените.

– Доколку работодавачот од јавниот сектор не ја исполнил законската обврска за внес на податоците во регистарот на вработени лица во јавниот сектор, системот за интегрирана наплата во декларацијата за прием ќе пријави грешка со порака дека обврската не е исполнета. Контролата на податоците за вработените во јавниот сектор од страна на УЈП ќе започне да се врши по истекот на три месеци од стапување на сила на законските измени – додаде Лукаревска.


Лукаревска: Засилени контроли на фискалните сметки за намалување на скриената економија


Скопје, 6 февруари, 2018 - 11:47 (META) 

Еден од предусловите за развој на сивата економија е неиздавањето на фискални сметки, изјави директорката на УЈП, Сања Лукаревска, на денешниот Регионален форум за скриена економија кој се одржува во „Холидеј ин“, а на кој учествуваат и претставници од даночните институции на регионот.

Таа додаде дека се поголем број на граѓани се јавуваат во УЈП и поднесуваат претставки за неиздавање на фискални сметки. Најголем број од фискалните сметки не се издаваат во секторот на услуги.

Лукаревска најави засилени контроли од страна на УЈП посебно кога станува збор за настани од забавен карактер. Како пример го посочи Супер купот, кога имало засилени контроли и Струмички карневал кој следува. Таа информираше дека од извршените контроли минатата недела само кај 10 отсто од субјектите биле утврдени неправилности.

Освен неиздавањето на фискални сметки како други форми на скриена економија, Лукаревска ги спомна пријавувањето на понизок обрт од страна на компаниите, пријавувањето на помали приходи, издавање на фиктивни фактури, формирање на фиктивни компании и лажирање на фактурите. Најголем дел од скриената економија е кај микро и малите бизниси.

Ана Мицкоска Ралева, од Центарот за истражување и креирање политики изјави дека во однос на индексот на скриена економија, во Македонија нема подобрување од 2014 година.

На скала од 1 до 10, Македонија има тројка на тој индекс и е подобра во однос на Албанија која има четворка и Косово кој има седмица.

– Оваа позиција е очекувана бидејќи од 2014 до 2017 година политичката и економската криза влијаела на недовербата врз институциите – рече Мицкоска Ралева.

Таа додаде дека не секогаш се потребни казнени мерки, заплашување на правните и физичките лица туку потребна е стимулација за подобрување на даночната дисциплина.


Лукаревска: Владата нема да менува ништо во плаќањето ДДВ


Скопје, 1 февруари, 2018 - 16:08 (META) 

Новата Влада нема направено никаква законска измена во поглед на данокот на додадена вредност (ДДВ) за физички лица, а во постапувањето на Управата за јавни приходи (УЈП) не постои промена по ова прашање, појасни денеска директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

– Не сите физички лица се обврзници за цели на ДДВ. Напротив, станува збор за многу мал број на лица. Платите, независно од висината не се одданочуваат со ДДВ. Исто така платите не се земаат предвид при пресметување на вкупниот промет за цели на регистрација на ДДВ обврзник. Обврската ги опфаќа физичките лица кои самостојно вршат стопанска дејност, односно вршат испорака на добра и услуги и тоа во континуитет, и притоа го надминуваат пропишаниот праг од еден милион денари на годишно ниво. Или, на месечно ниво во просек остваруваат повеќе од 83.000 денари, не вклучувајќи ја платата – изјави Лукаревска.

Таа додаде дека независно од остварениот промет, физички лица кои изнајмуваат станови за домување, не подлежат на обврската за плаќање на ДДВ. Исто така, определни услуги кои што се вршат спрема странски субјекти, на пример програмерски, не подлежат на обврската за ДДВ.

– Во согласност со регулативата на ЕУ, не смее да се прави разлика помеѓу физички и правни лица кои вршат промет од иста природа, инаку би се отворил простор за даночно затајување. Имајќи предвид дека годишниот фискален циклус е веќе започнат, УЈП и Министерство за финансии ќе направат сериозна анализа за реализација на измени од следната фискална година. Измените можат да бидат дел од даночната реформа и во правец на остварување на барањата и интересите на граѓаните -додаде таа.

Бројот на физички лица кои се регистрирани за цели за ДДВ во 2015 година бил 761, 1.059 во 2016, 1185 во 2017 година. Според првичните информации на УЈП, бројката за оваа година нема драстично да се разликува од претходната година.


2,7 милиони евра е највисоката бруто-плата за 2016, исплатена во приватното здравство


Скопје, 15 декември, 2017 - 13:26 (META) 

Највисоката годишна бруто-плата за 2016 година, била исплатена во приватното здравство и изнесува 2,7 милиони евра, информираше директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска. Највисокиот исплатен бонус на годишно ниво е 416.000 евра.

– Лани годишна даночна пријава до УЈП поднеле 439.689 граѓани кои пријавиле годишни бруто-приходи во износ од 173.592.004.847 денари, како и персонален данок во износ од 10.133.228.081 денар. Наспроти нив, 63 илјади физички лица не доставиле годишна даночна пријава во законски пријавениот рок до 15 март – информираше Лукаревска.

Податоците од УЈП покажуваат дека граѓанин од Скопје, пријавил годишен приход од 3,6 милиони евра. Највисок годишен бруто-приход, само по основ на пензија, лани е пријавен, исто така во Скопје, во износ од 30.000 евра.

Граѓаните пријавиле добивки од игрите на среќа, обложувања, казино и учество во наградни игри, од 16 илјади евра до 400 илјади евра, при што највисока добивка, односно вкупен бруто-приход од игри на среќа остварил жител на Скопје, кој само по тој основ пријавил околу 400.000 евра.


Уште овој пат ќе се поднесуваат годишни даночни пријави, од 2019 сè ќе биде електронски


Скопје, 6 декември, 2017 - 15:15 (META) 

Обврската на граѓаните да поднесуваат годишни даночни пријави до Управата за јавни приходи останува уште овој пат, односно до 15 март 2018 година, кога е крајниот рок за поднесување на годишните даночни пријави за 2017 година.

Од 1 јануари 2019 година, таа обврска престанува бидејќи тоа ќе го прави УЈП – електронски.

– Во „е-персонален данок“ ги вградивме најдобрите европски практики по македонски рецепт и развивме услуги со кои може да се носиме рамо до рамо со модерните даночни администрации. Новите електронски услуги за персонален данок овозможуваат во целост поедноставување на постапките и намалување на административниот товар за пријавување и за плаќање на данокот од страна на фирмите и на граѓаните – изјави денеска директорката на УЈП, Сања Лукаревска, на завршниот настан од едногодишниот проект финансиран од Европската Унија, што овозможи креирање на новата електронска алатка на УЈП – „е-персонален данок на доход“.


Двајца вработени во УЈП на 37 компании им помогнале да избегнуваат плаќање на даноци


Скопје, 21 август, 2017 - 15:20 (META) 

Двајца вработени во Управата за јавни приходи (УЈП) им помагале на приватни и државни фирми во 2015 и 2016 година да избегнуваат плаќање на милионски долг на данок на добивка, информираше денеска на прес-конференција, директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

Таа додаде дека компаниите се наоѓаат на листата на должници што ја објавува УЈП, а против двајцата вработени се води дисциплинска постапка, но истрагата ќе се проширува.

– По основ на добиени информации и одредени сознанија за постоење незаконски дејствија и интервенции во системот на УЈП за данок на добивка, утврдено е дека свесно и намерно со интервенција и насоки од вработени во УЈП, извршено е изземање на 37 правни лица од постапки на присилна наплата. Овие фирми подолг временски период биле отстранувани од листите за генерирање опомени за наплата на долгови за данок на добика, што е услов за отпочнување постапки за присилна наплата – рече Лукаревска.

Директорката на УЈП истакна дека помеѓу инволвираните се и лица на високи раководни функции одговорни за мониторирање на системот.

– И покрај тоа што службите на УЈП имале обврска да го мониторираат целокупниот процес и да ги преземат сите неопходни мерки за издавање опомени согласно евиденцијата и состојбата на долговите за даночните обврзници и да преземат мерки за отпочнување даночни постапки, тоа не било сторено токму за овие 37 фирми, цели две години – појасни Лукаревска.