Секторите погодени од кризата се ослободени од аконтации на данок на добивка и на личен доход

Фото: Влада

Владата донела Уредба со законска сила за ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на личен доход, како и Уредбата со која се предвидува ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данок на добивка за месеците март, април и мај, информираше директорката на Управата за јавни проходи, Сања Лукаревска.

„Ослободувањето од плаќање на аконтациите на данок на добивка се однесува на правните лица кои вршат угостителска дејност, дејност на туризам или транспорт и други обврзници, кои имаат претрпено штети во своето работење поради спроведување на мерките за справување со Ковид–19,“ информираше Лукаревска.

За да го користат ова право, обврзниците треба да не исплатуваат дивиденда на сопствениците, награда за деловна успешност или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на даночниот обврзник, од денот на влегувањето во сила на уредбата со законска сила, до денот на траењето на ослободувањето 15 јуни 2020 година.

Компаниите исто така не треба да го намалат бројот на вработени, сметано од 26 март до три месеци по престанувањето на нејзината важност, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените.

„Обврзниците од останатите дејности правото од ослободување од плаќање на аконтациите на данокот на добивка може да го остварат доколку исполнуваат и еден од следните услови, а тое  вкупните приходи на даночниот обврзник да се намалени за најмалку 40 проценти во тековниот месец во однос на месец февруари 2020 година или намалувањето на вкупните приходи за 2020 година изнесува повеќе од 40 проценти во однос на истиот период претходната година, или бројот на вработени кои не работат односно не придонесуваат во економската активност на даночниот обврзник-работодавач, заради спроведување на мерките, да изнесува најмалку 25 отсто во однос на вкупниот број на вработени во месец февруари 2020 година, или  даночниот обврзник да затворил најмалку 50 отсто од продажните места преку кои го остварува прометот, подружници, продажни објекти,“ вели Лукаревска.

Ослободувањето од плаќање на данокот на личен доход се однесува на обврзниците кои остваруваат доход од вршење на угостителска дејност, туризам и транспорт, но и други даночни обврзници кои остваруваат доход од самостојна дејност, а имаат претрпено штети во своето работење заради спроведување на мерките за справување со Ковид-19.