На вкупно 992 вработени 306 работодавачи не им ја дале декемвриската плата, иако добиле финансиската поддршка од државата во износ од 16.305.020 денари или 265 илјади евра. А, според состојба од 2 февруари 2021 година, на вкупно 13.160 работодавачи им се исплатени 961.709.306 денари за исплата на декемвриска плата на 60.974 вработени. Ова го соопшти на денешната прес конференција директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска.
За работодавачите кои не исплатиле плати Лукаревска рече дека УЈП изготви и достави опомени, а по истекот на рокот од опомената, против оние кои нема да ја дадат платата, ќе се спроведе постапка на присилна наплата со блокада на трансакциска сметка.

„Компании што не исплатиле плати се од дејностите: 78 од трговија на мало, кои примиле помош од 2.219.584 денари и на 145 вработени не исплатиле плата, потоа 44 фирми што вршат подготовка на оброци и служење на храна, кои примиле 2.239.825 денари и на 130 вработени не дале плата, 26 фирми од градежништво што добиле државна помош од 944.106 денари и на 57 вработени не поделиле плати. Останатите компании се од транспорт, трговија на големо и на мало, трговија со моторни возила и моторцикли и услужни дејности. По региони, најголем број од овие фирми се од Скопје, 92, Тетово, 63 и од Гостивар 16“, соопшти Ликаревска.
УЈП информира дека октомвриска плата сѐ уште не зеле 34 вработени, а во ноември 50 вработени, и кај тие компании е во тек постапка на присилна наплата од трансакциска сметка.

По постапката за присилна наплата поради сѐ уште неисплатена плата за месец април има за 47 компании за 102 вработени, потоа за 33 компании кои за мај не поделиле плата на 63 вработени и за 54 компании кои во јуни не исплатиле плати за 145 вработени.

„Вкупниот број на компании кои сè уште не исплатиле плата за еден, два или за сите три месеци (април, мај и јуни) е 109. За овие работодавачи се доставени податоци во ЈО за покренување на кривична постапка, и кај истите се извршени контроли во координација со Државен инспекторат за труд“, рече Лукаревска.