Фото: Влада

Управата за јавни приходи (УЈП) и Државниот инспекторат за труд (ДИТ) во заедничките контроли спроведени на 60 фирми, во јануари и лани во декември утврдиле кај 16 компании неправилности во врска со доделената државна помош за плати, а кај 41 работодавец незаконитости околу исплатата на плата и на минималната плата. Контроли се вршени кај фирми кои користеле финансиска помош од државата за исплата на плата во април, мај и јуни, и во октомври, ноември и декември 2020 година, а кои не исплатиле плата.

„Во декември 2020 и во јануари 2021 година се извршени контроли кај 60 даночни обврзници од дејностите, подготовка на оброци и служење храна, транспорт, трговија на мало, туристички агенции, градежништво и други. Кај 16 од нив е утврдено дека не го исполниле условот за финансиска помош, бидејќи во месеците кога е користена помошта, не им бил намален приходот за 30 отсто. Седум фирми го намалиле бројот на бројот на вработени во месеците кога примиле помош, 2 фирми не ги исполниле и двата услова за субвенции, бројот на вработени и намалување на приходот, а 2 фирми не дозволиле инспекторите да влезат во фирмите. Само едена фирма ја вратила финансиската помош, бидејќи не ги исполнила условите за нејзино добивање, додека други две треба да ги вратат парите со камата“, изјави Лукаревска на денешната заедничка прес-конференција со директорката на ДИТ, Јована Тренчевска.

Таа предупреди дека фирмите ќе бидат санкционирани, а дел од нив веќе се дадени на натамошно постапување во ЈО за организиран криминал и корупција. Потсети дека, согласно Уредбата за помош за исплата на плата во април, мај и јуни и законското решение за помош за исплата на плата за октомври, ноември и декември, ако работодавачот не ги исполнува условите, треба да ја врати добиената финансиска поддршка во целост, заедно со камата, согласно Законот за даночна постапка. За работодавач кој дал изјава за користење на поддршката, а не ги исполнил условите, се постапува согласно Кривичниот законик.

Според Тренчевска, извршени се вкупно 74 надзори кај исто толку правни субјекти, а за да се утврди дали се исплатени плати и придонеси од плати на работниците, согласно ЗРО, и дали е таа во износ на минималната плата. При тоа се утврдени неправилности кај 41 работодавач и завршени се 17 контролни надзори.

„ДИТ донесе 41 решение со опомена. Тие се однесуваат на неисплатени плати и придонеси во рокот утврден во ЗРО, најдоцна по истекот на 15 дена, како и за исплатени износи пониски од минималната плата“, рече Тренчевска. Додаде дека 10 работодавачи постапиле по донесените решенија, 6 не постапиле, и за тоа е изречено решение и е даден рок од осум дена за постапување. Еден работодавач кој не постапил по ова решение добил казна во износ од 200 евра, а одговорносто лице од 150 евра. Неправилноста се однесувала на неисплатена плата на еден вработен.