Српската опозиција прашува каква е улогата на Белград во бегството на Груевски


Белград, 15 ноември, 2018 - 13:05 (META) 

Опозициските Движење на слободни граѓани (ПСГ) и Граѓански блок 381 (ГБ381) денеска упатија прашање до власта во Србија каква е улогата на официјален Белград во бегството на Никола Груевски во Унгарија и дали е точно дека српскиот претседател Александар Вучиќ „незаконски наредил БИА тајно да го прифати Груевски и да го спроведе низ Србија“, мислејќи на српската агенција за безбедност.

ПСГ, чиј претседател е поранешниот јавен правобранител на Србија, Саша Јанковиќ, потсетуваат и дека советникот на шеикот Бин Зајед, Мухамед Дахлан, иако по него е распишана меѓународна потерница, добил српско државјанство и орден од Србија и дека режимот на Вучиќ му дал азил на романскиот тајкун Себастијан Гица, за кого меѓународна потерница распиша Романија поради сомнеж за повеќе кривични дела.

„Србија под власта на Српската напредна партија стана сигурна зона и фришоп за богати луѓе што бегаат од правдата во своите земји“, се додава во соопштението на двете движења.


Заев: Со пенкало падна режим, со пенкало ќе ја обезбедиме иднината


Брисел, 12 јули, 2018 - 16:50 (META) 

Ви реков дека ќе падне режим и падна режим. Ви реков ќе станеме 30-та членка на НАТО и станавме. Ова, пенкалото, целиот период нè движи. Режим падна со пенкало, сега потпишавме и добивме покана за НАТО. Верувам до небото. Добивме датум за преговори со ЕУ, таа верба не носи. Ни по точка разно не размислувам дека нема да успее референдумот, рече премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата во Брисел по потпишувањето на поканата за прием во НАТО.

– Референдумот ќе успее и ќе биде порака дека има народи, нации и мултиетнички општества кои веруваат во својата иднина. Колку и да е тешка ќе ја донесеме одлуката сите заедно во Република Македонија – рече Заев.

Тој изрази жалење што претседателот Ѓорге Иванов не е дел од делегацијата на Македонија во НАТО. Од Иванов, рече Заев, не добиле ништо, ниту било каква порака, ниту честитка за поканата на НАТО.

– Ние мораме да ја прифатиме одлуката на граѓаните, каква и да е. Оваа прилика уште еднаш ќе ја искористам да ги повикам да се приклучат сите да им помогнеме на граѓаните, да бидеме ветар во нивниот грб. Со пенкало, само така и личи на Македонија. Иднината на Македонија ќе биде обезбедена пред се од нас, да го дадат својот глас – рече тој и изрази уверување дека и Грција ќе го заврши својот дел од Договорот кој ќе донесе бенефит, прогрес и просперитет и за двете земји.

Премиерот ги повика сите граѓани на Република Македонија во сабота да излезат по градовите, да си честитаат и да прослават.

За време на свечената церемонија генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг истакна дека по завршувањето на внатрешните процедури и ратификување на договорот, Македонија ќе седи на иста маса со сојузниците.


Автобуските линии на ЈСП со летен режим на работа


Скопје, 8 јуни, 2018 - 12:27 (META) 

ЈСП информира дека од 10 јуни (недела), автобуските линии почнуваат со летен режим на работа, а возниот ред може да се види на нивната веб-страница www.jsp.com.mk.

Од таму потсетуваат дека викендов, автобуските линии 25 (Транспортен центар-Средно Водно), 25А (Автомакедонија-Средно Водно) и 25Б (Дом на печат-Средно Водно) нема да сообраќаат, освен линијата 25 со редовен возен ред после 16 часот во сабота, односно после 15.30 часот во недела.

Причина за времениот прекин на автобуските линии е одржувањето на брзинско-ридскиот натпревар во автомобилизам „Награда на Скопје Водно 2018“ кој ќе се одржи на Водно.


Привремен сообраќаен режим претстојниот викенд на Водно


Скопје, 8 јуни, 2018 - 10:49 (META) 

Градот Скопје информира дека на дел од улицата „Тодор Александров“ и патот кој води до Средно Водно, овој викенд ќе се одржи брзинско – ридски натпревар во автомобилизам „Награда на Скопје Водно 2018“.

„За таа цел, дел од улицата „Тодор Александров“, на потегот од Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ул. Тодор Александров бр. 165) и патот до Средно Водно во сабота ќе бидат затворени за сообраќај од 08 до 16 часот, а во недела од 08 до 15.30 часот. Исто така, возилата на автобуските линии кои го поврзуваат градот Скопје и Средно Водно, 25, 25А и 25Б нема да сообраќаат, освен автобуската линија 25 со редовен возен ред по 16 часот во сабота, односно 15:30 часот во недела“, се вели во соопштението.


Црниот понеделник сведочи за бруталноста на поразениот режим, велат од СДСМ


Скопје, 24 декември, 2017 - 12:26 (META) 

Денешниот датум, 24 декември, останува врежан како еден од црните денови за демократијата во Македонија и сведочи за бруталноста на сега веќе поразениот режим на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ преку соопштение до медиумите.

„Никола Груевски и фамилијата пред очите на целокупната јавност, преку злоупотреба на полицијата во законодавниот дом ја погазија демократијата брутално исфрлувајќи и тепајќи новинари и пратеници. Таквите долгогодишни политики на сеење страв и омраза од страна на режимот на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ кулминираа со упад и насилство во Собранието на 27 април годинава. Граѓаните ги препознаа деструктивните политики на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ и затоа го казнија нивното насилничко однесување, избраа промени, заедништво, нови одговорни власти кои работат во интерес на Македонија и нејзините граѓани“, велат од владејачката партија.

Според партијата, принципот на едно општество, меѓусебното почитување и соработка се гаранција дека таквите денови се, како што велат, дел од темното минато и не смеат веќе никогаш да се повторат.


Груевски: Притворањето пратеници е директно уривање на демократијата


Скопје, 6 декември, 2017 - 10:49 (META) 

Поранешниот премиер и лидер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, по одложувањето на рочиштето за случајот „Траекторија“ рече дека со одредувањето притвор за шестемина пратеници се случило „директно уривање на демократијата“.

Тој упати апел до обвинителството, до судот и особено до СДСМ кој, како што рече, ставил сè под своја контрола, да го не прави тоа бидејќи претставува уривање на демократијата.

– Ова е преседан. Ова е режим. Ова е директно уривање на демократијата. Партијата што пред шест месеци не го вадеше зборот „режим“ од уста, сега директно спроведува режим и ја урива демократијата. Ова го немало ниту во 1949 година. По 16 часа да се држат луѓе со лисици на рацете и да им се одредува притвор за ништо – рече Груевски.

Прашан дали ќе биде кандидат за претседател на ВМРО-ДПМНЕ на престојаниот вонреден конгрес на партијата, Груевски отпрвин не сакаше да коментира, но подзастана и за медиумите рече дека целата постапка околу вонредниот конгрес што треба да се одржи на 23 декември, како и досега, ќе биде транспарентна и јавноста за сè ќе биде навреме известена.


Јеремиќ: Поранешниот македонски режим пере пари преку српската власт


Белград, 1 декември, 2017 - 22:06 (META) 

Поранешниот српски министер за надворешни работи и лидер на опозициската Народна партија, Вук Јеремиќ, денеска ги повика истражните органи во Србија да ги испитаат врските меѓу поранешната македонска влада и Војислав Спаравало, директорот на фирмата СЦМГ, која ја купи фабриката „14 Октомври“ од Крушевац.

Јеремиќ во изјава за белградската „ТВ Наша“ вели дека чешката компанија „Чехословак груп“ во октомври годинава преку белградската фирма СЦМГ ја купила централата на фирмата во Крушевац за четири милиони евра, со директен договор, без јавна лицитација. Тој вели дека според српските закони, директните договори за купопродажба се дозволени само во „специјални случаи“, а „специјално во овој случај е тоа што годинава во Македонија е соборен диктаторскиот и длабоко корумпираниот режим на Никола Груевски, политичкиот брат близнак на српскиот претседател Александар Вучиќ“.

– Тие се луѓе од тој режим, а пред сите е Сашо Мијалков, поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање и „десната рака“ на Груевски, кои почнаа панично да извлекуваат пари стекнати со коруптивни активности во Македонија и да ги пласираат во разни шеми, преку даночните оази, Холандија, а во случајот со „14 Октомври“, преку Чешка – нагласува Јеремиќ.


Од утре задолжително носење зимска опрема во возилата


Скопје, 14 ноември, 2017 - 10:45 (META) 

Законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата стапува на сила утре и ќе трае до 15 март 2018 година. Доколку возилото во сообраќај не ја поседува пропишаната опрема, возачот може да добие казна од 45 евра во денарска противвредност или 25 негативни поени во возачката книшка.

За моторните возила до 3.500 килограми задолжителна опрема се зимски гуми на сите тркала со минимална длабочина на шарата од четири милиметри, а ако имаат летни гуми со четири милиметри, обврзани се да поседуваат синџири за снег кои одговараат на големината на погонските тркала.

Задолжителна зимска опрема за моторни возила со погон на сите тркала (4×4), пак, се зимски гуми на сите тркала со минимална длабочина на шарата од шест милиметри или летни пневматици со минимална длабочина од четири милиметри доколку возилото поседува синџири за снег најмалку за задната осовина во случај кога има постојан погон на сите тркала, или синџири за снег најмалку за погонските тркала кога возилото има преклопив погон.

За моторни возила со над 3.500 килограми задолжителни се зимски гуми на сите тркала со минимална длабочина на шарата од шест милиметри, а ако има летни пневматици со минимална длабочина на шарата од четири милиметри, треба да има и соодветни синџири за снег.

Автобусите и товарните возила кои не можат да постават синџири на тркалата задолжително треба да поседуваат зимски пневматици на погонските тркала како и прирачен алат.

На бочната страна на зимските пневматици ги има ознаките „МС“, „М+С“, „М&S“ како и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва. Забрането е поставување пневматици со клинци.


Богоев: Скандалозна е пресудата на “сваровски судиите“ за Урко


Скопје, 15 август, 2017 - 16:31 (META) 

Скандалозна е пресудата со која поранешниот телохранител на Никола Груевски, Дејан Митревски – Урко е осуден на условна казна за сообраќајната несреќа во која загина момче, изјави денеска на прес-конференција Стефан Богоев, пратеник и претседател на Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ).

Според Богоев, ова е уште еден доказ дека „поданиците на поранешниот режим сè уште се привилeгирани и се над законот“.

– Очигледно е дека „сваровски-судиите сè уште работат во одбрана на криминалот и злоделата на поранешниот режим. Одлуката за условна казна за сторител на тешко дело против безбедноста во сообраќајот, со смртни последици на младо момче докажува дека е потребна итна професионализација и ослободување на судскиот систем. Токму затоа, неопходно е итно спроведување на започнатите реформи во судството за никогаш повеќе да не се повторат вакви скандалозни случаи каде што поединци ќе бидат над законите само затоа што се блиски до една или друга политичка партија – изјави Богоев.


Колариќ: СДС почна да воспоставува режим, но ќе почувствува отпор од народот


Скопје, 23 јули, 2017 - 15:03 (META) 

Зоран Заев и СДС почнаа со реализација на планот да ја направат партијата држава, а државата партија, а тоа ќе го платат граѓаните на Република Македонија со стотици милиони денари од буџетот, изјави денеска на прес-конференција Светлана Колариќ од ВМРО-ДПМНЕ.

– Деца на коалициони партнери на Заев, комедијанти кои глумеле објективни критичари, граѓани кои глумеле независни и невладини корективи на власта – сите денес се вработени во Владата и се платени со стотици милиони денари пари на граѓаните. Без квалификации и без критериум, освен тоа дека одработувале на интересите на Заев и ги манипулирале граѓаните. Стотици милиони денари од буџетот секоја година наместо да се трошат за нови училишта, за болници и за градинки, Заев ќе ги троши за вработувања партиски војници и профитери од граѓанскиот сектор – изјави Колариќ.

Таа додаде дека СДСм почнал да воспоставува режим во Република Македонија, но, како што рече, отпорот од народот ќе го почувствува многу бргу.