fbpx

Кина како пример: Медиумска промоција на недемократскиот вредносен систем

Ова влијание посебно се зајакнува во услови на голема корупција во државата, намалена доверба на граѓаните во институциите и нивната способност да се справат со истата и своевиден институционален хаос до кој доведува злоупотребата на демократските вредности и структура, пишува „Вистиномер“ во својата анализа

-

Едно од значајните влијанија со долгорочни негативни последици во Северна Македонија, а кое најчесто потполно се занемарува, е влијанието кое го има Кина. Ова влијание посебно се зајакнува во услови на голема корупција во државата, намалена доверба на граѓаните во институциите и нивната способност да се справат со истата и своевиден институционален хаос до кој доведува злоупотребата на демократските вредности и структура, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

 

За разлика од руското влијание во С. Македонија, кое во голема мера успева да продре заради сличностите  во јазикот и религијата, и пошироките познавања кои ги имаат граѓаните на С. Македонија за културата, уметноста, историјата на Русија, кинеското влијание може да го поврземе токму со спротивното.

Имено, обичниот граѓанин знае многу малку за Кина, има ограничени информации за политичките случувања, но и за секојдневниот живот и проблемите со кои се соочуваат луѓето во Кина, и на тој начин станува лесно мета на влијание на еднострана и моќна пропаганда која успева да пробие во С. Македонија со делумни информации, информации извадени од контекст и пред сè со отсуство на анализа на овие информации.

Во услови на ограничени информации и знаења многу лесно е кинеската пропаганда да се помеша со проста промоција на сопствениот „поинаков“ начин на решавање на работите и да се перципира како една од алтернативите на развојот наместо неприфаќање на цивилизациски достигнатите вредности.

За начинот на кој Кина го манифестира своето влијание во С. Македонија постојат помали и многу срамежливи информации за спроведени истражувања , истражувачки извештаи и медиумски анализи.

Истражувањата за кинеското влијане во С. Македонија се карактеристични за последните неколку години (со голем празен простор кој постои претходно). Една од ретките истражувачки организации која посветува посебно внимание на Кина и нејзиното влијание на Балканот и посебно во С. Македонија е Естима (Разбирање на алатките, наративите и влијанието на кинеската „мека моќ“ во Северна Македонија).

Одделни сегменти од присуството на Кина во С. Македонија се опфатени во анализи на новинската агенција Мета.мк на темите: телекомуникации, железница и патишта.

Влијанието на Кина преку медиумите на македонски јазик може да се групира во неколку кластери.

 

Политика на цврста рака

Еден од елементите кои ги фасцинираат граѓаните на С. Македонија кога станува збор за Кина е политиката на цврста рака која се применува во државата во конотација со борбата со корупцијата и злоупотребата на службената должност, меѓутоа и во однос на криминалот кој не е поврзан со позицијата на власт.

Неретко во медиумите може да се прочитаат наслови и содржини кои со нескриено воодушевување зборуваат за судските процеси и извршените најтешки казни (сè до смртна) над политичари од Кина кои „биле фатени“ во злоупотреба на дадената функција:

На АА ( Агенцијата Анадолија) на македонски јазик може да се прочита: Поранешен кинески министер за правда осуден на смрт поради корупција

Обвинет е за злоупотреба на позицијата во периодот помеѓу 2005 и 2021 година, вклучително и примање мито во вкупна вредност од околу 16,76 милиони долари и „менување на законот за лични придобивки“, пишува во текстот.

Паѓа в очи дека овој вид фасцинација е многу поприсутен во периодот 2010-2015 година, отколку денес:

И покрај тоа што овој вид вести се помалубројни во наредните години, тоа не значи и нивно потполно отсуство. Во еден поинаков контекст и нешто изменета амбалажа, се пренесуваат слични, па и истоветни пораки кои ја промовираат идејата за цврста рака. Паѓа в очи дека неретко станува збор за изрекување смртна казна за разни видови злосторства: од подметнување пожар, труење, трговија со луѓе, до корупција, за што сведочат низа примери од 2014, 2014, 2016, 2016 и 2017 година.

Некритичката промоција на овој вид содржини е во потполна контрадикторност не само со ЕУ ориентацијата на С. Македонија, туку и со нејзиното долгогодишно членување во Советот на Европа и ратификацијата на Европската конвеција за човековите права во која е експлицитно забранета смртната казна.

Наредните години, кај групата повлијателни македонски медиуми чија продукција ја следи агрегаторот  Timе.mk, може да се забележи намалување на пренесени вести со ваква тематика, од 8 во 201819 во 2019, 18 во 2020, 22 во 2021 и ниту една во 2022 година.

Во отсуство на каква било корелација со човековите права во овие написи, со цивилизацискиот развој на казнениот систем и меѓународните договори кои се однесуваат на укинувањето на смртната казна, ваквиот вид написи може да бидат само поттикнување на идеите за враќање назад и отстапување од веќе прифатените вредности во рамките на ООН и пред сè Советот на Европа.

Рефлексиите на овие и вакви написи имаат долготрајно влијание и одново и одново се појавуваат на социјалните мрежи:

ФБ статус кој има собрано 451 допаѓање и 176 споделувања
Твит кој сè уште се споделува на социјалните мрежи

Во помала мера од претходниот период, меѓутоа сè уште медиумите придонесуваат во градењето на митот за беспоштедната борба на Кина со корупцијата.

На A1on е споделено:

Кинеските антикорупциски власти денеска соопштија дека е почната истрага против поранешниот кинески министер за правда Фу Џенхуа.

Бројни комунистички службеници и бизнисмени веќе паднаа откако претседателот Си Џинпинг во 2013 година ја почна операцијата „чисти раце“, а со која се опфатени војската, компаниите и политичкото опкружување.

На МКД e објавено:

Кина го осуди обожувањето пари, екстремниот индивидуализам и корупцијата

Во многу мал број медиуми се појавуваат објаснувања и сомнежи за целите кои стојат зад оваа „беспоштедна борба со корупцијата“  (на пример на порталот Кајгана):

Набљудувачите велат дека потписната антикорупциска кампања на Си се користи и за елиминирање на неговите политички ривали и другите фракции во партијата. Во последната деценија, антикорупциските тела испитаа повеќе од 4,7 милиони луѓе.

Во уште помал број медиуми се дадени анализи во врска со овие акции во кои казнувањето е ставено во контекст на актуелните случувања во С. Македонија, односно во контекст на податоци собрани од страна на меѓународни организации за заштита на човековите права. На пример на порталот Окно странично е зафатен и овој момент:

Кина казни повеќе од еден и пол милион функционери во последните пет години како дел од владината антикорупциска кампања. Според Амнести интернешенел, Кина погубила „илјадници“. Точната бројка е државна тајна. Трендот на раст на казнети функционери покажува само колку корупцијата останува перзистентна во „социјализмот со кинески карактеристики“.

Методот на цврста рака, кој предизвикува воодушевување, не се става само во контекст на борбата со корупцијата, туку и во решавањето на секојдневните проблеми и предизвици со кои се соочува општеството. На порталот Мотика, на пример, е поместен краток текст за тоа со наслов: Како Кина се справува со тинејџерите зависни од компјутери?

Името на кампот е „Центар за ментално созревање на кинески тинејџери“, родителите сами ги носат децата таму, а методите им се војнички. Тинејџерите кои пред да дојдат во кампот по 10 часа дневно играле видео игри, наредните три или повеќе месеци нема ни да видат компјутер, а камо ли интернет и видео игри, пишува во текстот

Уште подрастичен е текстот објавен на порталот BloombergAdria (на македонски јазик):

Кина казни службеници поради ‘грди’ цртежи во учебници

Во ниту една од овие објави не се поставува прашањето на човековите права и слободи, прекршувањето на истите или димензионирањето на актите на државата (Кина) во рамките на меѓународно прифатените стандарди. Меѓутоа, во последно време во одделни медиуми (на пример пренесениот текст под наслов „Кинеската автократија во криза“ во медиумот Независен) можат да се идентификуваат и написи кои ја препознаваат автократијата која владее во Кина и која е составен дел на настапот на Кина и во Северна Македонија.

Наспроти ова, најчесто, политиката на цврста рака се вклопува во пласирањето на идејата за некој посебен вид демократија карактеристична за Кина, кој се базира токму на ваков вид политика и на партиското едноумие.

Во медиумот Фактор под насловот “РЕПОРТАЖА ОД КИНА: Демократија на кинески начин !“ се промовира токму оваа идеја. За да ѝ се даде кредибилитет, написот започнува со наводна изјава на неименуван кинески интелектуалец:

Сакаме хармонија и стабилност а не хаос и кавги“. Оваа реченица ја слушнав од еден кинески интелектуалец, човек кој совршено зборува англиски јазик, посетил бројни странски универзитети, бил предaвач таму, прочитал тони книги  и совршено ја знае дефиницијата за „демократија“. Сепак, вели, во комунистичкиот систем што го живее Кина, демократијата би донела уривање на сегашната хармонија. Комунистичката партија на Кина која со децении ја води земјата е најголема политичка партија на светот, со 80 милиони членови, но, сепак, како процент од вкупното население во Кина, таа има поддршка од 6 отсто од Кинезите. Лично се уверив во убедувањата на влијателни луѓе што живеат и работат во Кина за успешноста на политичкиот систем.

Ова е зацврстено со многу јасна порака (исто од неименуван интелектуалец):

Економскиот живот  сепак е детерминиран од политичкиот контекст. Па така, еден интелектуалец забележува: Ако не сте против државата и партијата, си терате бизнис, тогаш никој ништо нема да ви направи.

Во слична насока е и написот во медиумот Денешен под наслов „ЏИНПИНГ: Вистинската демократија во Хонгконг почна по неговото враќање на Кина“.

 По враќањето во татковината, жителите на Хонгконг станаа господари на сопствениот град. Вистинската демократија во Хонгконг започна во тој момент, истакна Си, пишува во написот.

 

Економски гигант

Втор елемент кој отвора канал за големо влијание во С. Македонија претставува воодушевувањето од растечката економија на Кина. И во овој сегмент станува збор за нецелосни информации и секогаш вон било каков контекст на заштитата на човековите права или специфичните права поврзани со работењето (синдикати, право на штрајк, судска заштита ).

Медиумите се еднодушни во пренесувањето на информациите поврзани со економскиот раст на Кина. Ова се однесува и на стручни медиуми/портали, како, на пример, порталот Банкарство, кои пренесуваат податоци преземени од Светска банка или други релевантни извори.

Заклучокот кој се пласира е дека економскиот раст на Кина е несомнен и евидентен и дури и во услови на пандемија, Кина не стагнираше за разлика од многу други држави.

Македонските медиуми не само што пренесуваат информации поврзани со економскиот раст на Кина, туку пренесуваат и изјави, ставови и мислења на кинески политичари. На пример, медиумот Фактор под насловот „КИНЕСКАТА ЕКОНОМИЈА ПРОДОЛЖУВА ДА РАСТЕ – таа е отпорна на сите предизвици, корист од развојот на Кина ќе има целиот свет“ пренесува:

Според економските експерти, водена од економската мисла на кинескиот претседател Си Џинпинг, Кина останува цврст поддржувач на глобализацијата и мултилатерализмот, додека се соочува со обновениот протекционизам и глобалните економски спротивставени ветрови…

Кинескиот претседател постојано изјавува дека решеноста на Кина да се отвори понатаму кон надворешниот свет останува непоколеблива. Нарекувајќи го отворањето „белег на современа Кина“, Си, во главниот говор на церемонијата на отворањето на четвртиот CIIE во ноември минатата година, рече дека „нема да ја промениме нашата решеност да се отвориме пошироко по висок стандард; нема да ја промениме нашата определба да ги споделиме можностите за развој со остатокот од светот; и нема да ја промениме нашата посветеност на економската глобализација која е поотворена, поинклузивна, избалансирана и покорисна за сите.

Воодушевувањето на Македонците од кинеската економија не соодветствува на директното учество на Кина со инвестиции или конкретно економско присуство (што може да се види од официјалните податоци на пример на Народната банка на С. Македонија), меѓутоа постојано се навестува голем подем во оваа област.

Според истражувањата на здружението ЕСТИМА и дебатата во врска со ова истражување

Првата асоцијација на македонските граѓани за Кина е бизнисот, трговијата, инвестициите и другите економски теми и во оваа област Кина главно ужива позитивна репутација.

Дури и од официјалните интернет страни на министерствата во С. Македонија може да се види дека Македонија со огромна доверба влегува во соработката со Кина и покрај голем број негативни искуства кои ги има посебно во економските зделки со Кина.

На пример, на порталот Слободен печат може да се прочита:

Од ЈСП „Скопје“ велат дека набавката на резервни делови е отежната, бидејќи не можат да се набават од потенцијалните добавувачи, имајќи во предвид дека оригинал резервни делови за возилата „јутонг“ речиси и да не постојат, а и еквивалентните делови на резервните едвај се наоѓаат и се прескапи, со нереална цена за квалитетот.

Во медиумот Гласот на Америка на македонски јазик под насловот “Кои се предизвиците со кинеските инвестиции во Северна Македонија?“ се анализира:

Седум години од почетокот на градбата, автопатот Охрид-Кичево не е завршен. Кредитот од кинеската Ексим Банка, наместо првичните 561 милион долари, со анексите достигна вредност од над 772 милиони долари или околу 600 милиони евра. Дури и ако новиот рок за завршување на градежните работи се испочитува, тоа би значело доцнење од околу три и пол години во однос на првично договореното.

Многу често по помпезно најавуваните заеднички проекти не следи и нивна реализација, меѓутоа тоа не го намалува ентузијазмот при секоја нова најава на евентуална инвестиција од страна на Кина. Напротив, одново и одново се пласираат ентузијастички пораки за некоја идна голема соработка. На пример во медиумот Нова Македонија:

Во постепидемиската ера односите меѓу Кина и Северна Македонија ќе постигнуваат постојан раст, со поблиски контакти меѓу луѓето, попрактични размени и соработка во различни области, истакнува Џанг Ѕуо, амбасадор на НР Кина во нашата земја во интервјуто за „Нова Македонија“. Како што вели тој, Кина е подготвена да работи со Македонија за да ги искористи значајните можности што ги дава проектот „Еден појас, еден пат“ и стабилно да ја промовира практичната соработка во различни области, како што се трговијата, инфраструктурата, земјоделството, културата, образованието и здравствената заштита.

Во медиумите многу малку продираат истражувачки резултати од оваа област и скоро не се спомнува и до граѓаните не стигнува информацијата за можната конотација на овој вид влијание од страна на Кина за демократскиот развој на државата.

На пример, истражувачкиот извештај под наслов „Втурнати во ќорсокак: заблудената верба во кинескиот корозивен капитал за изградбата на автопатите во Северна Македонија“, изработен од Институтот за демократија во Скопје, во кој се посочуваат:

Прашања за отпорноста на властите во Северна Македонија кон корупцијата и нивната волја да го игнорираат владеењето на правото и да извршуваат проекти од овој вид на нетранспарентен и неинклузивен начин. Се чини дека начинот на работење на Кина е обратен од политичкиот и економскиот модел и слободарските вредности кои Северна Македонија се стреми да ги постигне преку своите сојузи (НАТО) и идното членство во ЕУ

Ентузијазмот не опаѓа дури и по зделките откриени со скандалот за прислушување и наводите за корупција токму во врска со инвестициите на Кина во С. Македонија (податоци од истражувањето „Местото на Северна Македонија во стратегијата на Кина за Западен Балкан“ поддржано од страна на Фондацијата Конрад Аденауер).

 

Критика на „Западот“

Трет елемент преку кој се остварува многу силно и повеќеслојно влијание на Кина во Северна Македонија е критиката која Кина ја пласира во однос на западноевропските држави и кон САД.

Во услови на замор на граѓаните во однос на долгиот и потполно неизвесен процес на асоцијација со ЕУ, континуирани напади од соседните држави (ЕУ членки) и внатрешни превирања во кои јасно се исцртува дебаланс во меѓународната поддршка, критиките кои Кина ги упатува кон западноевропските држави и посебно кон САД (најчесто како дел од развиената пропагандна машинерија) наидуваат на исклучително плодна почва.

На пример во весникот Нова Македонија може да се прочита:

Модернизацијата на Кина ќе се одвива во хармонија и со природата. Владата во Пекинг нуди алтернатива на западниот развој. И покрај тоа што истовремено ги задоволува растечките потреби на луѓето за подобар живот и убава животна средина, кинескиот пат кон модернизација им нуди на другите земји нов, алтернативен начин кон просперитетот…Истакнувајќи дека модернизацијата е концепт обликуван од западните развиени нации, тој рече дека западниот модел го става профитот во преден план наместо животната средина.

Ова многу јасно имплицира дека западните демократии нудат развој кој не води сметка за животната средина ниту за благосостојбата на луѓето. Ваквиот вид заклучоци е во спротивност со податоците кои се однесуваат на загадувањето, справувањето со отпадот и посебно амбиенталниот воздух во западните демократии и во Кина (а кои се дел од многу извештаи поврзани со заштитата на животната средина). На пример, според извештајот на EPI (Индекс на еколошки перформанси), Кина се наоѓа на 160 место од 180 држави опфатени со истражувањето).

Уште подрастична е ситуацијата со пренесувањето на критиките кои ги упатува Кина до САД. Изјавите на официјална Кина кои се однесуваат на САД најчесто се пренесуваат без никаков коментар или проблематизирање на кажаното.

На пример, во медиумот МКД е ставен текстот под наслов „Кина: Американската демократија е оружје за масовно уништување“. Во текстот, меѓу другото, се вели:

Демократијата’ долго време е ‘оружје за масовно уништувањè што го користат САД за мешање во други држави“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи во изјава на интернет, во која исто така го обвини САД дека „поттикнуваат ‘шарени револуции’“ во странство.

Без никаков дополнителен коментар, вака споделената информација не само што директно имплицира дека „западната“ демократија е лажна и служи за потчинување на други држави, туку е ставена и директно во контекст на С. Македонија со јасната асоцијација на Шарената револуција и нескриен обид за дезавуирање на демократската позадина на истата.

Сличен е примерот со текстот објавен на порталот МКД:

Кина на состанокот на Советот на ОН за човекови права ги повика САД „веднаш да прекинат со кршење на човековите права и да преземат ефикасни мерки за да спречат понатамошно влошување на состојбата на човековите права во земјата“.

Додавајќи дека „американските војници неселективно убивале и мачеле невини луѓе во прекуморските воени операции“, а „САД наметнаа еднострани мерки на принуда кои сериозно го кршат меѓународното право во одделни земји во развој, што доведе до сериозно кршење на човековите права и хуманитарни кризи“, кинескиот претставник ја повика таа земја „да преземе конкретни мерки за да спречи понатамошно влошување на состојбата на човековите права.“

Ваквиот вид објави без да бидат ставени во контекст на случувањата во Кина поврзани со човековите права и без постоење барем на елементарна компарација на состојбата со човековите права во двете држави, или пренесување на одговорот кој го дале САД во однос на истакнатите обвинувања, претставува ширење на директна кинеска пропаганда насочена кон дезавуирање на многубројните истражувања и извештаи за состојбата со човековите права во двете држави, релативизирање на прифатените стандарди во однос на човековите права како и дефокусирање на вниманието од големите прекршувања на истите во самата Кина.

Сличен ефект има и пренесувањето на кинеското видување на посетата на високиот комесеријат за човекови права на Кина во 2022 година на порталот Кумановски муабети:

Во разговор со комесарот на ОН, Си рекол дека Кина, со цел заеднички да ја промовира меѓународната заштита на човековите права и да им користи на луѓето од сите земји, е подготвена активно да се вклучи во дијалогот за човековите права и соработката со другите страни, врз основа на еднаквост и взаемна да се прошири консензусот и да се намалат разликите.

Истакнувајќи дека земјите се разликуваат по историја, култура, општествено уредување и ниво на економски и социјален развој, Си рече дека тие мора да ги промовираат и заштитат човековите права во согласност со нивната национална реалност и во согласност со потребите на својот народ.

При ова се избегнува да се посочи фактот дека Кина не ратификувала неколку многу значајни ООН документи од областа на човековите права (меѓу кои и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права), потоа неможноста Високиот комесар за човекови права да води разговори со граѓани и организации без присуство на претставници од власта во текот на последната посета на Кина, и, секако наодите во овој извештај кој Кина најотворено се обиде да го запре од објавување. Наспроти на ова во македонските медиуми се пренесува:

Кинескиот претседател Си Џинпинг во разговор со високиот комесар на Обединетите нации за човекови права Мишел Башле рече дека човековите права на кинескиот народ се заштитени како никогаш досега и дека Кина успешно го отворила патот за развој на човековите права, во согласност со трендовите и националните услови.

Кина: Америка заработи богатство на конфликтот во Украина

Портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Џао Лиџијан кажа денес дека Соединетите Американски Држави „заработиле богатство“ од конфликтот во Украина. Европа ја плаќа цената на тој конфликт, особено од аспект на инфлацијата и цените на енергијата, истакна тој.

Овој вид „информации“ се појавуваат во уште поголем обем по започнувањето на воената агресија на Русија во Украина.

На пример, на порталот MAKFAX, под насловот „Пекинг: Меѓународната заедница мора да одговори на притисокот на САД“ се пренесува:

Кинеските власти сметаат дека е неопходно меѓународната заедница да се обедини против „непромислениот“ притисок на САД и нивното мешање во внатрешните работи на други земји, се вели во денешното соопштение објавено на веб-страницата на кинеското Министерство за надворешни работи.

Бидејќи во случајот станува збор за Тајван и посетата на американската претседателка на Претставничкиот дом на Тајван, соодветно би било да се стави дадениот текст во контекстот на односите на Кина и Тајван. Во спротивно останува само тврдењето на Кина дека САД се мешаат во внатрешните работи на суверени држави.

Дури и во однос на специфичните проблеми поврзани со конфликтот на Кина и Тајван (кој во последните декади станува и идентитетски конфликт) неретко во нашите медиуми се пласираат директни продукти од кинеската пропагандна машинерија:

Дали Војната е Неизбежна? Кина Најде Начин Да Ги Победи САД Во Тајван

Ако некој мисли дека Кина го „изгуби образот“ дозволувајќи ѝ на Пелоси да лета за Тајван и покрај сопствените страшни предупредувања, тогаш таквиот заклучок би бил погрешен. Пекинг ја презеде иницијативата во толкувањето на инцидентот, а сега повеќето земји во светот (без САД сојузниците во НАТО и англосаксонските земји) се согласуваат со тврдењата на кинеското раководство дека Вашингтон со неговиот провокативен трик ја донел ситуацијата во регионот до опасна линија.

Овој вид написи се вклопуваат во поширокиот контекст на написи кои ја шират руската пропаганда. Во оваа смисла може да се гледа и на написот пласиран на порталот МКД:

Русија и Кина заедно создаваат чесен светски поредок

Лавров изјави дека клучните сојузници, Кина и Русија, се движат кон нов светски поредок, под „незаконските санкции на Западот против Москва“.

„Страните ја забележаа контрапродуктивната природа на незаконските еднострани санкции наметнати на Русија од страна на Соединетите Држави и нивните сателити“, изјави рускиот министер за надворешни работи.

За разлика од многу земји, Кина одби да ја осуди руската инвазија на Украина. Американските власти го обвинија Пекинг за „сигнализирање подготвеност“ да ѝ помогнат на Русија, и воено и економски. Американскиот претседател Џо Бајден ја спореди руската инвазија на Украина со кинеското насилно задушување на студентските протести на плоштадот Тјенанмен во 1989 година.

Некритичкото пласирање пропаганден материјал, кој се продуцира од страна на кинеските партиски медиуми, ја засилува реториката на поддршка на Русија и градење недоверба кон Европа и посебно кон САД.

Под насловот „Кина и Русија и задаваат сериозни проблеми на Америка“ на порталот A1on.mk се пренесува напис од кинескиот весник Global Times (без назнака дека станува збор за кинески медиум) според кој:

Стратешкото партнерство меѓу Русија и Кина е од клучно значење за обезбедување мир и безбедност на евроазискиот континент. Тие можат да одиграат конструктивна улога во одржувањето на глобалниот поредок и правдата, пишува весникот „Глобал тајмс“.

Како знак на солидарност со другите народи, Москва и Пекинг упорно промовираат мултиполарност и поголема демократизација на меѓународните односи, одлучно спротивставувајќи се на обидите на Вашингтон да ги наметне своите идеали на сите и да предизвика нова студена војна, пишува весникот.

Во слична насока е и написот на медиумот TRTBalkan

Путин рече дека геополитичките тензии ја зајакнале улогата на руско-кинеското партнерство како стабилизирачки фактор.

Од своја страна, кинескиот претседател Си Ѓинпинг рече дека Пекинг е подготвен да ја зајакне стратешката соработка со Русија и да бидат глобални партнери „за доброто на народите на двете земји и во интерес на глобалната стабилност“.

Кинеското и руското влијание се надополнуваат и создаваат привид на потреба од генерална одбрана од заеднички непријател (Западот).

На пример на Канал 5 под насловот: „Русија и Кина објавија заедничко соопштение против НАТО и независноста на Тајван“ е даден текст од спомнатото соопштение

„Руската страна ја повторува својата поддршка за кинеската политика, потврдува дека Тајван е составен дел на Кина и се противи на секаков облик на нејзина независност“, се вели во соопштението.

Запирање на проширувањето на НАТО во соседството на Русија е главното барање на Кремљ во спорот со Западот околу Украина.

Ваквиот начин на пренесување на изјавите на руските и кинески челници, всушност, создава претстава за НАТО како агресор, наместо двете држави, Кина и Русија, кои се обидуваат да завладеат со нови територии надвор од сопствените граници.

Паѓа в очи дека во медиумите некритички се пренесуваат изјавите на кинески политичари во кои се употребуваат истоветни изрази како и во изјавите на руските политичари. Во медиумот Слободен печат е дадена изјавата на портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Ванг Венбин:

Кина во новата година е подготвена да работи со Русија за зајакнување на стратешките врски и продлабочување на практичната соработка со цел да придонесе за унапредување на демократизацијата на меѓународните односи, формирање поправеден и порационален меѓународен поредок и да олесни изградба заедница со заедничка иднина за човештвото, рече Ванг.

 

Себепромоција

Во последните години забележливо е зголемено присуство на информации од и за Кина во некои од медиумите кои (не)сакајќи стануваат гласноговорници на кинеската власт.

Забележливо е редовното присуство во одделни медиуми („Нова Македонија“ , „Вечер“) на кинескиот амбасадор во Македонија Џанг Ѕуо, со интервјуа, изјави и колумни.

Овие написи многу често претставуваат отворена осуда на НАТО, осуда на политиката на САД, поддршка на Русија, и отворен пропаганден материјал во кој Кина се прикажува како носител на прогресот и заштитник на човековите права и носител на развојот во С. Македонија и регионот…

Некои медиуми одат и чекор понатаму и влегуваат во директни продукциски шеми на промоција на Кина како дел од програмата поддржана директно од кинеската власт. На пример,  продукцијата на емисијата „Нихао“ на ТВ Телма, кај која сосема на крајот стои текст „Благодарност до Амбасадата на Народна Република Кина во Република Северна Македонија“, што може да се сфати и дека тие емисии се спонзорирани директно од НР Кина. Во емисијата (која е промовирана и на FB) се испреплетени културни, информативни и чисто партиско-пропагандни содржини кои го промовираат кинескиот вредносен систем.

 

Заклучок

Иако често се нарекува „меко влијание“ и не е толку лесно забележливо, не смее да се потцени влијанието кое го има Кина во С.Македонија и сè поширокото и почесто присуство на кинескиот пропаганден материјал, кој неретко се претставува како алтернатива на вредносниот систем што го има прифатено С. Македонија во последните 30 години.

Први на удар од ваквото влијание се човековите права. Како генералното разбирање на вредносниот систем, кој е спакуван во концептот за човековите права, така и поединечното справување со повредите на одделни права, односно нивното миноризирање. Ова е посебно опасно во ситуација на изразена голема недоверба на граѓаните на С. Македонија кон институциите (посебно кон целокупниот правосуден систем) и во услови на неуспешна борба со корупцијата во власта. Многу лесно под едно вакво влијание може да дојде до откажување од принципите на концептот за човековите права и прифаќање авторитарни решенија под закрилата на ефикасна борба со корупцијата и/или внесување ред и сигурност во државата.

Втора на удар е демократијата и ориентацијата на С. Македонија кон демократските системи на државите на ЕУ. Едностраното пренесување на критиките, обвинувањата и ставовите на кинеските политичари надвор од контекстот на глобалната политичка и правна ситуација во Кина споредено со ЕУ државите, па и со САД, и без балансирано претставување на против аргументите на овие критики, многу лесно создава впечаток на кинескиот модел како еднакво посакувана алтернатива и можен избор за С. Македонија.

Трет значаен елемент од отворањето кон кинеското влијание е тоа што (посебно во актуелниот момент на агресија на Русија врз Украина) се отвора заден влез за уште поголемо руско влијание. Претставувањето на Русија и Кина како држави кои нудат заедничка алтернатива, ја минимизира негативната перцепција на агресијата на Русија врз Украина и ја претставува како дел од едно глобално идеолошко преструктуирање кое има оправдување во целта која се сака да се постигне.

Пишува: проф. д-р Мирјана Најчевскаексперт за правна држава и човекови права

 

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Мета факт: Го нема ветениот нов електронски дневник, наставниците го користат стариот

Одговорните во Министерството за образование и наука (МОН) најавија дека од минатиот септември, односно од учебната 2023/2024 година, ќе биде пуштен во употреба нов електронски дневник, со кој требаше...