Грција трета на листата најголеми странски инвеститори во Македонија (инфографик)


Скопје, 1 февруари, 2019 - 8:07 (META) 

Ќе донесе ли имплементацијата на Преспанскиот договор заживување на економските односи меѓу Македонија и Грција е прашање што се заслужува внимание, имајќи предвид што стопанствениците од двете земји досега повеќепати укажувале дека спорот за името создава пречки за нормално функционирање на економските врски и потпишување договори за олеснување на соработката.

И покрај политичките недоразбирања, податоците на Народната банка за периодот 1997-2017 година откриваат дека во изминативе две децении Грција со инвестиции од 473 милиони евра е на третото место на листата најголеми странски инвеститори во земјава. Пред неа на листата се Австрија со инвестиции од 637 милиони евра и Велика Британија со вложени 531 милиони евра.

Во овој период во Македонија влегле вкупни странски директни инвестици од 4,7 милијарди евра што значи дека Грција учествува со 10,1 отсто во вкупните инвестиции.

Се проценува дека во нашата земја работат околу 300 компании со грчки капитал во трговијата, текстилната, услужната и тешката индустрија, а меѓу најголемите инвестиции се купувањето на Стопанска банка Скопје од Националната банка на Грција, „Окта“ од „Хеленик Петролеум“, „Цементарница Усје“ од „Титан“, „Мермерен комбинат“ од „Павлидис мермер и гранит“ и „Енерџи деливири солушнс“ од „ППЦ“.

Од друга страна, од вкупно 100 милиони евра директни инвестиции од Македонија во странство во периодот 1997-2017 година заклучно со 2015 година во Грција биле пласирани 4,7 милиони евра. Оттогаш наваму нашата земја има минусно инвестициско салдо кон Грција односно има само поврат на вложениот капитал, а нема нови инвестиции.


Извозот во првите осум месеци зголемен за 24,3 проценти


Скопје, 4 октомври, 2018 - 16:25 (META) 

Извозот во првите осум месеци изнесува 4.428.642.000 долари и бележи пораст од 24,3 проценти во однос на истиот период лани. Вредноста  на увeзената стока, во истиот период, изнесува 5.885.969.000 долари што е за 21,4 проценти повеќе од лани. Трговскиот дефицит, во првите осум месеци од годината изнесува 1.457.327.000 долари.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или  бродови и др.

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснато-валаните производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Бугарија.


Извозот во првите четири месеци со пораст од 31,5 проценти


Скопје, 4 јуни, 2018 - 15:11 (META) 

Извозот на стоки од Македонија во првите четири месеци од годинава бележи пораст од 31,5 проценти во однос на истиот период лани, објави Државниот завод за статистика.

Извозот во првите четири месеци од годинава изнесувал 2.176.646.000 долари, а увозот 2.954.810.000 долари и бележи пораст од 28,8 проценти. Трговскиот дефицит изнесува 778.163.000 американски долари. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-април 2018, изнесува 73,7 проценти.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, делови на седишта и облеката.

Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснато-валаните производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари-април 2018 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија, и Бугарија


Во Москва прославена 13-годишнината од Македонско-руската стопанска комора


Москва, 28 март, 2018 - 11:36 (META) 

Македонско-руската стопанска комора и нејзината активност во сите овие изминати години придонесе за пораст на економската соработка меѓу двете земји и за успешен влез на низа македонски производи на рускиот пазар, рече Димитри Бистров регионален директор на одделот за Меѓународна соработка на Стопанската комора на Руската федерација, со која Македонско-руската стопанска комора има партнерски однос.

На одбележување на 13-годишнината од основањето на Македонско-руската стопанска комора која се одржа во комлексот „Фуд сити“, присуствуваа претставници на бизнисот од Македонија и Русија, челните луѓе од низа трговски претставништва на земјите од Евроазиската унија, претставници на Евроазискиот деловен сојуз и на други деловни асоцијации.

Извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора, Дејан Бешлиев, подвлече дека во вкупниот обем на размената пораснал во сите сегменти, но највисок раст забележал македонскиот извоз за 10,6 отсто. Размената лани достигнала 202 милиони долари со пораст од 5,6 отсто и годинава очекува таа да биде уште повисока.

– Ваквиот тренд на придвижување нагоре продолжува и на стартот од 2018 година. Вкупната размена во јануари скокнала за 14,2 отсто, македонскиот извоз се покачил за 6,7, а увозот за 15,3 проценти. Меѓутоа, во размената со Руската федерација земјава остварува значаен трговски дефицит, кој лани изнесуваше 94,3 милиони долари, кој се должи на македонскиот увоз на нафта и гас. За негово врамнотежување мора постојано да го зголемуваме нашиот извоз – додаде Бешлиев.

Проектот „Македонски дом“ формиран во партнерство на Македонско-руската стопанска комора и со поддршка на Стопанската комора на Москва, помогнал на рускиот пазар да се појават производи кои досега не се извезувале во оваа земја.

– Руските потрошувачи веќе може да се снабдуваат со кондиторски производи, вода, сирење, кроасани, ајвар, бурек од „Кадино“. За македонските компании, членки на „Македонски дом“, кои се веќе 18 на број, обезбедуваме комплетна услуга за настап на рускиот пазар од сертификација до продажба, како и целосна царинска и правна подршка. Во првата година постигнавме голем успех, бидејќи руските потрошувачи почнаа да ги препознаваат македонските производи – истакна Ина Владимирновна Жарова, генерален директор на „Македонски дом“.


Бектеши – Дукс: Унгарски компании заинтересирани за проекти во Македонија


Скопје, 15 јуни, 2017 - 14:26 (META) 

Министерот за економија, Крешник Бектеши, денеска се сретна со амбасадорот на Унгарија во Македонија, Ласло Иштван Дукс.

Дукс го информирал Бектеши дека многу унгарски компании биле заинтересирани да учествуваат во спроведувањето на различни проекти од областа на инфраструктурата, енергетиката и на туризмот во Македонија.

Економската соработка меѓу двете земји е во постојан пораст и трговската размена е зголемена двојно.

„Двајцата соговорници изразија задоволство од воспоставувањето на директни летови на релација Будимпешта – Скопје – Будимпешта, од страна на нискобуџетната компанија „Виз ер“, што е причина повеќе за брзото зголемување на деловните посети и на туристите во двете земји“, информираат од министерството.


ЕУ на чекор од потпишување на договорот за слободна трговија со Канада


Брисел, 27 октомври, 2016 - 15:02 (META) 

Сојузната влада на Белгија доби согласнот од сите регионални влади за потпишување на договорот за слободна трговија (ЦЕТА) меѓу Европската Унија и Канада, потврди белгискиот премиер Шарл Мишел.

Белгиската сојузна влада мора да добие согласнот од сите регионални влади за потпишување на овој договор за кој Канада и ЕУ преговараат седум години.

Премиерот Мишел изјави дека лидерите на белгискиот регион и јазични заедници изработиле заеднички документ кој треба да ја ублажи загриженоста во поглед на увозот на земјоделски производи и контроверзниот систем за решавање спорови.

Во исчекување Белгија да добие поддршка за овој клучен договор за трансатлантска трговија меѓу ЕУ и Канада, откажан е денешниот планиран самит во Брисел.

Веќе неколку дена белгиската сојузна влада се обидува да ја убеди Валонија, која го блокира белгиското потпишување на ЦЕТА.


Охрид и Солун ќе соработуваат во туристичка размена


Охрид, 25 август, 2016 - 12:59 (META) 

Градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, заедно со неговиот заменик, Спирос Пенгас, се сретнаа во Охрид во неформален разговор со претставници на локалната самоуправа.

Бутарис, чии предци се по потекло од Крушево, на покана на претседателот Ѓеорге Иванов присуствуваше на Школата за млади лидери.

На средбата било договорено грчки туристички оператори да бидат гости и да учествуваат на промотивната тура „Охрид 2016“, која има цел да ги запознае туристичките работници со културните и со природните убавини и со туристичките потенцијали што ги нуди градот, особено во алтернативните форми на туризам.

Исто така,  од локалната самоуправа информираат дека било разговарано Охрид да има своја туристичка промоција во Солун.

Заедничката регионална промоција и меѓусебна соработка треба да биде крунисана со директна авиолинија помеѓу Охрид и Солун, што би било од економски добробит за двете земји, во туризмот и во други бизнис-сфери.

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, денеска ќе ја поведе делегацијата на Солун, предводена од градоначалникот Јанис Бутарис, во обиколка на природните и на културните знаментости на Охрид и ќе ги запознае со туристичките потенцијали што ги нуди градот.


Саудиска Арабија разменила 109 бунтовници за девет Саудијци


Ријад, 28 март, 2016 - 12:15 (META) 

Властите во Саудиска Арабија денеска соопштија дека коалицијата која ја предводат во борбите против шиитските бунтовници во Јемен разменила 109 бунтовници за девет Саудијци заробени на таа територија.

Во соопштението не се прецизира како и кога саудиските државјани биле заробени во Јемен, иако јеменските власти објавија дека тие биле заробени за време на операциите во близина на границата на Саудиска Арабија.

Коалицијата предводена од Саудиска Арабија ја поддржува меѓународно признаената влада во Јемен и се бори против шиитските бунтовици, познати како Хути.

Во двегодишните судири настрадаа повеќе од 6.000 лица, а милиони биле принудени да ги напуштат своите домови.

Двете страни се согласиле на прекин на огнот на 10 април на полноќ, во пресрет на мировните преговори кои на 18 април ќе почнат во Кувајт.


САД станаа главен трговски партнер на Германија


Берлин, 2 март, 2016 - 15:14 (META) 

Соединетите Американски Држави ја претркаа Франција и станаа најважен трговски партнер на Германија во 2015 година, првпат од средината на 70-тите години на минатиот век, покажуваат објавените податоци на германската канцеларија за статистика.

Меѓу овие две држави минатата година била извршена трговска размена во вредност од 173,2 милијарди евра. Според тоа, САД  се најважен трговски партнер на Германија во 2015 година, а по нив се Франција, со која Германија има трговска размена од 170,1 милијарди евра, и Холандија, со која Германија истргувала 167,6 милијарди евра.

Кога станува збор за извозот, САД се најголемиот купувач на германски производи, а вредноста на германскиот извоз во САД достигна 113,9 милијарди евра.

Франција во минатото беше клучен трговски партнер на Германија што укажува на блиски политички и економски односи меѓу првите две економии во Европа.


Либан ослободи 16 исламисти од Ал нусра


Бејрут, 1 декември, 2015 - 15:15 (META) 

Фронтот Ал нусра, сириското крило на Ал каеда, денеска со посредништво на Катар ослободи 16 либански војници и полицајци, кои беа заробени во август 2014 година, а од затворот во Либан, за возврат, се пуштени 13 исламисти, вклучувајќи ја и поранешната сопруга на лидерот на Исламска држава, Абу Бакра ал-Багдади.

Фронтот Ал нусра ги зароби Либанците за време на нападот на пограничниот град Арсал, а нападот бил изведен заедно со џихадистите на ИД. Се претпоставува дека фронтот држи како заробеници уште девет војници.

Телевизиските снимки од пограничното подрачје меѓу Либан и Сирија прикажуваат либански затвореници во возила, придружувани со маскирани и вооружени борци на фронтот Ал нусра. Заробениците му се предадени на Црвениот крст.