Отворен повик за проектот „Суперучилишта“, во рамки на програма на RYCO за размена на ученици

Фото: RYCO

Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO) објавува отворен повик за проектот Superschools, размена на ученици од средни училишта во Западен Балкан.

„Повикот претставува можност за училиштата, учениците и наставниците и има за цел да го поддржи процесот за помирување и градење мир како и интеркултурен дијалог и учење помеѓу ученицитe и нивните заедници. Доколку бидат избрани, средните училишта со оваа програма ќе имаат можност да спроведат училишна размена со партнерско училиште и да учествуваат во програмските активности посветени на градење на нивните капацитети, поврзување и соработка,“ се вели во соопштението.

Програмата што ќе се спроведе во следните три години, ќе се фокусира на поддршка на училиштата да развијат и да спроведат размена на млади, да осмислат регионална шема за размена на училишта, со што ќе им овозможат на учениците од средните училишта да се вклучат и да учествуваат во долгорочната програма за размена на RYCO.

Се повикува да аплицира секое средно училиште, приватно или државно, од регионот на Западен Балкан. Сите трошоци ќе ги покрие RYCO како дел од проектот на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) финансирано од Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ) и Европската Унија (ЕУ).

Заинтересираните училишта треба да се регистрираат на страницата www.superschools.net, да креираат свој профил и да пронајдат партнерско училиште од регионот на Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија). Партнерските училишта во својата пријава треба да утврдат и да предложат заеднички активности, кои би се реализирале за време на размената. Првата година од програмата за размена ќе се реализира од февруари до мај 2022 година, а секое училиште ќе организира една посета на своето партнерско училиште, со група од 10 до 20 ученици и еден до двајца наставници. Посетата треба да е во траење од 6 до 10 дена.

Преку програмата за размена, учениците и професорите ќе имаат шанса да патуваат, да се презентираат себеси, своето училиште и обичаите на нивните домаќини и да научат нови работи за локалните заедници во различни делови на регионот.

За пријавувањето што ќе трае до 28 октомври или за повеќе информации, посетете ја страницата www.superschools.net или контактирајте со локалната канцеларија на RYCO.