Училиштето „Григор Прличев“ домаќин на ученици од Естонија, децата се воодушевени од храната и од топлото време

Учениците од Естонија и нивните наставници се задоволни од пречекот и од престојот во Македонија. Најмногу им годи климата, бидејќи кај нив е студено, вели директорката на училиштето „Григор Прличев“, Александра Петковска Анастасов

Фото: Фејсбук профил на О.У. „Григор Прличев“

Oсновното училиште „Григор Прличев“ во општината Гази Баба, неделава е домаќин на ученици и наставници од естонскиот град Тарту, поточно од училиштето „Veeriku Kool“. Македонските ученици, заедно со нивните врсници од Естонија, заеднички се дел од проект од Еразмус + програмата, насловен како „Медиуми и дигитални вештини – начини на следење на на географијата, културата, животната средина и училишните случувања“ („Media and Digital Competency- the ways of covering geography, culture, environment and school life”).

Учениците и наставниците во „Григор Прличев“ пробаа некои од естонските специјалитети. Фото: Фејсбук профил на училиштето „Григор Прличев“

„На првиот ден од дружбата, учениците проследија презентации за Република Македонија и за Естонија, а потоа беа во посета на локалната самоуправа. Се прошетаа и низ главниот град, каде што се запознаа со културните и историските знаменитости на Скопје. Потоа, ја посетија нашата Зоолошка градина и кањонот Матка, а беа во посета и на хидроцентралата Матка“, вели за Мета директорката Александра Петковска Анастасов.

Децата од Естонија пробаа македонска пита, полнети пиперки, туршија и други наши јадења. Фото: Фејсбук профил на училиштето „Григор Прличев“

Целта е децата да се запознаат со нашата култура, традиција и животна средина. Тие присуствуваа и на некои од часовите во „Григор Прличев“, за да видат како изгледа наставата во македонско училиште. Учениците од Естонија се сметсени во семејства.

„Во овие пет дена органзирани се многу активности, меѓу кои и посета на позначајни места во Скопје, а денеска се во Охрид. Вчера им подготвивме македонска традиционална храна, а тие подготвија нивна. Многу им се допадна нашата храна. Она што е интересно е што им се допаѓа многу и нашата клима, со оглед на тоа дека кај нив е студено. Утре децата ќе играат ора и ќе пеат песни, нивни и наши, а ќе бидат организирани и спортски натпревари и игри. Задоволни од пречекот и од престојот овде се нашите колеги наставници од Естонија“, додава Петковска Анастасов.

Фото: Фејсбук профил на училиштето „Григор Прличев“