
Две дечиња бараат од нивниот татко да ја накитат заеднички новогодишната елка, но тој ги одбива велејќи им дека не е во можност бидејќи е преморен од работа. Во следна сцена, жена го чека сопругот да се врати од работа за да руча целото семејство, но тој не доаѓа дома после работа.
Во претстава насловена како „Нова година во последен миг“, низ еден комичен, но реален начин, учениците од основното училиште „Григор Прличев“ од населбата Железара, им одржаа лекција на возрасните, кои беа во публика во преполната сала во Домот на култура „Димитар Влахов“. Пораката која ја испратија децата е дека, додека возрасните се борат за егзистенција и живеат брзо, не треба да заборават дека на нивните деца им е потребна љубов, прегратка, внимание и заеднички поминато време, нешта кои не се купуваат со пари и не се надоместуваат на ниеден друг начин.

„Идејата за еден ваков вид претстава, но и речиси целото сценарио, произлегоа токму од нашите ученици“, рече директорката на училиштето Александра Петковска Анастасов.

Освен глума, присутните можеа да ги видат и музичките точки со кои настапија основците од „Григор Прличев“. Нив ги подготвуваше наставничката по музичко образование, Елена Владева Апостолов. Таа свиреше заедно со мандолинскиот оркестар, составен од ученици кои неодамна освоија две награди со своите нстапи.

Претставата имаше хуманитарен карактер, па секој посетител имаше можост да остави пари кои ќе се потрошат за хуманитарни цели. Оваа новогодишна приредба се одржаа во соработка со општина Гази Баба и со „Фолконика“, центарот за зачувување и развој на македонската фолк музика.