ОЛАФ бара Македонија да врати 2,2 милиони евра за проекти од 2016 до 2018 година

Во 2019 година била доставена пријава, откако било утврдено дека образовни институции кои аплицирале и ги добивале грантовите, не ги користеле истите прописно

Извор: Порталб.мк

Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) бара поврат на 2,2 милиони евра од Северна Македонија злоупотребени преку програмата Еразмус+ во периодот од 2016 до 2018 година.

Во 2019 година била доставена пријава откако било утврдено дека образовни институции кои аплицирале и ги добивале грантовите, не ги користеле прописно.

Генералниот директорат за образование, млади, спорт и култура на Европската комисија, на 30 ноември 2023 година испратил известување до Националната агенција за европски образовни програми и мобилност со барање за поврат на средствата, а во текот на март одлуката стана конечна. За ова денеска на прес-конференција информираше Марко Ѓоргиевски, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.

„Откако сме информирани за случајот се обидуваме преку координација со институциите од Европа да најдеме решение како да се реализира овој поврат и да не се случува ова повторно“, рече Ѓоргиевски.

Откако било добиено известувањето, на крајот на минатата година, се одвивале состаноци со Министерството за образование и наука (МОН), Секретаријатот за европски прашања и Делегацијата на ЕУ во Скопје. Дополнително била одржана и седница во Владата.

Националната агенција, рече Ѓоргиевски, пратила барање и до Управата за финансиска полиција при Министерството за финансии за информации во врска со извршените проверки на ОЛАФ.

„Оттаму нè информираа дека до Управата за финансиска полиција е пристигнат извештај од ОЛАФ и дека тој е доставен до надлежен обвинител од ОЈО ГОКК. Во март Националната агенцијата доби известување за конечноста на одлуката за поврат на пари од имот за борба против измами од Генералниот директорат за образование, млади, спорт и култура, согласно извештајот на ОЛАФ. Откако сме информирани за случајот, заедно со Владата се обидуваме преку интензивна комуникација и координација со релевантни европски институции да се најде најсоодветно решение како да се реализира овој поврат и како да не се повторуваат вакви случаи во иднина“, истакна директорот на Агенцијата за европски образовни програми и мобилност.

Агенцијата го контактирала Генералниот директорат за образование, млади, спорт и култура на Европската комисија и побарала дополнителни информации поврзани со извештајот на ОЛАФ за да се дефинираат следните чекори.

Ѓоргиевски потенцираше дека Агенцијата е отворена за соработка и стои на располагање со сите ресурси и документација кои може да бидат од корист за истрагата.

Постојат одредени наоди за неправилности во врска со проектни досиеја на 22 корисници на грант од програмите на Еразмус +, а поради тоа се бара поврат на 2.276.212 евра кои биле доделени како грантови во периодот од 2016 до 2018 година.

За злоупотребените европски пари предистрага води и Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).