Наставниците направија своја платформа за размена на материјали

-

На 13 дена пред официјалниот почеток на учебната година, додека се стави во функција платформата за учење на далечина, што ја најави Министерството за образование и наука (МОН), наставниците од Западен Балкан интензивно ја полнат со материјали платформата што сами ја основаа. Станува збор за Балканската наставничка мрежа, која обединува наставници, професори, родители и ученици од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Хрватска. Во тимот се и македонски педагози.

Со објавување на нови наставни дигитални содржини во групата се започна веднаш со почетокот на септември, каде покрај 40 модератори, поставени се 6 национални координатори претставници на секоја земја. Секојдневно се поставуваат по неколку десетици материјали, видео, текстови и друг вид на едукативен материјал, како и видео часови од наставниот материјал што се изучува во училиштата од регионот.

Наставникот од Свети Николе, Иле Михајловски е еден од модераторите. Михајловски вели дека на поставувањето на материјалите интензивно се работи, откако се виде дека тешко дека учениците ќе можат да се вратат во училиштата, додека новата нормала ќе биде учењето на далечина, што пак бара многу нов и дигитален материјал. И додека училиштата се подготвуваат со обезбедување на технички услови за прием на децата и во училници и со онлајн учење, овие неколку стотина наставници од регионот се подготвуваат со материјали.

– Идејата е за создавање на материјали без граници, кои ќе го обединат регионот преку едукација. Мрежата ЕдуБалкан има простор за ученици, прилагодени за настава на далечина, стручни материјали за наставниците, кои ќе можат и да се доедуцираат и родителите, кои можат да го следат процесот на развој на своето дете или да добијат совети. Сите ние сме ставени во функција на подобро прифаќање на оваа нова реалност во ковид услови – вели Михајловски.

Оваа Балканска наставничка мрежа започна со работење ланската учебна година и работеше од март па до крајот на учебната година (јуни). Нејзин основач е Жељана Радојичиќ – Лукиќ. Во мрежата моментално има 29.100 наставници од целиот Балкан (Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија). Во неа се вклучени околу 40 модератори од кои многу од нив ја носат титулата „Најдобар наставник на поранешна Југославија“.

Секој модератор е одговорен за одредено одделение (од 1 – 9 одд.) , претшколска возраст и предмети од средните училишта. Нивна обврска е да примаат дигитални содржини поврзани со категоријата која ја водат, да проценат дали испратената дигитална содржина е авторски труд на наставник, дали целосно се поклопува за категоријата во која е испратена (значи да ја прегледа) и откако ќе ги согледа сите овие делови да ја објави во групата. Правилото е секој модератор да објавува по две содржини во текот на секој ден.

Во текот на целото лето секоја среда на ZOOM се одржуваа т.н. „Балкански зборници“ во која се вклучуваа докажани едукатори, наставници, беа повикувани и министри и советници се со цел барање на идеи и решенија како да бидеме подобри во новата реалност со ковид-19. Во текот на месец август, секој понеделник повторно на ZOOM се одржуваа тнр. Балкански родителски средби во кои се вклучуваат родители од сите шест држави од поранешна Југославија.

Еду Балкан заедницата е заедница која се создава од постојните членови во Балканската наставничка мрежа, со цел да се слушне гласот на наставникот во целиот регион и да делува само во цел подобрување на образованието во целиот регион. Еду Балкан е заедница која е партнер на Т4, која е светска образовна асоцијација и првата Образовна светска конференција ја одржа на 31.5.2020 година. Во октомври како партнер на оваа организација, влегуваат четири балкански училишта во најдобрите 100 со свои наставни пракси, кои ќе бидат претставени во текот на октомври, со цел одбележување на Светската недела на образованието.

Оваа учебна година, наставникот Иле Михајловски ќе учи четвртооделенци од ООУ „Кирил и Методиј“. Општина Свети Николе бара од владината комисија дозвола за учење со физичко присуство во училиштата. Најголемиот дел од класовите се со под 20 ученици. Меѓутоа, одделението на Михајловски е побројно и тоа бара дополнителна организација на наставата.

– Многу веројатно дека ќе треба настава во две смени. Се работи за деца и нема дилема дека ако така се организира, мојот работен ден ќе биде двосменски, изјави Михајловски.

Во оваа нова образовна реалност, добредојдени се обработените материјали од Балканската наставничка мрежа. Во план е да се започне и со Балканска училница на ZOOM каде ќе се вклучуваат ученици од сите држави што е уште една идеја на јакнење на образованието и бришење на граници меѓу учениците. Оваа идеја сè уште не е започната.

На располагање се една фејсбук група и две форми на ZOOM зборници каде се таргетирани во секоја од нив, посебно наставниците и родителите: Учениците ќе бидат таргетирани кога на ист начин ќе започне да функционира Балканската училница на ZOOM.

Долги редици пред салата „Борис Трајковски“ за подигнување на ваучери за инвертери

Денес пред салата „Борис Трајковски“ се формираа долги редици луѓе кои чекаа да си ги подигнат своите ваучери за инвертери, откако им стигнале пораки дека истите ќе можат да...