fbpx

ТЕ-ТО да ги грее скопјани со гас од Србија, а струјата да му ја продадеме на Белград

-

С. Македонија и Србија разговараат за договор за снабдување на земјава со природен гас за непречено функционирање на комбинираната електрана ТЕ-ТО во Скопје. Владиниот советник за енергетика, Виктор Андонов на денешната прес-конференција информираше дека со северниот сосед се разговара за увоз на неопходните количества на природен гас, кои ќе бидат потребни за работење на ТЕ-ТО и скопските топлани во текот на грејната сезона. Природниот гас би се транспортирал до земјава преку Бугарија, со која ја имаме единствената прекугранична гасоводна врска.

Андонов изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ пред 10-тина дена зборувал во јавноста за оваа опција, која што вклучува дел од произведената струја од ТЕ-ТО да биде вратен назад во Србија, која што периодов исто така се обидува да се снабди со дополнителни количества на електрична енергија. На овој начин, ТЕ-ТО ќе работи во претстојната грејна сезона со природен гас обезбеден од Србија, додека граѓаните на Скопје што се грејат на парно непречено ќе добијат топлинска енергија.

Владиниот советник изјави дека за точните информации за цената по која ќе се набавува гасот од Србија, како и за цената по која струјата ќе се продава на северниот сосед, јавноста ќе биде дополнително информирана откако ќе се склучи договорот.

Андонов рече дека за претстојната грејна сезона за нормално функционирање на парното греење во Скопје ќе бидат неопходни околу 230 милиони нормални метри кубни на природен гас. Сепак, доколку не се постигне договор со Србија за набавка на природен гас, постои опција и за набавка на природен гас од Турција, а како крајна опција е работењето на скопските топлани на мазут.

„Се надеваме дека до таа крајна опција нема да дојде“, изјави Андонов, потврдувајќи дека граѓаните на Скопје ќе имаат парно на 15 октомври, на вообичаениот почеток на грејната сезона.

Владиниот советник на прес-конференцијата зборуваше и за преговорите со „Адора Инженеринг“, кои се сопственици на топланите „Исток“ и „Запад“ во Скопје. За нивното барање за продажба на топланите на државата по истата цена по која што ги купиле, Андонов рече дека владата нема да подлегне на притисоци и уцени за некој да ја искористи ситуацијата.

„Интенцијата на Владата е ЕСМ да добие договор за закуп на електраните“, изјави Андонов.

Тој предупреди дека процедура за продажба на топланите не може да се направи за период од пет дена, а доколку сопственикот не се согласи, тогаш Владата има решение кое е во согласност со Законот за управување со кризи, којшто нагласува дека во кризна состојба владата има право да ги стави на располагање сите ресурси во државата, вклучувајќи ги и оние на приватните компании.

Советникот Андонов рече дека граѓаните нема да бидат оставени без парно и електрична енергија, а една од опциите што ја разгледувала Владата на РСМ е набавка на електрана која што би работела на дизел за производство на електрична енергија. Инсталирањето на ваквата постојка може да се направи за брзо време, а Електростопанство на Северна Македонија е задолжено да ги направи анализите и да ги презентира опциите за ваквата набавка, по што јавноста ќе биде дополнително информирана.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деновите од изборите ќе се одработат, учениците подолго ќе престојуваат во училиште

Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање - 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ...