Шаќири: 800 ученици и 100 наставници од земјите во регионот учат за толеранција и мир

Фотo: Министерство за образование и наука

Мораме да ги научиме младите генерации да бидат насочени кон дијалог, кон градење мир и кон поголемо меѓусебно почитување. Да пораснат во луѓе без предрасуди, да соработуваат и да разменуваат искуства верувајќи дека така ќе придонесат за подобар живот во сопствената земја, а со тоа и во регионот. Ова го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири на настан во Струга, на кој беа претставени досегашните резултати од програмата за училишна размена и вмрежување „Супер училишта“ која ја спроведуваат Регионалната канцеларија за младинска соработка и Германското друштво за меѓународна соработка.

Целта на проектот е да се поврзат средните училишта од земјите во Западен Балкан и да се подобрат нивните капацитети за спроведување на проекти за градење на меѓукултурен дијалог.

„Имав прилика да ги погледнам резултатите од досегашната имплементација на оваа иницијатива, односно програма во изминатите 6-7 месеци и можам да кажам дека се мотивирачки и очекувам во иднина да бидат уште подобри. Особено сум горд што и училишта од Северна Македонија зедоа активно учество во иницијативата. Со тоа се потврдува дека и ние како земја имаме младина која покажува подготвеност за учество во креирање на промените кои сите сакаме да ги видиме во Западен Балкан“, рече Шаќири.

Во рамки на иницијативата, вкупно 30 средни училишта од Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија, Србија, Косово и Црна Гора, оранизираа 60 активности за размена на искуства преку вмрежување на над 800 ученици на возраст од 15 до 17 години. Во активностите беа вклучени и повеќе од 100 наставници. Иницијативата ќе
се спроведува до март 2024 година.