!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Во Скопје утре Марш на толеранција за лицата со попреченост


Скопје, 14 ноември, 2017 - 16:41 (META) 

Со конференција во Скопје на која ќе се дискутира за проблемите на лицата со попреченост, а потоа и со марш на толеранција, Хелсиншкиот комитет за човекови права поддржан од 25 организации утре ќе потсети на проблемите на луѓето што живеат со различна попреченост.

На конференцијата ќе бидат презентирани наодите од истражувањата и анализите за потребите  на овие лица во областите на социјална заштита, образование, здравствена заштита, вработување и квалитет на живот.

По конференцијата, ќе се одржи и марш на толеранцијата „Гледај со срцето, прифати ја различноста“, кој ќе почне во 15 часот од Музеј на Град Скопје, по што поворката преку улица Македонија ќе се упати во паркот „Жена борец“, каде ќе се говорат некои од учесниците во маршот.


Заев: Ќе бидеме пример за светот и ќе понудиме достоинствен живот на децата со пречки


Скопје, 11 септември, 2017 - 14:40 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска во име на Владата даде целосна поддршка на документот „Меѓународна класификација на функционирање“, од новата фаза од кампањата „Биди фер, за детство без пречки“ во организација на УНИЦЕФ.

На промоцијата, на која покрај него беа и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, и министерката за образование, Рената Десковска, како и претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Бенџамин Перкс, и претставници на невладини организации, Заев ги потврди заложбите на Владата да развива инклузивно општетство со еднакви услови за сите граѓани.

– Правото на еднаквост почнува од раѓањето. Секое дете ни е важно затоа што фиданките се иднината на дрвото наречено живот – порача премиерот.


Владата договори дополнителна координација за законот за јазиците


Скопје, 1 август, 2017 - 11:39 (META) 

На 18. седница синоќа, Владата на Република Македонија, покрај за шумските пожари и за проблемот со струшката депонија, расправала и за Законот за јазиците, за стечајните работници, како и за повеќе социјални закони, соопшти владината служба за информирање.

Било дебатирано за усвојување на предлог-закон за употреба на јазиците и било договорено да се прави понатамошна координација, односно да се утврдат целосно надлежностите на двете предвидени институции што треба да се формираат: агенцијата за примена на јазиците и инспекторат за употреба на јазици. Предлог-законот за употреба на јазиците по утврдување на наведеното ќе биде ставен повторно на дневен ред на некоја од наредните владини седници, појаснуваат од владината служба за информирање.

Владата, исто така, го утврдила и предлог-законот за материјално обезбедување на стечајните работници, за кој се обезбедени финансиски средства со ребалансот на буџетот. Со овој закон, според најавите од Владата, ќе се реши долгогодишниот проблем на 3.000 стечајни работници.

На вчерашната владина седница се разгледувале и прашања од социјалната сфера: била усвоена информација за потребата од вработување нови социјални работници, бил утврден предлог-законот за измени и дополнување на Законот за социјална заштита, за кој се вели дека предвидува значително унапредување на правата на лицата со попреченост, бил утврден и предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на децата со кој се предвидува продолжување на додатокот за деца со посебни потреби по службена должност.

Била донесена и одлука да се зголеми капиталот на Република Македонија во Меѓународната банка за обнова и развој, со запишување на дополнителни 114 акции.

На осумнаесеттата седница, Владата ја усвоила и информацијата за можноста за вршење периодични здравствени прегледи од здравствени работници на корисниците во дневните центри за деца и за лица со пречки во развојот.


Децата со попреченост се креативни, покажа проектот „Креираме заедно“


Тетово, 14 мај, 2017 - 16:25 (META) 

Фотографии и видеозаписи изработени од ученици со и без попреченост денеска беа преставени пред тетовската публика во Центарот за култура „Иљо Антески – Смок“ во Тетово, во рамки на проектот „Креираме заедно“.

– Станува збор за фотографии и за видеозаписи кои, меѓу другото, се изработени и од деца од инклузивни училишта од Струмица, Тетово и од Скопје. Добивме одлични записи – објасни Мимоза Петровска, претседателка на „Сината птица“, здружение за подршка на деца и млади со различности, кое беше вклучено во проектот подржан од Европската Унија и од УНИЦЕФ.

Целта на проектот е уште повеќе да ја разбуди креативноста на децата со пречки, вели модераторот на денешниот настан, Драги Неделчевски.

– Јас имам дете со попреченост и знам колку е важна креативноста кај овие деца. Многу луѓе сметаат дека ако некои деца имаат пречки, не треба ова или она да го работат или, пак, не се креативни. Напротив, со овој проект се уверивме дека овие деца се креативни и треба повеќе да се работи со нив на вакви проекти – изјави Неделчевски.

Проектот „Креираме заедно“ е дел од проектот „Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост од Западен Балкан“.


115 лица со попреченост се вработиле преку проект на УСАИД


Скопје, 24 декември, 2015 - 14:32 (META) 

115 лица се вработиле, а 12 отвориле сопствен бизнис во рамките на проектот на УСАИД за практикантска работа и за вработување лица со попреченост, кој функционира од август 2012 година.

– Досега преку проектот се обучени 417 лица на тема стратегии за барање работа на лица со попреченост, 49 лица со попреченост успешно ја завршија обуката за претприемништво и 37 лица ја посетија обуката за развивање креативни вештини на лица со попреченост. Од друга страна, 259 претставници ги посетија обуките за менторско водење на лица со попреченост – се вели во соопштението од УСАИД.

Исто така, 73 лица имаат реализирано практикантски ангажман во различни приватни компании, јавни институции и во невладини организации.

Овој проект работи на градење на капацитетите на лицата со попреченост за полесно да настапат на пазарот на труд, но и со компаниите и со јавните институции за полесно прифаќање и адаптирање на овие лица на работното место.


Форум на тема: „Стручно оспособување и вработување за лица со попреченост“


Скопје, 3 јуни, 2015 - 11:13 (META) 

Форум на тема „Стручно оспособување и вработување за лица со попреченост“ денеска ќе се одржи во Скопје, во организација на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“, во соработка со ЕАСПД и со Центарот за обука, едукација и грижа – ДРАГА од Словенија.

Целта на настанот е да се овозможи дискусија меѓу засегнатите страни во областа на стручно оспособување и на вработување лица со попреченост, како и да се презентираат европските трендови и македонските искуства, практики и тековни реформски процеси во оваа област.

Форумот се организира во рамките проектот на ЕАСПД – Европска асоцијација на обезбедувачи на сервисни служби за лица со попреченост.