Две инклузивни училишни игралишта ќе се отворат во Куманово и во Тетово

Реквизити на инклузивни пристапни игралишта за деца со попреченост: Фото: „Чекор по чекор“

Две пристапни инклузивни игралишта ќе бидат свечено отворени денеска во две основни училишта – во О.О.У. Наим Фрашери – Тетово и О.О.У. Браќа Миладиновци – Куманово.

Игралиштата се направени во проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, а во употреба се пуштаат денеска, по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост – 3 Декември.

Инаку, овој проект финансиран од Европската Унија, заокружува 15 месеци успешна работа во насока на суштинско вклучување на учениците со попреченост во редовните основни училишта.

Во неговите рамки:
-464 ученици со попреченост се стипендисти на проектот и добиваат месечни стипендии
-287 наставници и претставници на стручните служби ги подобрија своите знаења за инклузивно образование, диференцирана настава и работа со различни типови на попреченост
-опремени се и ставени во функција, сензорни соби во пет училишта, поставени се шест инклузивни игралишта во училишни дворови и доделена е асистивна технологија на четири училишта
-обезбедена е туторска поддршка за учениците стипендисти
-реализирани е кампања за подигање на јавната свест за важноста од инклузивно образование.

Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ го реализира Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“. Проектот се реализира во соработка со Министерството за образование и наука.