Фото: МТСП

Во Специјалниот завод Демир Капија беше извршена теренска вакцинација против Ковид-19 на лица со интелектуална попреченост сместени во заводот и вработените. Вакцинацијата ја изврши екипа на Здравствен дом Неготино, информираат од министерството за труд и социјална политика.

Прва доза од вакцините против Ковид-19 добиле 155 корисници, од вкупно 171 корисник кои долгорочно престојуваат во установата.

„По препорака од одговорниот лекар од тимот за вакцинација, преостанатите корисници ќе бидат дополнително вакцинирани штом нивната здравствена состојба го дозволи тоа“, се вели во соопштението во кое се додава дека вработените од заводот и центрите за социјална работа ги обезбедиле потребните согласности за вакцинација од родителите или старателите на корисниците.

Дополнително, 55 вработени кои обезбедуваат директна грижа и поддршка за корисниците, исто така, примиле прва вакцина против ковид-19.

Во текот на април, како дел од критичната инфраструктура, повеќе од половина вработени во заводот веќе се заштитени од ковид-19 со две дози вакцина.

Во јануари 2021 година Владата на Република Северна Македонија додели финансиска награда на вработените во Специјалниот завод Демир Капија, за нивната професионалност и пожртвуваност во грижата за дел од корисниците кои заболеа од Ковид-19, како и за спречувањето на ширењето помеѓу останатите корисници.

Министерството за труд и социјална политика ги повикува сите вработени и корисници на системот за социјална заштита кои досега не се вакцинирале да ги искористат достапните можности за вакцинирање против Ковид-19 и да го заштитат своето и здравјето на своите блиски.