Наставничка ги отвори вратите од домот, учениците го развеселија нејзиниот син со попреченост

За Василие, учениците изработија постер со големо срце од нивните рачиња како симбол на поддршка и емпатија

Фото: Принтскрин од видеото објавено на Фејсбук страницата на училиштето „Страшо Пинџур“

Весна Петридова, наставничка во основното училиште „Страшо Пинџур“ од Неготино и мајка на дете со посебни образовни потреби, реши да ги запознае учениците со нејзиниот син, за преку својот личен пример да ги научи децата за прифаќањето на различностите и за инклузијата.

Таа ги отвори вратите на својот дом и сите петтодделенци од нејзиното одделение дојдоа во посета кај нејзиниот син Василие, кој има 20 години и боледува од ретка болест која ги напаѓа мускулите – мускулна дистрофија.

Фото: Принтскрин од објавеното видеп на Фејсбук страницата на училиштето „Страшо Пинџур“

„Наставничката ги однесе децата во својот дом и тие го запознаа Василие кој е лице со попреченост. Учениците го запознаа неговиот свет, внимателно го слушаа неговото искуство и неговите предизвици со кои се соочува секојдневно. За Василие, учениците изработија постер со големо срце од нивните рачиња како симбол на поддршка и емпатија. Нивните впечатоци, нивните погледи на животот со попреченост, се претворија во учење и размислување, кое ќе ги води во подобро разбирање и почит кон оние кои се различни“, наведено е во објавата на фејсбук страницата на училиштето.

Фото: Принтскрин од објавеното видео на Фејсбук страницата на училиштето „Страшо Пинџур“

Мајката на Василие, Весна, за Мета.мк вели дека за жал, за оваа болест сè уште нема нема лек.

„Болеста му беше дијагностицирана на Василие кога тој имаше шест години. Тоа е генетско заболување. Истата болест ја има и мојот внук од сестра, па заедно се бориме и бодриме сиве овие години“, вели Весна.

Таа додава дека учениците уште за време на часовите ги запознала со болеста на Василие бидејќи цела недела во училиштето имало активности по повод 3 Декември, Светскиот ден на лицата со посебни потреби.

„Уште кога им најавив на часот, тие беа видно среќни и вобудени. Ме прашуваа какви прашања да му постават, па дали се соодветни за да не го повредат. На Василие му беше многу пријатна оваа посета и очигледно му годеше, тоа може да се забележи и во самото видео, тој на секоја слика е насмеан. Кога влеговме во домот тие веднаш сакаа да му покажат што изработиле за него, беа полни со емпатијата, малку се растажија, имаше и насолзени очиња полни со љубов и емпатија, но Василие им се претстави и им кажа дека сепак и покрај сè тој е среќен и не е воопшто поразличен од нив само што функционира на малку поразличен начин од нив и дека тоа не е воопшто страшно“, раскажува за Мета.мк Петридова.

Погледнете го видеото од посетата, кое нема да ве остави рамнодушни: