Работилница за анимација за инклузија на деца со попреченост

Под името „Инклузивна анимација”. во просториите на Еurope House Скопје и Kинотека на Северна Македонија од 7 до 20 октомври се одржа работилница чија цел беше пред се да се обезбеди позитивна инклузивна средина, запознавање и дружење на децата со попреченост и типичните деца.

Организатор на овој редок настан беше продукцијата „Фокус Покус Филмс“, со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје и во соработка со Кинотека на Северна Македонија и МФФ КинеНова.

„Целта на работилницата беше пред сé да се обезбеди позитивна инклузивна средина, запознавање и дружење на децата со попреченост и типичните деца. Уметноста не е привилегија, туку право на децата со попреченост, и преку вештини и знаења кои ги нема во редовните училишни програми сакаме да креираме нови можности за креативно изразување, развој на толерантност и разбирање помеѓу децата“, велат организаторите.

Работилницата се оддржа во четири сесии, по две сесии неделно, од кои едната онлајн. Притоа е направен чекор за создавање навика за онлајн комуникација кај децата со попреченост, и нивно запознавање со алатките за дигитална комуникација и анимација.

Обуката за техниката „Колажна стоп-анимација“ ја вршеле аниматори и специјални едукатори.

Материјалот сработен од сите учесници на сесиите, е измонтиран во една целина од страна на менторите и е презентиран пред учесниците на последната сесија во вид на кино проекција, а се очекува наскоро и јавна проекција.