Музичкото дуо „Мојра“ ќе го прикаже својот рачно изработен анимиран спот во „Буква“

Утре во 20 часот Дарко Јованов и Јасна Трпкова ќе го прикажат „stop-motion“ спотот кој го изработија за својата песна „Арома(н)тична“, а воедно и ќе отсвират неколку нивни песни. Исто така, ќе се раздава книжуле со слики од правењето на спотот, придржуен со поезија инспириран од целиот процес

Фото: Мојра

Музичкото дуо „Мојра“, составено од Дарко Јованов и Јасна Трпкова, утре во 20 часот во кафулето „Буква“ премиерно ќе го прикаже спотот за својата дебитантска композиција „Арома(н)тична“. Трпкова и Јованов ќе отсвират и неколку од своите авторски композиции.

Спотот за „Арома(н)тична“, кој наскоро ќе излезе и во онлајн етерот, е изработен во „stop motion“ или „кадар по кадар“ стил. Станува збор за макотрпна анимациска техника која вклучува сликање вистински предмети кои малку по малку се поместуваат од слика во слика, за да кога ќе се спојат сликите во видео, менувајќи се брзо една по друга, се направи илузија на движење.

Фото: Дарко Јованов во изработка на спотот на „Арома(н)тична“

„Идејата ни дојде откако две други идеи за спотот не ни успеаја. Бевме подготвени да се откажеме, кога ми дојде идеја за две нишки – жолта и црвена, како комуницираат меѓу себе. Не ни замислив како би се извело технички кога му ја опишував идејата на Даре. Му објаснив дека не сакам да има луѓе во спотот, но да има човечки допир. Да не биде анимирано, но сепак да биде некако“, раскажува Трпкова за Мета.мк.

Јованов веднаш ѝ одговорил дека тоа би можело да се изведе со „stop motion“ спот – а и тој подолго време секако размислувал и сакал направи некакво видео со оваа техника.

Процесот на правењето на спотот траел многу долго, имајќи на ум дека се потребни 8 слики за само една секунда видео. На крај биле потребни околу 2.000 слики за целиот спот, режиран од Јованов и неговиот брат Дејан.

Фото: Јасна Трпкова, Мојра

Јованов и Трпкова подолго време свират заедно. Нивното прво јавно музичко остварување е форма на песната и спотот „Несебна“ под името „Jazzna Dares“.

Мојра претставува одредено регрупирање и „ребрендирање“ за дуото. Идејата дошла откако Јованов забележал дека текстовите на неколку од скорешните композиции на Трпкова вклучувале клопчиња и конци. Почнале да проучуваат митолошки приказни поврзани со судбината и наречници. Најмногу им оставиле впечаток грчките „мориаи“, што го направиле во еднина – судбина, односно Мојра.

Нивната музика, пак, потекнува од секојдневни случки и емоции, со инспирации од филмска музика и некои староградски примеси, потковани со џез хармонија, иако секое дело си има свој карактер, кој не може да се сведе на неколку епитети.

Во духот на мултимедијалноста на проектот, на настанот во „Буква“ публиката, исто така, ќе има можност дома со себе да земе и книжуле, кое содржи слики од процесот на правењето на спотот како и поезија од Трпкова инспирирана од предизвиците, но и убавините на правењето на нивниот „stop motion“ спот.