Непристапноста на информациите поврзани со ковид-19, затворањето на дневните центри за поддршка, неприлагоденото учење на далечина, како и невозможноста за социјално дистанцирање за лицата зависни од поддршка при извршување на секојдневни функции, се само дел од проблемите кои го зголемија предизвикот на секојдневниот живот на лицата со попреченост насекаде во светот.

Ова го истакнуваат од Хелсиншки комитет по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

„Потребно е да продолжат заложбите за спроведување на процесот на деинституционализација, чија имплементација забави како резултат на пандемијата и да се продолжи со постепеното напуштање на институционалното живеење, но и зајакнување на алтернативните форми на згрижување и развивање на локални сервиси за поддршка на лицата со попреченост и нивните семејства. Исто така, потребно е да продолжат заложбите за инклузивно образование, преку прилагодување на наставата според потребите на децата со посебни образовни потреби и обезбедување соодветна поддршка. Голем предизвик за целото општество е и отстранувањето на предрасудите, кои сè уште се присутни кај голем дел од популацијата,“ велат од Хелсиншки.

Народниот правобранител Иџет Мемети укажа дека овие граѓани се позасегнати, поризични и поранливи, како на самиот вирус, така и од последиците на економски, социјален и секаков друг аспект кој истиот неминовно ги носи со себе, а тоа не обврзува како општество сериозно да им посветиме внимание и да ги елиминираме препреките за еднакви можности и целосно уживање на нивните основни човекови права.

„Свесни сме дека предизвиците се системски и долготрајни, и дека има потреба од зајaканување на лицата со попреченост, подигање на свесноста за правата кои ги имаат, па во таа насока мораме заеднички да дејствуваме со лицата со попреченост, со нивните претставници и организации давајќи им можност на потенцијалите на овие наши граѓани,“ вели Мемети.

Министерот за здравство Венко Филипче рече дека иако ковид-кризата пореметила многу планови, воделе сметка за лицата со попреченост во делот на препораката на превентивните мерки.

„Во делот на обезбедување на пристап, на неколку места поставивме физички пристап на амбуланти, болници. Ова го направивме во соработка со граѓански организации во Здравствениот дом, болницата во Охрид, во повеќе амбуланти. Ќе ја споменам амбулантата во Сопиште која што никако не можеше да се пристапи освен со соодветна рампа. Навистина посветивме внимание. Сите нови ковид центри кои сега се во фаза на изготвување, на инсталирање со помош на проектот на Светска банка се испланирани така да имаат пристап со количка од страна на лица со попреченост“, рече Филипче на тркалезна маса „Трансформација на општеството: Заедница за сите“.

Тој истакна дека во изминатиот период интензивно се работело и со Фондот за здравствено осигурување.

„Се направи измена во правилникот, се зголеми пристапот кон ортопедски помагала, се воведоа лесни и ултра лесни колички. За првпат се воведе рефундација за надстандардното ортопедско помагало. За првпат после огромен број на години значајно се зголеми стандардот на ортопедските помагала во делот на лицата со физичка попреченост. И наместо досегашните хидраулични сега миоелектронски помагала може да имаат пациентите кои имаат еднострана или двострана ампутација на долните или горните екстремитети“, рече Филипче кој додаде дека направена е инвестиција во лекови.

Најмалите деца кои имаат физичка попреченост како резултат на болеста, сега го примаат лекот „спинраза“, кој за првпат се воведе минатата година.