Собранието со благ пад во отвореноста и отчетноста во однос на минатата година


Скопје, 27 јули, 2018 - 12:45 (META) 

Во поглед на нивото на транспарентност, односно отвореност кон јавноста, како и на отчетност, Собранието на Република Македонија според новата проценка во рамки на студијата на регионалната мрежа на граѓански организации „ACTION SEE“ годинава стои полошо отколку при претходното мерење.

Отвореноста на Собранието е проценета на 58 отсто од индикаторите за отвореност, што е за еден отсто помалку отколку во 2017 година, се вели во анализата на „ACTION SEE“, чија членка е и Фондацијата „Метаморфозис“.

Со тоа, резултатите му се исти како и со другите парламенти од земјите на Западен Балкан, односно сите забележале пад на отвореноста и отчетноста, со исклучок на Албанија. Секаде индексот е помал отколку при анализите за 2017 година, а заедничкиот индекс на сите е 61 отсто, со што македонскиот парламент котира полошо и од општиот просек. Албанскиот парламент пак е на 75 отсто исполнетост на индикаторите за отвореност и отчетност.

Како што напоменуваат авторите на студијата, и покрај целосна промена на односот на силите во македонскиот законодавен дом, нема помрднување напред во поглед на активната отвореност.

„Резултатите за 2018 покажуваат дека променетиот собраниски состав на македонското Собрание и новото владејачко мнозинство сè уште не покажува видливи резултати во поглед на активната транспарентност на оваа институција. И покрај демонстрираниот интерес да се работи на поголема отвореност, блокирањето на Собранието од страна на опозицијата има влијание врз ваквите намери. Сепак, непостоење на консензус за најголем дел од прашањата доведе до само делумен успех на процесот“, се вели во анализата.

Иако се одбележуваат добрите практики на отвореност преку редовно објавување на дневните редови за пленарните седници и за комисиските седници, како и видео и стенограмските записи од пленарните седници и резултатите од гласањата на нив, како и фактот дека се објавени контакт податоци за пратениците, во студијата се посочува како негативност тоа што не се објавуваат платите на пратениците и парите што ги добиваат за патните трошоци.

Главната забелешка за македонското Собрание е што не се објавува кој учествувал на комисиските седници, нема стенограмски и видеозаписи од овие седници, ниту резултати од гласањата на нив. Кога има видеозаписи, тие се емитуваат со задоцнување од неколку дена на Собранискиот канал, но ги нема на веб-сајтот на Собранието.

Сепак, не е се така црно, велат од  „ACTION SEE“. Односно, иако нема обврска за тоа, експерти и претставници на граѓанските организации може да учествуваат во седниците на комисиите. Но поинаку е при носењето на законите – само за 50 отсто од законите и другите акти комисиите побарале мислење од јавноста.

Во анализата се посочува дека и за разлика од 2016 година, кога од 366 донесени закони, дури 238 биле во скратена постапка, во 2017 година од 42 донесени закони, 24 биле во скратена постапка.

Собранието добро котира во поглед на неговиот надзор врз извршната власт, односно ги исполнува 83% од критериумите, што е полошо само од Црна Гора (93%) и Албанија (88%). Собраниската контрола е преку пратеничките прашања, интерпелацијата, надозорните расправи и други.

Анализите се спроведени од декември 2017 до март 2018 година, и поради тоа не е земено предвид усвојувањето на Етичкиот кодекс на пратениците, кое се случи на 11 јуни годинава.


Кабинет на Иванов: Одговорно и транспарентно располагаме со буџетските средства


Скопје, 22 јуни, 2018 - 11:00 (META) 

Кабинетот на престедателот Ѓорге Иванов, изминатите девет години, максимално одговорно, совесно и на транспарентен начин располага со буџетските средства, се вели во одговорот од кабинетот на претседателот на соопштението од Владата.

„Во таа насока, потенцираме  дека сите јавни набавки од страна на кабинетот на претседателот се извршени на максимално транспарентен начин и согласно сите законски регулативи и истите се јавно достапни. Ова го потврдуваат и ревизорските извештаи за работењето на Кабинетот на Претседателот спроведени од страна на Државниот завод за ревизија. Со цел објективно информирање на јавноста, кабинетот на претседателот како и досега, така и во иднина, целосно стои на располагање за било какви информации кои се однесуваат на финансиското работење и трошењето на народните пари за службени потреби“, се вели во соопштението.

Од кабинетот додаваат дека „со оглед на тоа дека постојат механизми за проверка на финансиското работење на државните институции, кабинетот на Претседателот нема законска обврска да прифаќа дополнителни „алатки“.


Влада: Претседателот Иванов не кажува дали ја прифаќа Алатката за отчетност


Скопје, 22 јуни, 2018 - 9:15 (META) 

Сè уште нема одговор од претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, на писмото од Владата со предлог и Канцеларијата на Претседателот да ја прифати Алатката за транспарентно, отчетно и одговорно владеење, со што одбива да ги информира граѓаните за неговите службени трошоци, соопштија од Владата.

„Во писмото испратено на 29 мај, министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, го информираше претседателот Иванов дека Алатката за транспарентно, отчетно и одговорно владеење им е достапна на сите избрани функционери кои се подготвени да ги стават во секој момент на увид на граѓаните информациите и податоците за трошењето на нивните пари“, соопштија од Владата, појаснувајќи дека преку Алатката досега се објавени трошоците на премиерот, министрите, заменик-министрите, државните секретари и Генералниот секретар на Владата.

Да ги објавуваат податоците за трошењето обврска имаат и директорите и замениците директори на самостојните органи на државната управа, на органите во состав на министерствата и на Инспекцискиот Совет, а тоа им е советувано и на директорите на јавните претпријатија, на агенциите и на акционерските друштва во сопственост на државата. Истото им е предложено и на градоначалниците, а а исто така за ваквото постапување препорака дала и ЗЕЛС, велат од Владата.

„Иако сите овие информации, вклучително и информациите за користење на оваа алатка за лесно пребарување низ трошењата на избраните функционери, беа наведени во писмото до Канцеларијата на Претседателот,  заедно со понудата за асистенција за користење на Алатката, ниту од Канцеларијата, ниту од Претседателот Иванов, досега нема одговор дали ја прифаќа или не можноста на отворен и транспарентен начин да им покаже на граѓаните како Канцеларијата на Претседателот ги троши нивните пари, соопштува Владата.


Еден милион евра за проекти за 30 општини и за осумте плански региони   


Скопје, 12 јуни, 2018 - 15:28 (META) 

Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу и постојаната претставничка на УНДП, Луиза Винтон, денеска го отворија форумот на кој се презентираа условите и критериумите за финансирање на проекти во планските региони и во општините, во рамките на  проектот „Подобрување на општинското управување”, финансиран од Европската унија, во вкупна вредност од 2,4 милиони евра.

– Во рамките на проектот што Министерството го имплементира со УНДП, се финансираат осум проекти во осумте плански региони, a во втората фаза ќе бидат финансирани проекти и во 30 општини, во вкупна вредност од еден милион евра. Денеска, со учество на сите присутни  ги договараме генералните услови за подготовка и избор на првите осум проекти. Целта на Министерството за локална самоуправа е функционални единици на локалната самоуправа и конкурентни плански региони. Преку подобро управување на локално ниво да обезбедиме подобар пристап до услугите и подобар квалитет на живеење за сите граѓани – рече Фазлиу.


Владата го прошири опсегот на функционери што треба да кажат колку трошат


Скопје, 18 април, 2018 - 9:37 (META) 

Вчера Владата донела одлука најдоцна до 20 јуни годинава директорите и замениците на директорите на самостојните органи на државната управа, на органите во состав на министерствата и на инспекцискиот совет, на своите веб – страници да ги објават податоците за нивите службени трошоци за периодот од 01.12.2014 до 31.05.2015 година и за периодот од 01.12.2017 до 31.05.2018 година.

Истото им се укажува да го сторат и директорите и замениците на директорите на јавните претпријатија, правните лица со јавни овластувања и акционерски друштва во државна сопственост.

Со тоа се проширува досегашниот опсег на функционери и именувани раководни органи што треба да покажат отчетност пред јавноста.

„Обврската за објава на службените трошења, на долг рок ќе обезбеди ефикасност во работењето на институциите, како и зголемена одговорност на власта која работи транспарентно и отчетно без злоупотреба на државните ресурси“, соопшти Владата.

Истовремено, биле разгледани и усвоиени Правилници за мерките од Планот за економски пораст на Владата – столб 3. Правилниците се однесуваат на следните 4 мерки: Финансиска поддршка на мали и средни претпријатија со тенденција на брз пораст („Газели“), посебна финансиска поддршка за микро претпријатија, финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за подобрување на иновативноста, како и зафинансиска поддршка за стручно усовршување и пракса за нововработени млади лица.

Во исто време, Владата ќе формира работна група за следење на реализацијата на мерките од столб 3 од Планот за економски пораст.

На предлог на премиерот е прифатена иницијативата да се формира Национално координативно тело за изедначување на правата на лицата со попреченост , кое ќе функционира во рамките на Владата. Обврската за формирање ваков орган произлегува од Меѓународната Конвенција на ОН за заштита на правата на лицата со попреченост, која Република Македонија ја има ратификувано во 2011 година.


„Метаморфозис“: Податоците за трошењата ќе бидат покорисни во машински читлив формат


Скопје, 27 март, 2018 - 16:15 (META) 

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ ѝ препорачува на Владата на Република Македонија да ги објави во машински читлив формат податоците за трошоците на министерствата и другите институции од централната власт.

„Метаморфозис“, која е една од граѓанските организации што цврсто се залагаат за примена на принципите на доброто владеење, отчетност, транспарентност и отвореност, го поздравува потегот на Владата да ја воведе електронската алатка за прикажување на трошоците, но напоменува дека податоците што се презентираат преку неа, заради подобра анализа, треба да ги овозможи и во машински формат.

„Потсетуваме дека за целосно исполнување на принципите на отчетност, транспарентност и отвореност потребно е податоците да се објават на начин и во форма кој ќе овозможи нивна додатна анализа и користење од страна на сите заинтересирани страни, особено од страна на македонските даночни обврзници за чии пари всушност се однесуваат самите податоци“, порачуваат од „Метаморфозис“.


Владата ќе ги објави податоците за трошењата на функционерите во машински читлив формат


Скопје, 23 март, 2018 - 15:43 (META) 

Владата планира да ја објави целата дата-база на трошоците на носителите на јавни функции во машински читлив формат на нејзиниот веб-сајт, најави за „Мета“ портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

– Концептот на „отворени податоци“ и е важен на оваа Влада и ќе работиме да отвораме податочни сетови создадени од институциите, кои би биле корисни за граѓаните – вели Бошњаковски, одговарајќи на прашањето од „Мета“ дали податоците од Алатката за отчетност за трошоците на функционерите ќе бидат објавени и во машински читлив формат.

Тоа ќе овозможи различни анализи со помош на софтвер, што податоците објавени на Алатката сега не го овозможуваат.

Овој дел од веб-страницата на Владата ги презентира трошоците преку визуализации, кои се подредени по еден урнек, и овозможуваат да се избере прегледување по категории трошоци, по функционер и по институција.


Владата вети и воведе „Отчетномер“


Скопје, 21 март, 2018 - 17:03 (META) 

Владата на Република Македонија на прес конференција на 21.03.2017 година претстави електронска алатка (што ние неофицијално ја нарековме Отчетномер), за „мерење“ на трошоците на министерствата и другите институции од централната власт, што го оценуваме како исполнето предизборно ветување и ветување наведено во програмата за работа, пишува Теофил Блажевски на „Вистиномер.мк“.

Ветување: (Владата) Ќе воведе принцип на т.н. „активна транспарентност“ на институциите, што подразбира објавување (без да им бидат побарани) на нивните програми (и предлог – програми), стратегии, мислења и студии, податоците за организацијата и трошоците на работењето, како и одлуките, актите и мерките со кои се влијае врз животот и работата на граѓаните и фирмите

[Извор: Влада на РМ – Програма за работата на Владата на РМ 2017-2020 г. стр.20, датум: 1 јуни 2017 година]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Владејачката партија СДСМ, уште во предизборната програма во 2016 година, „Живот за сите во Македонија“, вети отчетност во однос на трошењето на јавните пари од страна на функционерите на власта доколку ја добијат и тоа на две нивоа на централната власт – преку Владата и преку Министерството за финансии:

Владата ќе работи исклучиво за потребите на граѓаните. Ќе биде целосно транспарентна во намената на парите на граѓаните, кон потребите на граѓаните. Функционерите нема повеќе да можат да се луксузираат за свои лични цели – се наведува во делот наречен „Ќе има контрола над власта и правда за сите!“ (стр.8)

Повеќе на темата прочитајте на „Вистиномер.мк“.


Улогата на дигиталните алатки за демократија во Македонија ќе биде сè поважна


Скопје, 25 јануари, 2018 - 16:17 (META) 

Со панел-дискусија денеска во ЕУ-инфоцентарот, институтот „Импакт“ ја презентираше публикацијата „Дигитални алатки за демократија во Македонија: Преглед и перспективи”, која опфаќа анализа на четири постојни алатки за собирање информации од јавноста, како и две алатки кои ги советуваат гласачите.

Амбасадорот Ваутер Пломп, кој го отвори настанот поддржан од Холандската амбасада, ја истакна улогата на овие алатки како дополнување на демократските процеси, но и нивната сè поголема потреба при носењето на информирани одлуки од страна на граѓаните.

На самата панел дискусија, освен двете дигитални алатки на „Импакт“ – „Изборен компас 2016“ и „Локален избор 2017“, беше презентирана платформата „Пријави корупција“ на „Транспаренси Интернешнл – Македонија“, а Министерството за информатичко општество и администрација ја презентираше состојбата и плановите за иднина на Единствениот национален регистар на прописи – ЕНЕР.

Беа презентирани и успешни светски примери на дигитални алатки, кои се од отворен тип, односно се слободни за преземање и модификација, со што слободно може да се преработат за користење во Македонија. Беше посочено и дека треба повеќе да се промовираат дигиталните алатки за поголем број граѓани да дознаат за нив, со што ќе може полесно да се врши граѓански притисок и контрола на властите во поглед на решавањето на проблемите.

Беше заклучено дека дигиталните алатки имаат свои недостатоци, но и големи неискористени потенцијали и дека нивната улога во развојот на демократијата ќе биде сè поголема. Како главни недостатоци се истакнаа последиците од дигиталниот и генерацискиот јаз како и проблемите на самоодржливост, односно фактот дека тие најчесто се финансирани од грантови и после нивното завршување веќе не се ажурираат.

Во контекст на е-демократија и дигитални алатки, треба да се напомене дека „Гласомер“ на „Метаморфозис“, реализиран во 2011 година е пионер на ова поле.


Почна вториот бран мерења на отчетноста на извршната, локалната и законодавната власт


Скопје, 28 декември, 2017 - 10:30 (META) 

Фондацијата за интернет и општество, „Метаморфозис“, заедно со други партнери од регионот го почна вториот бран на мерења преку индикатори на отвореност, отчетност и транспарентност на владите и државните институции во шест земји од регионот. Истражувањето е дел од проектот „Актион СЕЕ“ – одговорност, технологија и Мрежа на институционална отвореност во Југоисточна Европа.

Како што соопштија од „Метаморфозис“ деновиве биле испратени прашалници до Управниот суд, Судскиот совет, Врховниот суд, Јавното обвинителство, министерствата, Владата, Бирото за јавни набавки, како и до низа извршни агенции и органи за мониторирање на отвореноста и отчетноста на институциите.

Според резултатите од првиот бран мерења, спроведено во 2016 година, општините во Македонија исполнуваат 34 отсто од индексот на отвореност, Јавното обвинителство 51%, додека судовите исполнуваат 52% од индикаторите за отвореност. Судскиот совет е незначително подобар и исполнува 58% од индикаторите за отвореност.

Индексот на отвореност е композитен показател, којшто го определува степенот на отвореност на владите од Западен Балкан кон граѓаните и општеството и е создаден со цел да дефинира до кој степен граѓаните од Западен Балкан добиваат погодни и разбирливи информации од институциите.

Крајната цел на проектот е зголемување на вклученоста на граѓанското општество и медиумските организации во креирањето на јавното мислење, креирањето политики и учество во механизмите за донесување одлуки, како и зголемување на капацитетите на граѓанското општество да адресира чувствителни прашања.