fbpx

Владата реагира на индексот на ТИ: Извршната власт е транспарентна, потребно е независно судство

-

Реагирајќи на падот за 13 места на индексот на перцепција на корупцијата, владата објави соопштение во кое се набројани повеќе преземени активности за зголемување на транспарентноста и отчетноста на институциите.


„За бескомпромисна борба против корупцијата ја подигнавме отчетноста и транспарентноста на институции на извршната власт, која треба да биде зајакната и со независно, транспарентно и отчетно судство и обвинителство, со непартизирана антикорупциска комисија“, се вели во првата реченица од владиното соопштение.

Оттаму ги цитираат последните резултати од истражувањето во рамки на регионалниот проект „ACTION SEE“ – мрежа за транспарентност, отвореност и отчетност во Западен Балкан кој го имплементира Фондацијата „Метаморфозис“ со поддршка на Европската Унија.

Владата посочува дека, во 2019 година извршната власт во Северна Македонија, заедно со Црна Гора се издвојува во регионот според индексот на отвореност, кој изнесува 78% во однос на исполнување на индикаторите.

„Трендот е растечки во последните две години и донесе пресврт во рангирањето на нашата земја, ако се знае дека во 2016 година бевме на последното место со само 52% исполнети индикатори“, се вели во владиното соопштение.

Исто така, се споменува и Стратегијата за транспарентност 2019-2021 година, со Акциски план, порталот „Отворени финансии“ со кој се отворија податоците од државниот Трезор на Министерството за финансии, а станаа јавно достапни и финансиските трансакции на буџетските корисници.

Отворање на податоците од трезорот, според владата, е една од најголемите мерки во насока на намалување на корупцијата.

„За прв пат во политичката пракса во нашата земја, владата е таа што, самоиницијативно, го стави на најотворен, најтранспарентен начин, своето финансиско работење“, се вели во соопштението.

Инаку, на Индексот на перцепција на корупцијата на  „Транспаренси интернешенал“, Македонија се најде на исто место со Албанија, односно на 106-то место. Минатата година земјата беше оценета со индекс 37 и рангирана на 93 место, заедно со Гамбија, Гијана, Косово, Монголија и Панама.


Индексот рангира 180 земји и територии според нивото на перцепција на корупцијата во јавниот сектор, според експерти и бизнисмени. На скалата од еден до 100 помалиот индекс означува земја „почиста“ од корупција.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...