fbpx

„Порталб.мк“: За три години, 50 милиони евра се насочиле за развој на општините – дали и како се трошеле парите?

-

Почист воздух, подобра водоводна и канализациска мрежа, патишта… Милионски суми на средства секоја година се префрлуваат од централно на локално ниво. Во периодот од 2017 до 2019 година од централно ниво на општините се трансферирале скоро 50 милиони евра за програми и проекти за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, пишува „Порталб.мк“. Станува збор за високи износи доделени за капитални инвестиции, кои според ревизорите, заслужуваат и високо ниво на транспарентност во начинот на трошење. Ревизорите ги ставија под лупа овие дотации и отворија бројни прашања поврзани со контролата и одговорноста за трошењето на милионските суми.

„Анализата на реализираните трансфери на средства за капитални инвестиции до општините укажува дека најмногу средства се дадени во 2019 година, 11,7 милиони евра. Од нив 88 отсто биле за унапредување на животната средина, за намалување на аерозагадувањето, за набавка на инвертер клима уреди, а значителни средства или 9,5 милиони евра се дадени во 2017, од кои околу 95 отсто се исплатени по склучени договори за финансиска поддршка на руралниот развој за 2015 година“, потенцираат ревизорите.

Парите од централно на локално ниво доаѓаат преку повеќе канали. „Порталб.мк“ во детали анализира преку кои институции колку средства се поделени и како се потрошени.

Капитални дотации од Влада – 14,5 милиони евра

Во 2019 година, девет општини добиле 10,4 милиони евра за набавка на инвертер клима-уреди за замена на постоечките нееколошки системи за греење. Општините се должни да достават извештај до Владата.

Во 2018 на општина Тетово ѝ се одобрени 227.552 евра за чистење и депонирање на комуналниот отпад на локалитетот с.Фалише–Тетово. Не е склучен договор од причина што во Одлуката истото не е предвидено. Општината треба да достави извештај– Владата да го контрилира наменското трошење на парите.

Три општини од Владата добиле вкупно 1,3 милиони евра за водоснабдување во Пробиштип, изградба на затворен пазар во Велес и центар за параглајдерство во Крушево.

Во однос на владините пари, ревизорите нотираат: „На ревизијата не и беа доставени извештаи од корисниците на средствата врз основа на кои Владата треба да го следи наменското трошење на средствата“.

Капитални дотации од Министерство за локална самоуправа – 7,2 милиони евра:

Најголем дел или 5,5 милиони евра се доделени за изградба на плоштад „Скендербег“. За рамномерен регионален развој се издвоени 1,7 милиони евра.

Кај проектот „Плоштад Скендербег“ ревизорите нотираат слабости поврзани со динамиката на изградба, но и префрлање на средства од министерството на сметка на локалната самоуправа, без да биде донесена Програма на Владата за користење на тие пари во 2014 година, кога започнала и втората фаза. Вкупните капитални дотации за „Плоштад Скендербег“ изнесуваат 12,4 милиони евра. Но, според ревизорите, во 2019 година сѐ уште не била започната третата фаза за реализација на целиот проект, што упатува на натамошно пробивање на роковите. Инаку, проектот е започнат во 2011 година.

Капитални дотации од Биро за регионален развој (БРР)

Преку БРР, општините добиваат пари за финансирање на проекти за развој на селата и за проекти за развој на специфични развојни подрачја.

Одлуките на Владата за доделување на средствата се донесени со задоцнување поради што задоцнила и реализацијата на проектите. Биле склучувани анекси на договори.

„Во 2018 и 2019 за развој на селата и подрачјата со специфични развојни потреби склучени се 145 договори со општините, во вкупен износ од 2,6 милиони евра, од кои за 49 договори се склучени анекс договори, по кои авансно се исплатени околу 42 отсто од вкупниот износ на склучените договори. Авансната исплата на сите средства пред извршување на работите предвидени со договорите создава ризик средствата за капитални инвестиции да бидат искористени за други намени“, наведуваат ревизорите.

Од 2017 до 2019 година за развој на селата и на специфични подрачја биле склучени 186 договори во вредност од 3,7 милиони евра, а од оваа сума 2 милиони евра биле преку БРР, а останатите преку Министерството за локална самоуправа.

Капитални трансфери од Агенција за финансиска поддршка во земјоделството

Преку оваа Агенција за капитални дотации префрлени се 12,6 милиони евра за вкупно 162 проекти до 65 општини во земјава, средства наменети за изградба на пристап до земјоделско земјиште и до знаменитости во руралните места, за локални патишта, за реконструкции и за зелени површини.

И во овој дел се лоцирани слабости, пред сѐ задоцнето склучување на договорите поради големиот број на апликации, а и долгите административни процедури.

„Поради ова во некои случаи договорите со корисниците за доделување на средства се склучуваат и по две години од објавата на јавниот повик. Од вкупните трансферирани средства 5 отсто се исплатени по договори склучени по програмата за 2013 година, значајни 86 отсто се исплатени по договори за 2015, незначителни 1 отсто се исплатени за 2016 и 8 отсто за 2018 година“, посочува ревизијата.

Капитални дотации од Министерството за животна средина – 4,7 милиони евра

Дури 42 отсто од вкупно 4,7 милиони евра преку Министерството за животна средина во анализираниот период биле наменети за „унапредување на животна средина“, пари кои општините ги добиле за изработка на техничка документација и изработка на канализациски системи и системи за одведување и пречистување на отпадни води.

Преку Програмата за инвестирање во животна средина заклучно со јули 2020, биле реализирани 86 отсто од планираните инвестиции, а преку Програма за заштита на води реализацијата на проектите изнесува 79 отсто.

Освен овие, и други министестерства и институции се задолжени да трансферираат капитални дотации до општините.

Ревизорите на крајот констатираат: „За управување со капиталните трансфери кон ЕЛС од Буџетот не се создадени сите неопходни услови од страна на надлежните институции“.

Анализата покажува дека и на локално ниво има проблем со реализација на ветените капитални расходи, па така во 2017 тие биле остварени со 40 отсто, во однос на планот, во 2018 со 41 отсто, а во 2019 со 60 отсто.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Носталгија по диктатори: Хусеин, Гадафи и Асад

Чест наратив на Кремљ е дека ирачкиот лидер Хусеин, либискиот Гадафи и сирискиот Асад биле големи патриоти и имале добри социјални политики, но дека биле жртви на американскиот империјализам,...