fbpx

„Е-општество“: Медиумската писменост е неопходна за здрава демократија

-

Потребна е поголема медиумска писменост која ќе доведе до транспарентни и отчетни институции, е заклучокот од Конференцијата „е-Општество“ која Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ ја организира по 14 пат, а оваа година е на тема „медиумски писмени граѓани за отчетни институции“.

И на оваа конференција ќе се обидеме да се фокусираме на влијанието на новите технологии врз работата на институциите и ќе се обидеме да најдеме решенија за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат институциите и граѓаните. Самата дигитализацијата не е решение за проблемот, но мора да ја поттикнеме културата на отворено демократско општество”, рече директорот на „Метаморфозис“, Бардил Јашари.

Директорката на Фондацијата Отворено општество – Македонија, Фани Каранфилова Пановска, смета дека реформите во медиумите се случуваат, но со забавено темпо. Според неа, младите немаат многу вештини и не знаат како да ги верификуваат податоците и информациите до кои што доаѓаат.

Таа наведе истражување кое што го направила Фондацијата Отворено општество од Софија за медиумска писменост во 2018 година во кое се рангирани земјите од ЕУ и пет земји од Западен Балкан. На листата Македонија се наоѓа на последното, 35 место.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, вели дека многу е полесно да се донесат услугите до граѓаните отколку граѓаните до услугите и институциите.

– Дигитализацијата ќе го намали влијанието на човековиот фактор, а со тоа, да бидеме искрени, ќе се намали и корупцијата. Свесни сме дека довербата на граѓаните во институциите е ниска, на ова мора постојано да работиме. Стекнување на доверба не е лесно, затоа транспарентноста и отчетноста не се само мерки кои мора да ги штиклираме туку мора вистински да ги подобриме, а со тоа ќе ги намалиме и лажните вести. Не се плашиме од критика, таа не мобилизира и не прави подобри и ја мотивирам да ја има понатака – вели Манчевски.

Медиумската писменост е за препознавање вистински и лажни вести, но е и за одговорна дебата и за плурализам во мислења, смета амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар.

– Лажните вести станаа дел од нашата дигитална интеракција. Со медиумската писменост се создава средина за контрола на државните институции и таа е неопходна состојка на здрава демократија. Ако нема медиумски писмени граѓани, институциите ќе бидат помалку отчетни и транспарентни – рече Жбогар.

Медиумската писменост бара плодна почва во општеството, а тоа е невозможно кога медиумите се уцените и потчинети, вели министерот задолжен за транспарентност, отчетност и комуникација, Роберт Поповски.

– Убеден сум дека со создавањето плодна почва придонесува отворениот и професионалниот однос на владата кон медиумите. Оваа влада слуша критика, ја анализира критиката и ја формулира својата политика според интересите на граѓаните – потенцира Поповски.

Главниот и одговорен уредник на „Мета“, Зоран Андоновски, вели дека во однос на реформите во медиумите заклучокот е дека нешто е почнато, но е застанато.

– Направен е обид да се донесат новите закони, но тие се заглавени во Собранието. Индикативен податок е дека до Комисијата за информации од јавен карактер има 520 жалби за недозволен пристап до информации. Во однос на навредата и клеветата, судството се уште не се снаоѓа во овој дел, нема јасна дистинкција што е медиум, постојат збунувачки пресуди – вели Андоновски.

Состојбата во МРТ останува лоша и се доведува до прашање нејзиното функционирање и улогата што ја има во општеството, оценува Зоран Трајчевски, директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

– Само економско силни и независни медиуми може да ги издржат притисоците од центрите на моќ. Законските измени не смеат да преставуваат упад во медиумските слободи. Само слободни медиуми можат да ја играат својата улога во општеството за граѓаните да можат да оформат свое мислење – категоричен е Трајчевски.

Македонија е се уште на дното во европски и светски рамки во однос на слобода на изразување и медиумска независност, вели Драган Секуловски, од Здружението на новинари на Македонија.

– Според „Фридом хаус“, Македонија е неслободна земја и после две години откако имаме нова власт и тоа е факт. Заклучоците треба да ги мотивираат сите дека е потребни промени, не само за да се промени имиџот во светот туку затоа што граѓаните заслужуваат да бидат информирани, а не манипулирани. Без системски реформи не може медиумите вистински да си ја вршат својата работа а со тоа ќе им биде скратено правото на граѓаните вистински да се информираат- додаде Секуловски.

Тој информираше дека трендот на напади на новинари се намалил од 18 во 2017 година на 6 оваа година и предупреди дека говорот на омраза што се случува во медиумите може да прерасне во дела од омраза.

Според програмскиот директор на „Метаморфозис”, Филип Стојановски,  со професионални и објективни информации ќе дојде до намалување бројот на лажни вести, кои се чести во македонските медиуми.

– Концептот на медиумската писменост не е да се реши само проблемот на медиумската писменост, туку ни требаат пристапи во многу нивоа, почнувајќи од објективното и професионално новинарското известување. Со објективно и професионално известување на новинарите би се намалиле лажните вести, кои ги има многу во Македонија – рече Стојановски.

Според Весна Никодиновска од Македонскиот институт за медиуми целта на медиумите е да се учат луѓето како да размислуваат со своја глава, и да ги проверуваат фактите што ќе ги најдат онлајн.

Сите улесници се согласија дека медиумската писменост е потребна за да биде дел од образовниот процес во Македонија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Германската тајна служба: Со Кина не треба да бидеме наивни

Германската домашна разузнавачка служба (BfV) ги предупреди компаниите да бидат претпазливи кога имаат работа со авторитарни странски влади, како што е Кина, пренесе германската новинска агенција ДПА. Германските компании, на...