С.Македонија единствена земја во регионот со Стратегија за транспарентност: Конкретни активности за отворање на институции

Досега Владата на РСМ има усвоено две стратегии, со помош на Фондацијата Метаморфозис и Фондацијата Отворено општество – Македонија, со поддршка на Европската Унија преку проектот ACTION SEE

-

Северна Македонија е единствената земја во регионот на Западен Балкан која има Стратегија за транспарентност, документ создаден за да ги идентификува слабите точки во областа на транспарентноста и отвореноста на институциите на извршната власт. Досега Владата на РСМ има усвоено две стратегии, со помош на Фондацијата Метаморфозис и Фондацијата Отворено општество – Македонија, со поддршка на Европската Унија преку проектот ACTION SEE, пишува Порталб.мк.

По првата Стратегија за периодот од 2019-2021 година, Северна Македонија ги продолжува напорите за транспарентност со уште една стратегија што го покрива периодот од 2023 до 2026 година, која се уште е во нацрт верзија, но на 121 седница на Владата, одржана на 23 јануари 2023 година, беше разгледана и усвоена информацијата за потребата од изработка на Стратегија за транспарентност на Владата на Република Северна Македонија за периодот 2023-2026 година. Втората стратегија е креирана со цел да се имплементираат целите кои не беа реализирани во претходната стратегија, главно поради пандемијата и да се воспостават дополнителни активности за зголемување на нивото на транспарентност на институциите.

Паралелно со стратегијата се изготвува и акционен план каде се дефинираат сите активности преку кои ќе се спроведуваат целите и упатствата на стратегијата.

Во првата Стратегија, акцискиот план беше набљудуван од страна на Фондацијата Метаморфозис, која потоа објави извештаи за статусот на реализацијата на целите или активностите наведени во акцискиот план. Првата стратегија главно беше фокусирана на креирање на веб-страници на институциите на извршната власт, објавување на списокот од 21 задолжителни документи, назначување на службени лица за пристап до информации од јавен карактер, соработката меѓу Владата и Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, подобрувањето на алатката за отчетност на правните лица, но и за измена и дополнување на Законот за користење на податоците од јавниот сектор.

Од набљудувањето на акциониот план од првата Стратегија 2019-2021 година, Метаморфозис констатира дека има застој во поголемиот дел од имплементацијата на Стратегијата, односно од вкупно 45 активности од Акцискиот план, 25 активности воопшто не се реализирани. Главната причина за ова беше пандемијата, но другите причини што ги идентификуваше Метаморфозис беа земени како појдовна точка за креирање на втората Стратегија, која го опфаќа периодот 2023-2026 година.

Реактивирање на блокираните активностите од првата Стратегија

Во Стратегијата 2023-2026 година се повторуваат три области од првата стратегија, кои не се целосно имплементирани. Во периодот 2019-2021 година се работеше на регулирање на правниот аспект на овие цели, но имаше застој во нивното извршување.

Првата област која се повторува во новата Стратегија е „Одржлива транспарентност на Владата и нејзините органи“, која се однесува на стандардот и унифицирањето на веб-страниците на владата, нејзините органи и министерства, како и документите кои мора да бидат јавно објавени на овие веб-страници. Главниот проблем во оваа област е фактот што не сите министерства и органи на извршната власт имаат веб-страници, а и тие кои постојат се различни една од друга од формален аспект.

„Анализата направена за подготовката на Стратегијата за транспарентност на Владата на Северна Македонија (2019-2021) доведе до заклучок дека речиси секоја од нив (веб-страниците на Владата и министерствата) има различен дизајн, кој сам по себе е предизвик за граѓаните, здруженијата на граѓани и фондациите, медиумите и секој друг субјект заинтересиран да најде податоци за нивното функционирање. Понатаму, не постои стандард за тоа на кои јазици ќе бидат достапни веб-страниците. Ова до денес не е надминато“, пишува во Стратегијата 2023-2026 година.

Надминување на овој проблем во новата Стратегија планирано е да се направи преку креирање на веб-страници за оние институции кои немаат, или објавите и податоците за институцијата за која не може да се креира веб-страница, да се објават на веб-страницата на ресорното министерство за таа институција.

Објавувањето и ажурирањето на минималните податоци што се потребни од институциите беше постојан предизвик и порано. Во 2017 година, Владата на нејзината 34-та седница состави список од 21 документ, кои, таа и институциите, ќе бидат обврзани да ги објават. Се очекуваше дека ова ќе влијае многу на подобрување на транспарентноста, но не ги даде очекуваните резултати, главно бидејќи, иако беа предвидени казни, немаше кој да укаже на недостатоците.

Поради оваа причина, во Стратегијата 2023-2026 година, освен што ќе се работи на тој аспект, се планира и создавање на организациона единица, која на секои три месеци ќе ги проверува овие веб-страници за да види дали сите потребни документи се објавени или ажурирани.

Втората област која ќе биде опфатена во новата Стратегија е „Пристап до информации од јавен интерес“, што ја вклучува достапноста и леснотијата на пристап до информации од јавен карактер.

Во Стратегијата 2019-2021 година беше предвидено, врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, институциите да определат административни службеници, кои ќе се занимаваат со барањата на страните. Но, во Стратегијата 2023-2026 година е наведено дека бидејќи анализите на терен покажале дека овие одлуки сè уште ги носат министри, директори итн. сè уште треба да се работи на ова прашање.

Според анализата на извештајот за спроведување на Стратегијата за транспарентност, во периодот од ноември 2019 до ноември 2021 година, 9 министерства потпишале решение за пренос на овластувањето на административните службеници, додека од органите на извршната власт, 9 институциите донеле Решение за делегирање. Спроведувањето на оваа постапка треба да се надгледува до крај и да се поттикнат и другите институции и министерства да го спроведуваат законот.

Во Стратегијата се нагласува и потребата од зајакнување на соработката меѓу Владата и Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, каде што се поднесуваат претставки за недавање на информации во целост или делумно давање на информации од институциите.

Последната област што се повторува од Стратегијата 2019-2021 е „Транспарентност пред донесување одлуки“, што е воглавно успешно поле. Алатката која овозможува транспарентност во одлучувањето е Единствениот национален електронски регистар – ЕНЕР, преку кој Северна Македонија овозможува расправа за предлог законите пред да бидат усвоени.

Принтскрин од сајтот ЕНЕР

Во Стратегијата 2019-2021 година, на ЕНЕР му е посветена посебна област бидејќи бројот на објавени предлог-закони беше мал, но сега, според анализите документирани во новата Стратегија, приближно 86% од предлог законите се објавуваат во ЕНЕР.

Но, во Стратегијата стои дека сè уште има примери за избегнување на ЕНЕР и ставање на предлог-законите на дневен ред на владини седници.

Со Стратегијата се предвидува електронски да се поврзат системите за е-седници на Владата и ЕНЕР; да се објавуваат предлог-законите за консултација со вклучените страни не само на веб-страницата на телото или организацијата што го усвојува, туку и на ЕНЕР; но и да објавуваат предлог-теми за дискусија во ЕНЕР за актуелни прашања од јавен интерес.

Идентификување на нови области за зголемување на транспарентноста на институциите

Покрај продолжување со исполнување на целите од претходната стратегија, Стратегијата 2023-2026 предвидува и нови цели кои имаат за цел да ја зголемат финансиската и фискалната транспарентност, но и да се инвестира во развојот на кадрите за информатичка технологија.

Меѓу целите насочени кон финансиската и фискалната транспарентност на институциите се и надградбата на алатката за отчетност за трошоците на носителите на јавни функции. Овој алатка постои од порано, но во новата стратегија е предвидено, врз основа на Етичкиот кодекс, доколку недостасуваат податоците на оваа страница, одговорните лица да можат да сносат одговорност. Исто така, предвидено е да се прошири списокот со податоци што мора да се прикачат на оваа страница, односно да се додадат податоци за патувања, прием на гости, конференции, користење на службени банкарски картички и користење на државниот авион.

Стратегијата предвидува дигитално отворање на Фондот за здравствено осигурување на порталот Отворени финансии, што значи дека самите здруженија на пациенти можат директно да бидат вклучени во надзорот на здравствените политики и квалитетот на здравствените услуги.

Институциите ги имаат објавено податоците за јавните набавки секој на својата веб-страница во различни формати. Поради тоа, стратегијата предвидува овие податоци да се спојат во еден едниствен портал, односно на веб-страницата за јавни набавки „Е-набавки“, каде што ќе имаат иста структура и формат.

Целта на стратегијата е да се идентификуваат сите процеси во кои службените лица имаат дискреционо право во одлучувањето со цел да се намали дискреционото право и нејзината злоупотреба преку утврдување конкретни параметри и критериуми. Стратегијата предвидува дека функционерите се обврзани, одлуките засновани на дискреционото право да мора да бидат објавени и образложени.

Функционерите, во овој случај, ќе треба да ги објават податоците од собраните даноци; податоците за фискалната дисциплина за споредливост, односно дали фискалната дисциплина постои во сите делови на Скопје. Дополнително, треба да се објават податоците за плаќање струја, вода и слично за институциите и општините, како и инспекциските акти од спроведените инспекции во субјектот. Стратегијата предвидува објавување на податоци за начинот на пресметка и висината на надоместокот за членовите на комисии, управни одбори и совети.

Една од главните причини што го оневозможува објавувањето и ажурирањето на податоците е фактот што институциите немаат доволна персонал од областа на информатичката технологија, додека останатите вработени немаат доволно знаење за користење и одржување на таквиве електронски системи.

Анализата на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) покажува дека од 48 институции на извршната власт, 23 од нив изјавиле дека не наидуваат на потешкотии при објавување и ажурирање на податоците во електронските системи, вклучително и веб-страниците и другите платформи, но 25 изјавија дека оваа процедура им е комплицирана, особено да ги објават податоците во потребниот формат.

Поради оваа причина, Стратегијата има поставено повеќе цели, преку кои, меѓу другото, бара институциите да се дигитализираат, да бидат опремени со дополнителни ресурси (човечки, технички и финансиски).

Меѓу другото, се бара институциите да не ги користат или ажурираат податоците мануелно, туку преку соодветните софтверски системи.

„Дополнителни мерки за поволна околина за развој на производи и услуги со користење на отворени податоци (со организација на конференции, работилници и/или хакатони за истражувачи, академски кругови, граѓанското општество, програмери и претприемачи)“, се наведува во Стратегијата.

Во Стратегијата, друга мерка за институциите е и промоција на порталот и достапните отворени податоци, користење на социјалните медиуми, присуство на настани, организирање настани и сл.

Со приоритет да се објават и податоците кои се дефинирани како законски минимум за отворени податоци, се вели во Стратегијата.

Исто така, потребно е да се формира работна група која ќе и ги предложи на Владата податоците со висока вредност (High Value datasets) во согласност со новата Директива и истите да се сметаат како податоци кои мора да бидат објавени.

За успешно спроведување на Стратегијата ќе се формира работна група која ќе ја сочинуваат по еден претставник од Кабинетот на вицепремиерот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Генералниот секретаријат на Владата, министерствата, академскиот сектор, граѓанскиот сектор, медиумите и бизнис заедницата. Работната група ќе има должност постојано да го надгледува спроведувањето на стратегијата и ќе покренува иницијативи за подигање на свеста и информирање за активна транспарентност. Исто така, ќе има должност да ги советува телата и организациите вклучени во Стратегијата за транспарентност за тоа како најдобро да ги исполнат своите обврски.

Покрај оваа група, Фондацијата Метаморфозис е долгорочен партнер и ќе ги поддржува сите процеси за подобрување на транспарентноста, која потоа може да послужи како почетна точка за продолжување или креирање на следната стратегија.

 

Автор: Арбнора Мифтари, Порталб.мк

 

Подготовката на текстот е дел од проектот „Транспарентност и отчетност на државните институции во РСМ“ кој го спроведува Фондација Метаморфозис со финансиска поддршка од Фондација Отворено општество-Македонија.

Концерт на рап-бендот КЕМ и гости во четврток во „Public Room“

Овој четврток во „Public Room“ ќе се одржи концерт или „сесија во живо“ на бендот KEM, со поддршка од нивните пријатели Прва Гарда (Dope Kukjata) и Jiggy. Концертот ќе започне...