Пендаровски: Националистичките провокации се резултат на пропагандни кампањи од странски центри

Сè почесто сме сведоци на националистички провокации што доаѓаат од одредени политички и верски кругови, со единствена цел, преку наметнување на својот светоглед да ја нарушат стабилноста на државата и да го минираат демократскиот поредок, рече претседателот Пендаровски

фото: Кабинет на Претседателот на Република Северна Македонија

Нашата држава преку сопственото искуство постави значајни стандарди за почитувањето на човековите права во нашиот регион и пошироко. Иако и нашето општество не беше имуно на национализмите на почетокот на деведесеттите години од минатиот век, сепак, Македонија уште од почетокот на својата независност одлучи дека ќе гради општество на еднакви и слободни граѓани со почитување на индивидуалните и колективните човекови права и слободи.

Ова вчеравечер го истакна претседателот Стево Пендаровски на конференцијата по повод Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, во организација на Агенцијата за остварување на правата и заедниците и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Во времето на еуфоријата на градење на етнички држави, ние донесовме устав кој почива врз граѓански основи, но и со изразен сензибилитет за мултикултурниот карактер на македонското општество, рече Пендаровски.

„Токму оваа стратешка одлука во 1991 година беше еден од најважните аспекти што ни помогна да ја избегнеме војната, а новата држава да добие поширока меѓународна верификација и легитимитет. Охридскиот рамковен договор од 2001 година постави стандарди за заштита на колективните права на заедниците кои и по повеќе од две децении сè уште се сметаат за исклучителен пример за градење на мултикултурна демократија не само во регионот, туку и во Европа. Клучен дел од договорот е заштитата и промоцијата на правата и идентитетот на сите заедници, независно од нивната бројност или политичка претставеност. И тогаш и сега сум убеден дека тој нов општествен договор ни овозможи да ја зачуваме државата и мирот и да градиме заедничка иднина“, истакна претседателот Пендаровски.

Тој се осврна и кон Законот за употреба на јазиците со кој, како што рече, се прошири употребата на јазиците на немнозинските заедници, но не на штета на македонскиот јазик и неговиот статус на службен јазик во Република Северна Македонија.

„И покрај континуираните напади врз овој закон, сметам дека неговата оправданост ќе ја докаже времето, исто така, како што денеска речиси и да нема релевантна политичка партија што го негира Рамковниот договор кој беше толку оспоруван во 2001 година“, кажа Пендаровски.

Сепак, според него, растечкиот национализам не ја одминува и нашата држава. Пендаровски рече дека сме сведоци на националистички провокации што доаѓаат од одредени политички и верски кругови, со единствена цел – преку наметнување на својот светоглед да ја нарушат стабилноста на државата и да го минираат демократскиот поредок.

Добар дел од овие напади, рече Пендаровски, се резултат на пропагандни кампањи од странски центри или на нивна директна инфилтрација и поддршка на радикални политички организации.

„Неодамнешниот трагичен настан кој заврши со двојно грозоморно убиство, на површина го извлече занемарениот факт дека дел од овие радикални структури не само што се активни кај нас, туку и дека нивната политика и говор на омраза можат да резултираат со трагични последици. Затоа сметам дека првенствена задача на сите демократски политички структури е јакнење на отпорноста на институциите и континуирана борба против екстремистите, без дневно политички калкулации“, истакна шефот на државата.

И покрај тоа што на регионално и глобално ниво постојат повеќе меѓународни организации чијашто примарна надлежност е, меѓу другото, заштитата на човековите права, како што се Обединетите нации, Советот на Европа, ОБСЕ, но и судски институции како Меѓународниот кривичен трибунал со надлежност да ги гони најтешките прекршувања на човековите права, според Пендаровски, времето на глобалниот консензус за човековите права е зад нас, а надоаѓа една нова ера на војни, репресија и авторитарни режими.