!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Ларондина танцова група“ вторпат ќе настапува во Македонија


Скопје, 2 октомври, 2017 - 18:58 (META) 

Британската танцова група за лица со попреченост на Анџелина Алесендре, „Ларондина танцова група“, од 5 до 10 октомври вторпат ќе престојува во Македонија.

Посетата на групата е во организација на Амбасадата на Обединетото Кралство во Македонија, Хелсиншкиот комитет за човекови права и на Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби.

Во рамки на посетата, освен претстави, предвидени се и неколку работилници за правата на лицата со посебни потреби, со акцент на нивните можности, наспроти ограничувањата, во повеќе училишта во Скопје и во Битола.

„Ларондина танцова група“ е основана пред повеќе од 20 години од Анџелина Алесендре и има настапувано во Обединетото Кралство, Русија, Америка, Франција и во други земји. Групата има цел да ги зближи наставниците од Европа и пошироко во Лондон и да ги обучува за посебни методи кои се користат за двократна училишна агенда за откривање на уметничките скриени таленти на лицата со попреченост.

Во Битола тие ќе настапат во Националниот театар во 18 часот на 6 октомври, а во Скопје во „Телевизија 21“ од 18 часот на 7 октомври.


„Стандард“: Настапот на Курц во Скопје е задоцнета и лоша исплата за бегалската криза


Виена, 30 ноември, 2016 - 13:36 (META) 

Настапот на шефот на австриската дипломатија, Себастијан Курц, на централниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, во неделата, е задоцнета и лоша исплата на долгот кон македонските власти за затворањето на македонско-грчката граница и за запирањето на протекот на мигранти кон Австрија и кон Западна Европа, пишува виенски „Стандард“.

„Изминативе месеци, многумина се прашуваа што доби македонската влада со затворањето на границата кон Грција во март, за бегалците да не можат лесно да стигнат до Централна Европа и до Германија и со што се стави крај на големата бегалска криза. Одговорот од Скопје секогаш беше – ништо. Од неделата сите сме попаметни: наградата ја испорача лично министерот Себастијан Курц, кој дојде во Скопје за да ја поддржи национал-конзервативната ВМРО-ДПМНЕ во изборната кампања“, се наведува во коментарот на „Стандард“ за контроверзното гостување на Курц во Скопје.

Тоа што Курц, се додава во коментарот, поддржува една ваква партија, покажува дека поддршката за демократијата и за владеењето на правото се многу ниско на листата на приоритети, а тоа има последици и по Европската Унија која „го губи својот кредибилитет“.

„Повеќето партии во Југоисточна Европа се клептократски здруженија кои на луѓето им делат работни места во замена за гласови и ги залажуваат со дози национализам. Но, ВМРО-ДПМНЕ води на негативната ранг-листа: режимот во изминатите години стануваше сè похрабар и поавторитарен, контролирајќи ги полицијата и судството и ги прислушуваше граѓаните“, пишува „Стандард“.

Идентичен е ставот и на бегискиот неделник „Њу Јуроп“, кој исто така пишува дека учеството на Курц во изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ е враќање услуга на македонската владејачка партија за нејзината помош околу затворањето на балканската мигрантска рута.

„Неговата изјава (на Себастијан Курц н.з.) за членство (на Македонија во ЕУ) е во директна спротивност со духот на извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата, во кој се зборува за заробување на демократските институции, кршење на слободата на говорот и на владеењето на правото“, пишува „Њу Јуроп“.

Настапот на шефот на австриската дипломатија на митингот на ВМРО-ДПМНЕ беше критикуван и од повеќе европски политичари кои оценија дека на Македонија ѝ се потребни слободни избори, без влијание од странски министри или влади.

Европската комисија не сакаше да го коментира настапот на Курц. Од Брисел за „Мета“ рекоа дека стојат зад изјавата што на 18 ноември ја даде евроамбасадорот Самуел Жбогар и амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Македонија за претстојните избори, во која истовремено се повикува и на одвојување на партиските од државните активности.


„Охридско лето“: Вечерва настап на Артуро Сандовал во Античкиот театар


Охрид, 6 август, 2016 - 15:21 (META) 

Вечерва, во стандардниот термин од 21 часот во Античкиот театар во Охрид, во рамките на програмата на фестивалот „Охридско лето“, ќе настапи џез-трубачот Артуро Сандовал од Куба.

На програмата се дела од џез-музиката, кои Сандовал ќе ги исполни заедно со својот бенд во состав Џон Белзагај – бас, Тики Пасиљас – перкусии, Дејв Сигел – клавијатури, Џони Фрајдеј – удиралки и Кемуел Роиг – пијано.

Музичкото портфолио на Артуро Сандовал го сочинуваат 10 награди „Греми“, шест „Билборд“ и една „Еми“, потоа признанието „Хиспаник херитиџ“, како и Претседателскиот медал на слободата (Presidental Medal of Freedom), награда доделена од претседателот на САД, Барак Обама.

Во својата четиридецениска кариера Артуро Сандовал соработувал и со повеќе светски музички ѕвезди од различни генерации, како Френк Синатра, Џастин Тимберлејк, Селин Дион и Алиша Кис, а ја напишал и музиката за филмот „За љубовта на земјата“, чија приказна е темелена на неговиот живот. Во филмот неговиот лик го толкува холивудскиот актер Енди Гарсија.


„Охридско лето“: Вечерва концерт на Максим Венгеров и на „Менухин академи солоист“


Охрид, 18 јули, 2016 - 16:25 (META) 

На централната музичка сцена, катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид, вечерва во рамките на музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ ќе настапи рускиот виолинист Максим Венгеров, заедно со камерниот ансамбл „Менухин академи солоист“ од Швајцарија.

Во камерниот ансамбл „Менухин академи солоист“, основан во 1977 година од познатиот виолинист Јехуди Менухин, членуваат млади виолинисти, виолисти и виолончелисти од целиот свет.

Од 2011 година, ансамблот редовно настапува со виолинистот Максим Венгеров. На вечерашната програма се дела од Волфганг Амадеус Моцарт и од Дмитриј Шостакович.

Концертот на маестро Максим Венгеров, еден од врвните виолинисти на денешницата, се очекува со нагласен интерес.

Неговиот минатогодишен настап, самата публика го прогласи за настан на летото.

Максим Венгеров на фестивалот во Охрид доаѓа и со репутација на прв уметник во класичната музика, кој е назначен за интернационален амбасадор на добрата волја од страна на УНИЦЕФ.

Од 2007 година до денес е предводник на некои од најзначајните оркестри во светот, како симфониските оркестри на Монтреал и на Торонто.


Оперската дива Елина Гаранча најави возбудлив настап на отворањето на „Охридско лето“


Охрид, 11 јули, 2016 - 14:41 (META) 

Утревечер, во традиционалниот термин 12 јули, Петровден, на сцената на Античкиот театар во Охрид свечено ќе биде отворено годинешното, 56. издание на фестивалот „Охридско лето“.

Најстариот и најреномиран македонски фестивал со интернационални вредности, ќе биде отворен со настапот на оперската дива Елина Гаранча од Латвија, во придружба на симфонискиот оркестар на Македонската опера и балет, под диригентска палка на Јон Марин.

Гаранча веќе е во Охрид, каде денеска одржа прес-конференција, заедно со диригентот Марин и со ракводството на фестивалот. Таа рече дека се надева дека ќе има прекрасен и возбудлив настан.

Диригентот Јон Марин двапати бил во Охрид, познати му се фестивалот и неговата меѓународна репутација.

– Во Охрид и во Македонија првпат дојдов во 1969 година, а подоцна во 1978 година во придружба на мојот татко, кој тогаш го диригираше мадригалниот хор од Букурешт. Немам многу сеќавања, но се сеќавам на топлината на оваа земја и на луѓето што ја нудат – изјави Марин.

Билетите за концертот кој почнува во 21 часот, се продаваат по цена од 800, 1.000 и 1.200 денари во дирекцијата на „Охридско лето“ – Охрид и преку веб-страницата „МК Тикетс“.


Со перформансот „Музиката не познава граници“ децата од Центар на настап во Истанбул


Скопје, 29 април, 2016 - 11:40 (META) 

„Музиката не познава граници“ беше музичко-сценскиот перформанс со кој учениците од основните училишта од општина Центар беа дел од  меѓународната манифестација по повод Светскиот ден на детето, која се одржа во Истанбул.

По враќањето во Скопје, тие на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, му ги пренесоа своите впечатоци, доживувања и му изразија благодарност што им го овозможи ова незаборавно патување и можноста да бидат учесници на ваков престижен настан.

Организатор на овој 23. по ред фестивал е Општината Бијоглу од Истанбул, која е збратимена со Општина Центар.

Градоначалникот на Општина Бијоглу, Ахмет Мисбах Демиркан, се сретна со претставниците на Општина Центар и со децата-учесници на фестивалот.

На средбата беа разменети искуства за функционирањето на двете збратимени општини, Бијоглу и Центар.

 


Дуке Бојаџиев ќе настапи пред децата на Детската клиника


Скопје, 25 август, 2015 - 10:39 (META) 

Пред дечињата згрижени во Детската клиника во Скопје, денеска ќе настапи македонскиот композитор, продуцент и пијанист, Дуке Бојаџиев.

Концертот се одржува со поддршка на сопругата на претседателот на Република Македонија Маја Иванова, а идејата за овој негов ангажман, како што вели, се родила при средбата со претседателското семејство летово во Охрид, по што е стапено во контакт со директорката на Клиниката и со помош на Кабинетот на претседателот се договорени деталите.

Пред дечињата згрижени во Детската клиника во Скопје, Дуке Бојаџиев ќе настапи заедно со Тања Царовска – вокал и Владимир Крстев – виолина, состав со кој настапуваше годинава во Рим, во рамки на одбележувањето на Свети Кирил, а кои беа дел од неговиот тим на концертите одржани летово.


„Охридско лето“: Роденденски концерт со „Хауард госпел-хорот“ од САД


Охрид, 4 август, 2015 - 10:19 (META) 

Меѓународниот музичко-сценски фестивал „Охридско лето“, вечерва го одбележува својот голем јубилеј, 55 години од постоењето. За таа пригода, како роденденски концерт, на отворената атрактивна сцена Антички третар, одбран е настапот на „Хауард госпел-хорот“ (Howard Gospel) од САД.

Американскиот „Хауард госпел-хр“ е првиот академски хор од ваков вид во светот. Основан е во 1968 година и е составен од сегашни и поранешни студенти на Ховардскиот универзитет, како и од пасионирани љубители на хорската музика.

На нивниот репертоар се наоѓаат композиции од современата и од традиционалната американска госпел-музика, црковни химни, црнечка духовна музика и други.

Во овие композиции најчесто се опфаќаат темите за Исус Христос и за христијанството. „Хауард госпел-хорот“ активно настапува во САД, но и во Канада, Барбадос, Хрватска, Италија, Данска, Шведска, Украина…

При гостувањето во некои од овие земји, хорот одржува и работилници и мајсторски школи, на кои учесниците се информираат за госпел-музиката, но и воопшто за вокалното пеење.


Кејти Пери, Лени Кравиц и Миси Елиот настапија на финалето на Супер бол


Глендејл, 2 февруари, 2015 - 15:05 (META) 

Кетји Пери настапуваше на полувремето од синоќешното финале на Супер бол, на стадионот на Универзитетот во Феникс, на натпреварот меѓу Њу Ингланд патриотс и Сиетел сихокс. Кејти Пери го почна настапот со песната „Roar“, качена на огромен механички тигар. На настапот ѝ се приклучија Лени Кравиц и Миси Елиот, со кои испеа неколку песни.

Шоуто на полувремето го гледале 115 милиони гледачи, односно секој трет Американец, со што го сруши рекордот на гледаност.

Натпреварот заврши со победа на Њу ингланд патриотс, кои ги совладаа Сиетел сихокс со 28:24.

Рекламниот простор за годинешниот Супер бол достигнал цена од 4,5 милиони долари за видеореклама од 30 секудни. Сите реклами прикажани на финалето може да ги погледнете тука.