Вечерва, во стандардниот термин од 21 часот во Античкиот театар во Охрид, во рамките на програмата на фестивалот „Охридско лето“, ќе настапи џез-трубачот Артуро Сандовал од Куба.
На програмата се дела од џез-музиката, кои Сандовал ќе ги исполни заедно со својот бенд во состав Џон Белзагај – бас, Тики Пасиљас – перкусии, Дејв Сигел – клавијатури, Џони Фрајдеј – удиралки и Кемуел Роиг – пијано.
Музичкото портфолио на Артуро Сандовал го сочинуваат 10 награди „Греми“, шест „Билборд“ и една „Еми“, потоа признанието „Хиспаник херитиџ“, како и Претседателскиот медал на слободата (Presidental Medal of Freedom), награда доделена од претседателот на САД, Барак Обама.
Во својата четиридецениска кариера Артуро Сандовал соработувал и со повеќе светски музички ѕвезди од различни генерации, како Френк Синатра, Џастин Тимберлејк, Селин Дион и Алиша Кис, а ја напишал и музиката за филмот „За љубовта на земјата“, чија приказна е темелена на неговиот живот. Во филмот неговиот лик го толкува холивудскиот актер Енди Гарсија.