Една од водечките домашни кореографи, уметнички директор на светски реномираниот „Скопје танц-фест“ и основач на првата официјална компанија за современ танц во земјата, Рисима Рисимкин, слави јубилеј, триесет години активно кореографско творештво, како дел од овогодинешното издание на Охридско лето.

Со делото „Идентитети – Историја на еден растегнат сон“ денеска во 21 часот во Предворјето на црквата „Св. Софија“, Рисимкин ќе го одбележи својот јубилеј. Како што вели таа, среќна е што и покрај ситуацијата со пандемијата, успеале да најдат начин на работа и споделување на уметноста со публиката, што е и есенцијално.

„Сметам дека одбележувањето триесет години активна работа во полето на современиот танц на 60-тото издание на манифестација, како што е Охридско лето, е вистинскиот начин да се прослави овој јубилеј. Особено се чувствувам поврзана со овој наш фестивал бидејќи токму таму, во 1996 година, почна Неделата на модерен балет во организација на Културниот центар ‘Интерарт’ како прва организирана манифестација за современ танц во Македонија, благодарение на слухот и препознавањето на визијата што ја имавме од страна на тогашниот селектор, госпоѓа Снежана Чадикова. Се надевам дека публиката ќе ужива во претставата, што со толку љубов ја подготвуваме“ изјави Рисимкин.

Во претставата учествува танчарската екипа на Скопје танцовиот театар, кој оваа година во своите редови ги вклучува Адријана Данчевска, Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Валентино Апостоловски, Бобан Русески и Исидора Краљевска. Како што вели Рисимкин, првпат како кореограф остварува соработка со првенката на Националната опера и балет, Мими Поп-Алексова.

Претставата е во кореографија и режија на Рисимкин, со музика на Тони Китановски, а костимите се на нејзиниот долгогодишен соработник Благој Мицковски. Сценографијата е со потпис на Матеа Мијановиќ.