Постер за Прилеп Џез викенд 2020 / Фото: Фејсбук страна на Прилеп Џез викенд

Со премиерата на филмот „JAZZMAN – The form as a verb” од Велибор Педевски, на 27 август на летната сцена од Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп започнува деветтото издание на „Jazz Weekend“. Фестивалот ќе трае до 29 август, а поради актуелната ситуација со ковид-19 пандемијата, бројот на посетители оваа година ќе биде ограничен и според квадратурата на местото каде се одржува фестивалот, концертите ќе може да ги посетат 100 луѓе во една вечер.

„„JAZZMAN“ е документарна сторија за живот, посветен на уметноста на џезот чиј автор е Велибор Педевски, човекот кој е своевиден фокус на збиднувањата на овој творечки феномен. Во филмот учествуваат Wadada Leo Smith, Reggie Nicholson, Reggie Workman, Anthony Braxton, Cecil Taylor, Brandon Ross, Graham Haynes, Doug Wieselman, Milcho Leviev, Dushan Koja Kojich, Влатко Стефановски, Љупчо Поповски, Тимчо Апостолов, Марко Коловски, Оливер Белопета“ вели Гоце Бојкоски, од здружението „ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ“ што е организатор на манифестацијата.

Како што најавува тој, веднаш по прикажувањето на филмот, сцената е резервирана за бендот „SkopjeJazzInc“.

Втората вечер ќе настапи квартетот на Оливер Јосифовски со проектот „FUSSION – DEFFUSION – CONFFUSION“ со оригинални композиции и музички стандарди од егзотичен карактер, измешани со звуците на тврд hard rock.

„„Светлост“ – најактуелниот македонски џез состав на домашната и на меѓународната сцена. Бендот во 2019 година го издаде албумот „Odron Ritual Orchestra“ кој на светските листи е сместен меѓу петнаесетте најдобри албуми, а годинава ги снимија албумите: „Jazz (to the working class)“ и „Six Years“. Карактеристика за музиката на овај состав е што се менува во зависност од луѓето вклучени во конкретниот проект, а стилските правци се движат од слободен џез, електро-акустична музика и пост-рок, до минимализам и амбиентална музика“, додава Снежана Ристеска, претседател на здружението.

На репертоарот на третата вечер е закажана и промоцијата на книгата „Press&Play“ од Ненад Георгиевски. Делото содржи рецензии за албуми, концерти и критички осврти за изведувачи, меѓу кои: Влатко Стефановски, „Леб и сол“, Кирил Џајковски, „Фолтин“, Џијан Емин, Ади Имери, Гоце Стефковски, Џон Илија Апелгрeн, Зоран Маџиров, бендовите „Анастасија“, „Чалгија Саунд Систем“, „Проект Жлуст“, „Скопскиот џез фестивал“, „Офф-фест“ итн.

Фановите на џезот, последната фестивалска вечер ќе уживаат во изведбите на бендот „Next to Silence“ со избран репертоар од богатиот опус на Enrico Rava, Carla Bley, John Abercrombie, Dave Holland, Terje Rypdal, Shankar, Jan Garbarek, Jim Pepper, Gary Burton, Art Ensemble of Chicago, Bill Frisell, Jon Balke, Tomasz Stanko, Nils Petter Molvaer и други. Фестивалот ќе го затворат меѓународно признатите андерграунд музичари од „Бернајс Пропаганда“.

Во off програмата, фестивалот во петок нуди перформанс на „Antonie AVP Project“ – настан планиран да се одржи на локалитетот „Врбјанска чука“ кај с. Славеј –Прилепско, а последната вечер е резервирана за перформансот на „Leonard“.

Фестивалот се реализира со финансиска поддршка на Министерство за култура.