Утревечер, во традиционалниот термин 12 јули, Петровден, на сцената на Античкиот театар во Охрид свечено ќе биде отворено годинешното, 56. издание на фестивалот „Охридско лето“.
Најстариот и најреномиран македонски фестивал со интернационални вредности, ќе биде отворен со настапот на оперската дива Елина Гаранча од Латвија, во придружба на симфонискиот оркестар на Македонската опера и балет, под диригентска палка на Јон Марин.
Гаранча веќе е во Охрид, каде денеска одржа прес-конференција, заедно со диригентот Марин и со ракводството на фестивалот. Таа рече дека се надева дека ќе има прекрасен и возбудлив настан.
Диригентот Јон Марин двапати бил во Охрид, познати му се фестивалот и неговата меѓународна репутација.
– Во Охрид и во Македонија првпат дојдов во 1969 година, а подоцна во 1978 година во придружба на мојот татко, кој тогаш го диригираше мадригалниот хор од Букурешт. Немам многу сеќавања, но се сеќавам на топлината на оваа земја и на луѓето што ја нудат – изјави Марин.
Билетите за концертот кој почнува во 21 часот, се продаваат по цена од 800, 1.000 и 1.200 денари во дирекцијата на „Охридско лето“ – Охрид и преку веб-страницата „МК Тикетс“.