Костадиновска-Стојчевска: Името на Џон Малкович се впишува во богата историја на „Охридско лето

Брилијантната изведба на славниот Малкович кого го придружуваа сопранистките Чен Реис и Сузан Лангбеј и Оркестарот на Виенската академија предизвика бурни овации кај публиката

Фото: Министерство за култура

На големата сцена на Античкиот театар во Охрид вчеравечер во рамките на 63 издание на фестивалот „Охридско лето“ настапи славниот американски актер Џон Малкович во театарската претстава „Пеколна комедија: Исповеди на сериски убиец“.

Брилијантната изведба на славниот Малкович кого го придружуваа сопранистките Чен Реис и Сузан Лангбеј и Оркестарот на Виенската академија предизвика бурни овации кај публиката. 

Претставата е во авторство и во режија на Михаел Штурмингер. Идејата за претставата настанала откако Малкович и композиторот Мартин Хаселбек се сретнале на вечера и дискутирале зошто нема никаков мост меѓу холивудската филмска глума и класичната музика. Од замислата да се спојат тие два уметнички света произлегла оваа психолошка драма, која премиерно била изведена во 2009 година. 

Фото: Министерство за култура

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска ја проследи вчерашната изведба и истакна дека е оваа уметничка манифестација е редок спектакл и упати благодарност до директорката и до тимот на „Охридско лето“.

Наташа Поповиќ, директорката на „Охридско лето“, истакна дека таа со нејзиниот тим целат секоја следна година фестивалот да биде поголем и позначаен.  Поповиќ упати благодарност до Амбасадата на САД во Република Северна Македонија, до Министерството за култура и до сите помагатели на фестивалот.

Заменик-амбасадорот на САД, Ерик Мејер, кажа дека една од најважните движечки сили на меѓусебната врска на САД и Северна Македонија е живата улога на културата која ги збогатува нашите заеднички цели.  

„Ви благодарам за честа и можноста што ми ја дадовте да најавам голема симбиоза на два многу важни културни ентитети овде, во Охрид. Од една страна, овој неверојатен Антички театар во кој се наоѓаме, сцената на „Охридско лето“, една од најважните културни знаменитости во Северна Македонија. И од друга страна, американската мегаѕвезда и културна икона, господинот Џон Малкович. Негувањето и зацврстувањето на врските меѓу нашите народи се неопходни за работата што ја вршиме во Американската амбасада, всушност овие врски се толку важни што ги сметаме за столбови на стратегискиот дијалог меѓу САД и Северна Македонија, заедно со регионалната соработка, одбраната и безбедноста, спроведувањето на законите, трговијата, инвестициите и енергијата“, истакна Мејер.