Активистите не го даваат Водно, иако МЕР понуди нова траса на гасоводот


Скопје, 16 јули, 2018 - 16:04 (META) 

Граѓанските иницијативи и здруженија во Владата ќе го пренесат својот непроменлив став против уништувањето на Водно.

Средбата во Владата на која ќе присуствува вицепремиерот Кочо Анѓушев е закажана за денеска во 17 часот.

Тие велат дека се задоволни што заеднички го увериле и убедиле Анѓушев за штетата што овој дел од гасоводот ќе ја предизвика врз Водно.

„Но, во исто време длабоко сме разочарани дека и покрај утврдувањето на фактичката состојба на терен, а знаејќи го значењето и вредностите на Водно, Владата се уште останува на ставот дека Водно треба да биде колатералната штета за спроведувањето на магистралниот гасовод кој ќе води од Скопје кон Тетово, Гостивар, Кичево и Косово. Ја поттикнуваме Владата и нејзините надлежни институции, да ги активираат сите свои механизми да го заштитат Водно и да најдат соодветно решение за гасоводот надвор од неговите граници“, се вели во соопштението.

Иницијаторите додаваат дека „грешките што се направени во минатото не треба да продолжат да ја загрозуваат нашата иднина, а последиците од спроведување на лоши проекти, кои воедно кршат ратификувани конвенции и ЕУ директиви.“

„Неколку годишно одложување на делот од магистралниот гасовод за да минува надвор од Водно, не значи никако дека домаќинствата кои се греат на дрва ќе можеле да преминат на гас во тој период. Магистрален гасовод е како една голема артерија која не носи крв до секоја клетка, односно до секое домаќинство. Знаејќи дека постојат и се разгледувани и други траси кои не водат низ парк шума Водно не можеме со чиста совест да се сложиме со било каква траса која што би поминала низ Водно. По заедничкото разгледување на трасата низ Водно, се покажаа основани тврдењата на граѓанските активисти за нејзината должина и импакт, наспроти мислењето базирано на информации кои им биле пласирани на вицепремиерот Кочо Анѓушев и претставници на МЕР“, додаваат иницијаторите.

Анѓушев и директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР), Бајрам Реџепи заедно со претставници од иницијативата „Го сакам Водно“ на 10 јули ја поминаа трасата по која треба да поминува гасоводот и тогаш претставниците на МЕР, понудија нова траса по која тој би требало да поминува.


„Теламон“ од САД ќе инвестира четири милиони евра и ќе отвори 300 работни места


Скопје, 13 јули, 2018 - 14:43 (META) 

Американската компанија „Теламон корпорејшн“ ќе добие државна помош за инвестиции во државата. Министерката задолжена за странски инвестиции Зорица Апостолска, информираше дека компанијата која се занимава со производство на кабли и е присутна на американскиот и пазарите во Мексико и Кина, планира почетна инвестиција во Инџиково од четири милиони евра и 300 нови работни места.

Апостолска посочи дека предвидената поддршка е во делот на поврат по основ на инвестициски вложувања, вработувања со плати над 18.000 денари, извоз, корпоративен и персонален данок.

– Граѓаните ќе го поддржат членството на нашата земја во НАТО и ЕУ, бидејќи знаат дека придобивките се огромни и имаат една голема и посакувана цел – подобрување на квалитетот на живот за сите“, рече во своето обраќање премиерот, Зоран Заев на потпишувањето на договорот.

Развојниот план на компанијата предвидува инвестицијата да достигне вредност од околу 11 милиони евра и отворање на 600 нови работни места.

– Ова е една од бројните странски инвестиции кои дојдоа во последните месеци во Македонија. Компанијата „Теламон“ има над 2.000 вработени, функционира во повеќе држави во светот и има 784 милиони долари промет на годишно ниво – рече вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Тој информираше дека првиот квартал во 2018 година, странските инвестиции бележат вредност од 235 милиони евра, што е повеќе од било кој квартал тргнувајќи од 2007 година па наваму.

Анѓушев оцени дека сите бројки покажуваат дека Владата е на добар пат за раздвижување на економијата и дека со санирање на нискоградбата се очекуваат позитивни резултати на целокупната економска слика во државата.


ВМРО-ДПМНЕ: Боро Стојчев не е единствениот од власта вмешан во криминал


Скопје, 12 јули, 2018 - 10:53 (META) 

Градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, не е единствениот функционер на власта за кој што постојат сериозни индиции за криминал. Наместо обиди за дефокусирање од големите криминали, јавноста очекува истраги за сомнителните милионски тендери на Заеви, Анѓушев и Спасовски. Заради нив Македонија е на дното на листите за корупција и срам за цела Европа, порача ВМРО-ДПМНЕ денеска.

„Доколку властите не поткренат истраги за милионските тендери во РЕК Битола и вмешаноста на камионите на Заеви, милионските тендери на Анѓушев, како и милионскиот тендер за набавка на возила за МВР распишан од Спасовски, ќе се потврдат сомнежите дека ова е само дефокус од милионскиот криминал. Овој случај само ја покажува криминогеноста на власта, дури и на нејзините најмали пипци“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека Зоран Заев и оваа власт не работат за Македонија, туку „на штета на државата и нејзините интереси и само за профитот на своите фирми“.


Анѓушев: Гасоводот мора да поминува низ Водно, но ќе има нова траса


Скопје, 10 јули, 2018 - 12:49 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР), Бајрам Реџепи, заедно со претставници од иницијативата „Го сакам Водно“ денеска ја поминаа трасата по која треба да поминува гасоводот, за лично да се уверат каква шума и зеленило ќе бидат уништени.

Анѓушев вели дека слушал различни спротивставени ставови за тоа колку шума треба да се исече и низ кои предели поминува проектот за гасоводот, и затоа сакал да ја види ситуацијата на терен.

– Jа поздравувам иницијативата на невладините организации, тие се коректор на политиките на секоја влада и како такви и денеска се уверивме дека делумно или во најголем дел биле во право во своите барања. Службите во МЕР напорно работеа заедно со невладините организации и мислам дека во најголем дел таа траса се искорегира. Можете да го видите проектот каде што таа претходно била замислена и како сега сите делници каде што може да биде уништена шума се избегнати. Но, и покрај тоа што е направено максимално избегнување каде што може, во еден дел мора да се помине низ шума. Таму ќе се користат шумските патеки кои се веќе постојни, за да се направат минимални оштетувања кои може да настанат. Се надевам дека ќе дојдеме до заеднички јазик како оваа делница да се изгради – рече Анѓушев.

Тој уште еднаш повтори дека, ако се пролонгира градењето на гасоводот тоа ќе значи дека многу домаќинства ќе продолжат да се греат на дрва и во наредните пет години.

– Во тој случај несразмерно многу шума ќе се исече за греење од тоа што тука би се оштетила, а тоа сега ќе биде минимално. Ги охрабрив во МЕР и како Влада им наложивме да направат максимални напори, секое дрво кое може да се избегне за да биде исечено, тоа да биде така направено. Мислам дека веќе се постигна оптимална траса низ која што ќе има минимални оштетувања. Се работи за 70 отсто помалку оштетувања од тоа што беше првобитно замислено. Доколку и понатаму имаме желба да направиме еколошки потфат, како што е градењето на гасоводот, треба да бидеме согласни да продолжиме – додаде Анѓушев.

Тој вели дека ќе инсистира невладините организации и еколошките здруженија до крај да бидат вклучени во проектот, односно да бидат надзор.

– Покрај градежниот надзор, кој ќе постои согласно закон, и ќе биде ангажиран од страна на МЕР, ќе барам здруженијата да бидат дополнителен надзор на градењето на оваа траса. Се што може да се измени и прилагоди, за да има што е можно помал импакт на животната средина – додаде тој.

Андреа Јанков од иницијативата „Го сакам Водно“ вели дека ова се некои начелни, прелиминарни проекти кои се прават од изведувачите на основниот проект.

– Останува да продискутираме за овие дадени предлози со кои навистина се намалува импактот врз Водно. Од претходните четири километри шумски појас уништување, сега се намалува на два, се јавува теснење односно користење на постоечки патеки. Но, останува да продолжиме со разговорите, за да добиеме адекватно решение со кое сите би биле задоволни – вели Јанков и додава дека нивната работа допрва започнува со будење на граѓанската свест, за да ги натераат граѓаните да учествуваат во овие случувања, за да ги освестат, за тоа што значи Водно за нив.

Во однос на користење на друга траса за изградба на гасоводот и комплетно избегнување на Водно, директорот на МЕР, Реџепи вели дека „ги разгледале опциите и направиле длабока анализа, но биле врзани со рокови.“

– Имаме договори спрема банки и други субјекти, поднесовме анализа до Влада, но ќе имаше одложување на проектот три до четири години минимум. Заради другите обврски што ги имаме Владата одлучи да одиме по постоечката траса – додаде Реџепи.

Тој потсети дека идејниот проект за овој гасовод бил изготвен во 2010 година и дека во 2016 година било дадено одобрението за градба.


Анѓушев и Манчевски учествуваат на Самитот за Западен Балкан во Виена


Виена, 4 јули, 2018 - 10:10 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски учествуваат на работен состанок на министри за економски ресори, што се одржува во Виена, како активност во рамки на Петтиот самит за Западен Балкан, информираат од Влада.

Анѓушев ќе се обрати на сесија на која ќе се дискутира за регионалната економска област, а обраќање на таа сесија ќе има и еврокомесарот Јоханес Хан, како и други министри од регионот. Манчевски, ќе учествува на сесијата насловена „Колективни пристапи кон дигитализиран Западен Балкан“, каде што ќе даде осврт на активностите кои Владата ги спроведува во оваа насока.

Самитот за Западен Балкан, се организира во рамки на таканаречениот „Берлински процес“, инициран од Сојузна Република Германија, а поддржан од Обединетото Кралство, Франција, Австрија и Италија.

За разлика од досегашниот концепт на еднодневна конференција, годинава официјалниот дел  ќе се одвива во три дена, денеска е сесијата на министрите за економија во Виена, на 9 јули ќе има паралелни сесии на министрите за надворешни и за внатрешни работи, а ден потоа се состануваат претседателите на Влади во Лондон.


Анѓушев: Рударството е важно, треба да се смени перцепцијата на граѓаните


Скопје, 12 јуни, 2018 - 13:39 (META) 

Во Македонија кога ќе се спомне рударство се раѓаат негативни чувства, мора да отвориме дискусија зошто е тоа така рече денеска вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев на отворањето на 3. Европски форум за рударство и истражување „Minex Europe 2018“  организиран од Стопанска комора на Македонија.

– Мој заклучок е дека таквата состојба е генерирана од неодговорниот однос на дел од концесионерите кои не ги запазувале критериумите на совесно работење и на совесни стопанственици, со цел да направат поголем профит. Иако профитот е основниот генератор на бизнисот од кој и државата има интерес преку собирање данок, исто така, мора да се води сметка и за заштита на човекот и на животната околина – рече Анѓушев.

Во своето обраќање, вицепремиерот ја истакна важноста што рударството ја има во целокупната индустрија, како сектор каде се вработени над 10.000 луѓе.

– Според последните податоци во април 2018 година во споредба со април 2017 регистрирано е  зголемување од 1,3 отсто на вработените во овој сектор . Рударството и вадењето камен учествува со 8,31 отсто во индустриското производство на земјата. Овие бројки покажуваат дека придонесот во индустријата е значаен, пред се преку рудниците кои се отворени пред многу години и денеска работат успешно – додаде тој.

Анѓушев ги повика компаниите од овој сектор поблиску да соработуваат со локалното население и да ги разјаснат сите отворени прашања и дилеми. Комуникацијата, според вицепремиерот, треба да се одвива во насока на едукација и информирање за стандардите и процесите што ги применуваат во експлоатацијата на минералите, како и непостоењето закана за животната околина и земјоделското производство.

Анѓушев најави усогласување на македонското законодавството со европското законодавство со цел заштита на интересите на државата.


Анѓушев и граѓаните ќе ја разгледуваат трасата на гасоводот низ парк-шума Водно


Скопје, 7 јуни, 2018 - 9:44 (META) 

На повик на вицепремиерот Кочо Анѓушев, вчера, претставници од граѓански инцијативи се сретнаа со него, заедно со директорот на МЕР, Бајрам Реџепи, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и шефот на неговиот кабинет, Никола Наумоски, во просториите на Владата.

„Некој го довел во заблуда вицепремиерот дека се работи за шума од 600 метри до максимален потег од еден километар која би се исекла при изградба на гасоводот на Водно. Податоците на граѓанските иницијативи и теренското разгледување на трасата предводено од изведувачот „Рапид Билд“ укажуваат на сосема друга, далеку подраматична состојба за степенот на уништување на шумите и биодиверзитетот кој би настанал при изградбата на гасоводот во парк-шума Водно“, се вели во соопштението на граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“.

Во него се додава дека вицепремиерот Анѓушев иницира да се оди заедно по трасата на Водно за да се направи увид на штетата која би настанала. Терминот ќе се утврдува понатаму.

Граѓанските иницијативи остануваат на ставот дека се против изградбата на гасовод низ парк-шумата Водно. Една од причините како што велат, е што парк-шума Водно е заштитено подрачје, дом на загрозени, ретки и ендемични видови.

Од таму велат дека имајќи предвид дека постои алтернативно решение кое поминува од северната страна на Скопје и кое било разгледувано во 4 од можните 5 варијанти на оваа траса, штетите нанесени на парк-шума Водно се неоправдани.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев, пак, на прес-конференција рече дека ако се промени трасата на гасоводот од Водно, изградбата ќе се одложи до пет години и треба да се вложат сите средства уништувањето на зеленилото да се сведе на минимум, а потоа сè што ќе биде уништено да се санира и да се надомести со ново зеленило.


Анѓушев: Никој не може да каже дали струјата ќе биде поевтина


Скопје, 30 мај, 2018 - 13:47 (META) 

Никој со сигурност не може да каже дали цената на електричната енергија во иднина ќе биде пониска. Тоа е како да прашате, дали цената на нафтата или на некој метал ќе биде пониска, одговори денеска вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев на новинарско прашање во врска со цените на струјата согласно новиот Закон за енергетика.

– Сепак можам да гарантирам дека со новиот Закон, цената на електричната енергија за граѓаните секогаш ќе биде поповолна во споредба со тоа што го нудеше претходниот. Компаниите ќе мораат своите трошоци да ги вклучат на некаква маргина над набавената електрична енергија и тука ќе биде нивната конкуретност. Законот стимулира пазарно ориентирани компании, што на конкуретна основа ќе бидат стимулирани да ги намалуваат непродуктивните трошоци – рече Анѓушев.

Тој појасни дека ова се овозможува со механизмот на универзален снабдувач, што се воведува со Законот.

Согласно новото законско решение треба да биде објавен оглас за универзален снабдувач во рок од 90 дена од стапување во сила на Законот. Тие 90 дена веќе течат, со оглед на тоа што законот неодамна беше донесен, а универзалниот снабдувач ќе се избира на тендер и во тој избор повеќе нема да има признавање на непродуктивни трошоци од страна на Регулаторната комисија.

– Ќе има голем бенефит за компаниите и за сите кои сакаат да бидат на слободниот пазар, бидејќи средните компании денес плаќаат 140 до 150 евра по мегават час, а нивната конкуренција од Европа плаќа 50 до 60 евра мегават часови. Ова им овозможува тие да се борат на светиот пазар  – рече Анѓушев.

Тој нагласи дека во моментов во земјата за тргување со електрична енергија се лиценцирани над 50 компании, додека за снабдување над десет.


Државата останува на ставот за зголемена акциза на дизелот


Скопје, 29 мај, 2018 - 16:56 (META) 

Државата нема да преземе мерки во однос на континуираниот пораст на цената на нафтата и нафтените деривати и останува на ставот дека мора да остане акцизата за дизелот која од оваа година е зголемена за 3,5 денари, одговори на новинарско прашање вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, во врска со поскапувањето на горивата.

Тој вети мерки кои се однесуваат на транспортерите кои работат со странство.

Методологијата за пресметка на цените нема да се менува, се додека не одлучи Регулаторната комисија за енергетика. Не може да се укине ниту ставката за производство, која подразбира во цената на нафтата да се вкалкулираат и 27 долари по тон за нафта произведена во државата, иако не се произведува гориво веќе шест години.

Такво нешто, според најавите, може да се очекува дури догодина кога истекува важноста на договорот потпишан меѓу владата и „Хеленик петролеум“ во 1999 година.

„Државата мора да ги почитува обврските од меѓународните договори, кога ќе истече овој, ќе се ослободиме од таквите клаузули“, додаде Анѓушев.


Анѓушев: Промената на трасата на гасоводот од Водно ќе ја одложи изградбата за пет години


Скопје, 29 мај, 2018 - 16:46 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев смета дека, ако се промени трасата на гасоводот од Водно, изградбата ќе се одложи до пет години. Затоа, како што одговори на новинарско прашање, треба да се вложат сите средства уништувањето на зеленилото да се сведе на минимум, а потоа сè што ќе биде уништено да се санира и да се надомести со ново зеленило.

– Со интервенции во самата траса на градење е направено да се минимизира уништувањето на шумата Водно и ќе биде минимизирано оштетувањето, а Владата ќе биде ригорозна во компензација на се што ќе биде уништено. Јас лично ќе бидам поборник на тоа, за секое исечено дрво, да се засадат најмалку десет, и мислам дека решението треба да го бараме во тој правец. При секој инфраструктурен проект се што ќе биде уништено во животната средина треба биде многукратно надополнето од инвеститорите во тој процес – рече Анѓушев.

Тој додаде дека и да се промени трасата на гасоводот, повторно ќе има ситуација во која ќе треба да се уништи дел од некоја природна убавина, бидејќи нема градење на каков било инфраструктурен проект, кој нема да влијае на животната средина.

Вчера, граѓанските иницијативи за спас на Водно соопштија дека постои алтернативно решение за изградба на гасоводот кое поминува од северната страна на Скопје и затоа сметаат дека штетите нанесени на парк-шумата Водно се неоправдани.