Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) поднесе барање до Судски совет за поведување на постапка за утврдување на одговорност на судијата Јованка Спировска Панева од Основен граѓански суд Скопје за сторена дисциплинска повреда – нестручно и несовесно вршење на судиската функција, информираат од ЗНМ.
На 13-ти октомври се одржа рочиште за постапка поведена по поднесена тужба за утврдување на граѓанска одговорност за навреда и клевета од Кочо Анѓушев, поранешниот вицепремиер во Владата на РСМ против Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и главниот и одговорен уредник Сашка Цветковска за објавената сторија со наслов „Заговор против воздухот“ објавена на 16.05.2021 година.
По извршениот распит на странките, судијката Јованка Спировска Панева која го водела рочиштето побарала од новинарите и останатите лица кои беа во својство на јавност да ја напуштат судницата со усно образложение дека ќе се изведе доказ „Соочување на странки“ бидејќи изведувањето на овој доказ бара исклучување на јавноста. Оваа постапка го попречила и следењето на рочиштето кое ЗНМ со години го има како пракса во случаи како странка се јавува медиумски работник.
„Како Здружение кое со години се бори за слобода на изразување и за правото на јавноста да биде информирана преку информациите што ги пренесуваат новинарите, нивното исклучување од судница за случај кој се води против нив, а поведен од високи функционери нема апсолутно никаква законска оправданост. Според одредбите од Законот за парнична постапка и според нашето сознание на рочиштето ниту се оддавала службена, деловна или лична тајна, ниту се нарушува јавниот ред, ниту пак е спротивно на општо прифатените морални вредности“, стои во соопштението на ЗНМ.
Од ЗНМ бараат одговорност од судијката за оваа постапка, а од Судскиот совет на РСМ да поведе постапка за утврдување на дисциплинска одговорност согласно доставените докази и посочените законски одредби против судијата Јованка Спировска Панева и да изрече дисциплинска мерка согласно чл.78 од Законот за судовите на РСМ.
„Нагласуваме дека новинарите не смеат да бидат третирани како јавно зло бидејќи не работат на штета на граѓаните, туку во нивна корист. Не треба да бидат замолчувани без право на пристап до информации, посебно во случаи каде тие се страната која е тужена заради завршена истражувачка работа. Ваквите постапки се директен напад на слободата на изразување која се темели на препораките поставени од Советот на Европа и Европската конвенција за човекови права“, порачуваат од ЗНМ.