Извор на фотографија: Влада на РСМ

Велешката компанија „Брако“ денеска ја промовираше новата инвестиција од 8 милиони евра во производствени погони, хали и машини, како и првото македонско хидрогенско возило за чистење улици и јавни површини кое веќе се извезува.

Премиерот Зоран Заев денеска беше во посета на „Брако“, при што истакна дека е горд што повеќе од 60 инженери, кои што се дел од „Брако“ и „Грин машинс“, стојат зад напредното технолошко, целосно еколошко возило, со кое што компанијата, а со тоа и државата, е конкурентна на светскиот пазар.

„Современата трансформација на компанијата, резултира со создавање на производи што се продаваат на глобалниот пазар, како „Грин машинс“. Особено е значајно тоа што целиот нивен развој се одвива токму тука, во Велес, што значи тие се производ на Северна Македонија, од првичната идеја до конечната реализација. Ова што го создава „Грин машинс“ докажува дека фосилните горива и нивната примена во секојдневниот живот полека стануваат дел од историјата. За вакви извонредни иновации слушаме од сите страни на светот, а мене ми е особено мило што такво едно еколошко решение е создадено токму во Северна Македонија“, изјави Заев.

Тој додаде дека Владата е тука да ги поддржи компаниите да ја зајакнат својата структура, да го зголемуваат извозот, да бидат иновативни и да произведуваат производи со поголема додадена вредност.

Кочо Анѓушев, сопственик и претседател на бордот на директори на „Брако“, како и поранешен вицепремиер, рече дека иднината на македонската индустрија се производите со поголема додадена вредност. Тој го претстави првото во светот водородно возило, односно возило на хидрогенски погон коешто е наменето за чистење на улици. Станува збор за развиено и произведено возило во Велес, и е дело на инженерите во „Брако“.

Важно е дека просечна старост на инженерите е под 30 години и тројца од нив студирале на светски универзитети, по што се вратиле да работат во „Брако“ во Велес. Веќе две од овие иновативни возила се продадени во Холандија, рече Анѓушев. Тој промовираше и уште едно иновативно возило произведено од нивната компанија.

„Навистина сум горд што денес можеме да ги промовираме овие возила, пред сѐ, возилото на водороден хидрогенски погон кое што е комплетно развиено како најнова технологија што е иднина во светот. Исто така, горди сме што во „Брако“ во Велес се произведе машина за чистење и метење улици, со големина и капацитет што се први во светот“, рече Анѓушев.

Македонските „зелени машини“ за чистење на јавни и отворени површини, се извезуваат во Лондон, во Холандија, Австрија, Германија, Вашингтон и на други места во светот.