Откако САД го прогласи за неподобен во земјата, Анѓушев ќе се жали

Силно ги негирам сите сомневања изразени во документот објавен од почитуваниот Стејт Департмент, ќе ја обжалам одлуката и ќе ги искористам сите правни лекови наведени во самиот документ, се огласи Анѓушев, откако САД му забрани влез во земјата со тврдење дека ја злоупотребил својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси

Фото: Феро Инвест

Откако Соединетите Американски Држави (САД) го прогласија Кочо Анѓушев, поранешен вицепремиер на Северна Македонија, како генерално неподобен за влез во САД поради неговата вмешаност во значително висока корупција, тој реагира преку соопштение, велејќи дека ќе ја обжали одлуката.

„Силно ги негирам сите сомневања изразени во документот објавен од почитуваниот Стејт Департмент и сакам да известам дека ќе ја обжалам одлуката и ќе ги искористам сите правни лекови наведени во самиот документ во правец на повлекување на оваа одлука, која ја сметам за непотребна во рамките на заложбите на нашите пријатели, Соединетите Американски Држави, за борба против корупцијата“, се вели во соопштението на Феро Инвест, каде што Анѓушев е извршен директор.

Тој вели дека има фирми во Велика Британија, Германија, Холандија и во САД, и е американски даночен обврзник, партнер и соработник со значајни економски субјекти и личности во САД.

„Во текот на мојот мандат во Владата од 2017-2020 година работев со целосно почитување на сите закони и уставни одредби на државата, и во интерес на македонската економија и на демократските принципи на кои почива нашата земја. Четири години по моето самоиницијативно повлекување од Владата, нема никаков судски процес за било кој сегмент од моето работење, од причини што за тоа нема никакви основи“, вели тој.

Од Стејт департментот денеска известија дека додека ја извршувал функцијата вицепремиер, „Анѓушев ја злоупотребил својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси“, се вели во денешното известување од Стејт департментот.

Во него се додава дека овој потег покажува дека „САД стојат со оние во Северна Македонија кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери“.

Како генерално неподобни за влез во САД на листата се ставени и сопругата на Анѓушев, Елизабета, и неговите две деца.

„Денешното означување на поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев и неговото семејство е уште еден доказ дека САД ќе продолжат да ги санкционираат корумпираните актери во оваа земја и во регионот, без разлика на нивната позиција, политичка определба или времето кога се направени злоупотребите. Ќе следуваат повеќе означувања, но факт е дека нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција во Северна Македонија. Конечно, останува на функционерите и на граѓаните на оваа земја да бараат одговорност и промени“, напиша на својот профил на Твитер Анџела Агелер, амбасадорка на САД во земјава.

Црвен картон од САД за Кочо Анѓушев – прогласен за неподобен за влез во земјата