„Еуроникел индустри“ ја стартуваше втората печка во кавадаречки ФЕНИ

Втората печка за топење никелова руда во поранешен ФЕНИ денеска беше стартувана со работа. Една година по влегувањето во комбинатот, новиот сопственик „Еуроникел индустри“ го одбележа успешното работење и ги најави натамошните планови за работа.

На денешната свеченост во кругот на фабриката присуствуваа премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев.

– Овој комбинат е клучен за овој регион затоа што вработува 1.000 наши сограѓани кои егзистираат токму од работата во „Еуроникел индустри“, но и затоа што е столб во креирањето на бруто домашниот производ и е, на еден начин, мотор на економскиот развој – изјави премиерот Зоран Заев.

Во изминатава година во комбинатот се инвестирани над 80 милиони евра, а направена е дополнителна инвестиција само во втората печка во износ од 15 милиони евра. Кавадаречкиот комбинат постанал еден од најголемите извозници во државата.

Откако се спроведува планот за реорганизација, „Еуроникел“ само со една линија постигнал производство од речиси 1.500 тони никел месечно. Со активирање на втората печка, оперативниот капацитет на „Еуроникел“ дополнително се зголемил и планот за следната година е производство на 20.000 тони никел годишно.

Вицепремиерот Кочо Анѓушев истакна дека кавадаречкиот комбинат во моментов учествува со 5 отсто од извозот во нашата држава, додека со активирањето на втората печка неговото учество во извозот и во БДП ќе се зголеми.

Инвестицискиот фонд ГСОЛ од Швајцарија лани го презеде управувањето со кавадаречкиот комбинат ФЕНИ, којшто привремено не работеше. „Еуроникел индустри“ од Кавадарци во моментов вработува околу 1.000 лица.