Морбили, вакцинација, заразени: Епидемијата низ бројки и факти


Скопје, 11 февруари, 2019 - 16:11 (META) 

Не стивнува епидемијата на морбили. Бројот на лица со симптоми на морбили секојдневно се прегледуваат и хоспитализираат во болниците, а најкомплицираните случаи се на Клиниката за инфективни болести. Денеска поради компликации од ова заразно заболување, почина тринаесетмесечно бебе, кое е трета жртва во рок од само неколку дена.

– Болеста може да се спречи единствено со вакцинација. Апелираме уште еднаш до сите родители најодговорно да ги сфатат препораките за вакцинирање со МРП вакцината која заштитува од ова сериозно заболување. Вакцините се со проверен и гарантиран квалитет – велат во Министерството за здравство.

Во епидемијата, досега евидентирани се 201 лице заболено од морбили. Возраста на заболените се движи од 1 месец до 51 години. Како што информираат во Институтот за јавно здравје, од вкупниот број на заболени, 115 (57,2 отсто) се на возраст до 4 години, а 44 лица (21,9 отсто) на возраст над 30 години.

– Според вакциналниот статус, 144 или 71,6 отсто од заболените лица се невакцинирани, некомплетно вакцинирани или со непознат вакцинален статус. Од вкупниот број на заболени, 103 лица односно 51,2 отсто се лабораториски потврдени. Од почетокот на на епидемијата, вкупниот број на вакцинирани лица изнесува 8.434, од кои 5.900 лица се на територијата на град Скопје – велат оттаму.

Остануваат на сила претходно препорачаните мерки и активности кои ги превземаат Центрите за jавно здравје, Институтот за jавно здравје, Министерството за здравство, ДСЗИ и вакциналните тимови во пунктовите за вакцинација.

ФАКТОГРАФИЈА  

На почетокот на епидемијата (3 јануари) 15.000 деца во Скопје на возраст до 14 години немаа примено МРП вакцина

Во екот на епидемијата, на ниво на држава досега се вакцинирале влупно 8.434 лица, од кои 5.900 се на територија на град Скопје

Во екот на епидемијата, наместо на 12 месечна возраст, вакцина се прима на 9 месечна возраст

Секој ден се прегледуваат од 3 до 10 пациенти на ден со симптоми на мали сипаници

Досега во епидемијата во Скопје, од морбили заболело 201 лице

Во рок од неколку дена, 3 деца починаа од компликации од морбили


На Инфективна од морбили се лечат 20 пациенти


Скопје, 14 јануари, 2019 - 12:42 (META) 

На Клиниката за инфективни болести во моментов од морбили се лечат вкупно 20 пациенти. Од пред два дена, примени се шест нови заразени пациенти, од кои пет се деца на возраст од девет месеци до две и пол години, како и една девојка на возраст од 24 години. На инфективната клиника има посебни оддели за овие пациенти.

Докторите прогнозираат дека бројот на заболени допрва ќе расте.

Од Министерството за здравство, за „Мета“ информираат дека до крајот на неделава, Комисијата за заразни болести ќе донесе конечна одлука дали ќе се пролонгира распустот.

Министерот Венко Филипче изјави дека се размислува за можноста, со теренска вакцинација, да бидат вакцинирани со МРП вакцина сите невакцинирани ученици на првиот ден од почетокот на второто полугодие.

– Процентот на невакцинирани деца е голем кај децата кои одат во градинка. Нешто подобар е процентот на школски деца. Сепак, на состанок со епидемиолозите ја дискутиравме оваа можност, ако продолжи епидемијата, опција да биде теренската вакцинација на првиот училиштен ден – рече Филипче.

Здравствените власти препорачуваат, сите кои имаат клиничка слика за морбили (откако тоа ќе го утврдат матичните педијатри), да одат на Клиниката за инфективни болести, а не на Клиниката за детски болести.
Епилог во врска со случајот со залепени погрешни декларации на вакцините, се очекува до крајот на неделава.

Во моментов, Агенцијата за лекови „Малмед“ прави увид во вакциналните пунктови во кои имаше вакцини со погрешни декларации. Филипче уверуваше дека грешката е техничка и дека сепак вакцините се исправни, квалитетни и безбедни за користење.

Откако беше прогласена епидемија пред 11 дена, досега со МРП се вакцинирани околу 1.900 деца.


ВМРО-ДПМНЕ: Симптомите на починатите лица биле третирани крајно несериозно


Скопје, 26 јули, 2017 - 19:36 (META) 

За само три дена, негрижата и неспособноста на министерот за здравство, Арбен Таравари, однесе два човечки животи на возраст од 23 и од 47 години, а според нашите информации, во животна опасност се уште шест лица кои се во моментов на Клиниката за инфективни болести, изјави на прес-конференција Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа додаде дека изминатите неколку дена симптомите кај веќе починатите две лица биле третирани крајно несериозно и воопшто не биле преземени мерки од надлежните во здравството.

– Бидејќи се работи за вирусен причинител кој брзо се шири помеѓу луѓето, не биле преземени карантински мерки и веќе починатите воопшто не биле третирани во карантин. Постојат сериозни индиции дека болеста е раширена и помеѓу луѓето со кои биле во контакт, како и кај здравствениот персонал кој работи во клиниките во Гостивар и во Скопје. Според нашите информации, причината за немањето дијагноза за причинител од која починаа две лица, а шест се во животна опасност, е тоа што нема реагенс во Институтот за јавно здравје – изјави Стојаноска.

Таа додаде дека „негрижата, неспособноста и одговорноста во овој случај припаѓа токму на министерот за здравство Таравари“.